25 Април, 2024
0.0308

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Објавено во: Колумни 28 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е професор на Економскиот факултет во Штип и дел од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања – во третата нивна колумна за Фактор одговараат на тоа кои се предизвиците за македонскиот извоз во вакви услови, дали треба Владата со посебна мерка да им помогне и на странските инвеститори, но и за прашањето за девалвација на денарот

Прогнозите се дека македонскиот извоз годинава може да падне за 20 отсто. Можеме ли и кога да се вратиме на старите патеки на раст на извозот кој значајно придонесуваше за македонскиот БДП?

Битиќи: Секако, како и сите други сектори кои што се погодени од ефектите на корона вирусот, така и извозот е директно поврзан со истото. Ако ја видиме структурата на компании како и сектори кои го креираат извозот, во суштина таа е поврзана со индустриите кои што на светско ниво директно и најмногу се погодени од пандемијата. Но секако свесни за последиците, сите три сета на мерки се насочени токму кон намалувањето на ефектите и падот на БДП. Еве, ќе споменам неколку мерки, кои се надевам дека ќе го ублажат ударот и ќе креираат нова вредност: 

Нови 25 милиони евра за приватниот сектор - за нови пазари, конкурентност и модернизација кои би требало да таргетираат компании особено тие кои што се извозно ориентирани.

Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг, каде за прв пат државата го користи овој механизам на ко-гарантирање на кредити со цел за полесен пристап до капитал и финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Истиот механизам ќе се употреби и за обезбедување на царинските обврски од страна на компаниите, за да се поддржи извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании.

Не треба да се заборават и мерките кои се насочени текстилниот сектор како и земјоделие, кои во овој период покажаа потенцијал за зголемување на извозот.

Сите овие мерки како и другите мерки веќе претходно презентирани во претходните колумни сметаме дека директно ќе придонесат за подобрување на состојбите со  во износ на извозот.

Лазаров: Македонија има системски проблеми со извозната конкурентност и во периодот пред кризата.Ако ги погледнеме извозните перформанси на македонската економија во 2019 година ќе забележиме продлабочување на трговскиот дефицит за 13% или во апсолутен износ зголемување за 228 милиони евра. Тоа е резултат на поголемиот раст на увозот во однос на извозот, што е сигнал за губење на извозната конкурентност на земјата и потврда за лошите економски политики на оваа Влада во изминатиот период. Таквите негативни тенденции продолжија и во првите два месеци од 2020 година кога беше забележана најниска стапка на раст на извозот од само 3.4% (3 пати помала од истиот период лани), наспорти растот на увозот од 5%, што предизвика дополнително продлабочување на јазот во нето-извозот.

Појавата на кризата само ги засили тие негативни тенденции и тоа многу порано и многу посилно од првичните очекувања. Имено, веќе во месец март имаме огромен пад на извозот кој се очекува да биде најголем во вториот и третиот квартал од годината, што значи дека очекувањата и проценките за падот на македонскиот извоз од 20% може да бидат оптимистични. Како и кога ќе се консолидира извозниот сектор ќе зависи од тоа колку брзо ќе се врати светската побарувачка во нормала, но истовремено и од тоа колку успешно ние ќе се консолидираме. Имајќи во предвид дека единствена развојна алтернатива на македонската економија е градење на конкурентен извозен сектор,  целиот фокус на економската програма на ВМРО-ДМПНЕ е токму во насока на системска поддршка на домашните извозни компании кои можат да ја подигнат македонската економија во пост-кризниот период. Ова треба да биде ера на еден нов развоен модел кој конечно ќе обезбеди сериозен исчекор во подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, но не со флоскули и празна реторика како што некој сега се обидува, туку со јасно дефинирана стратегија и прецизна методологија.


Треба ли да се креира посебна мерка за помош на странските инвеститори кои беа клучни во креирањето на извозот?

Битиќи: При креирањето на мерките кои се одговор на кризата предизвикана од КОВИД – 19 го гледавме стопанството како целина при што секако внимаваме да помогнеме онаму каде што е потребно и на оние кои се погодени од кризата.

Веќе претходно ги споменав новите мерки од третиот сет кои ќе го стимулираат извозот и ќе дадат поддршка за компаниите, вклучително и странските инвестиции, но не треба да заборавиме и што нудеа претходните два сета економски мерки кои беа наменети за интервентно делување и амортизација на првиот удар на кризата, преку кои се обезбедува ликвидноста и на домашните и на странските компании и зачувување на работните места.

Преку бескаматните кредитни линии за микро, мали и средни претпријатија, финансиска поддршка за исплата на плати или субвенционирање на придонесите. Сите овие мерки ги опфаќаат сите компании, вклучително и странските.

Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари за исплата на плати за април досега се исплатени средства кон 19.201 компанија кои вработуваат повеќе од 125.000 вработени. А има и уште барања кои се обработуваат кои ќе бидат реализирани во текот на оваа недела. Во овие компании влегуваат и странските инвестиции.

Дополнително, редовно се сервисираат сите обврски кон сите компании кои имаат склучено договори за користење на државна помош.

Владата предводена од СДСМ е партнер на сите, ги разгледуваме сите барања од стопанските комори, асоцијации и здруженија на компании, вклучувајки ги и странските.

Врз основа на тоа правиме детални анализи и развиваме мерки кои треба да одговорат на реалните потреби на економијата.

Лазаров: Од информациите кои излегоа во јавноста видовме дека дел од странските инвеститори во ТИР зони се корисници на средства од вториот сет на мерки за субвенционирање на плати за месец април. Но, тоа со сигурност нема да биде доволно со оглед на фактот што ударот врз извозот допрва ќе следи во вторниот и третиот квартал од годината за кој период Владата нема предвидено никаква поддршка. Дополнително, од барањата на Советот на странски инвеститори во земјата видовме еден сет на предлози кои можат да бидат исклучително корисни во амортизирање на последиците од кризата. Но, со оглед на политичката состојба во која влегуваме, мала е веројатноста дека во оваа фаза може нешто да се направи во таа насока. Затоа ние често пати апелиравме дека Владата реагира многу бавно и задоцнето во креирање на некакви мерки, повеќе под притисок на јавноста и засегнатите стране, отколку како сопствена иницијатива да се помогне вистински на економијата.

Во тој контекст, она што загрижува е тоа што Владата нема никаков план за поддршка на домашните извозни компании кои се многу поранливи (немаат сигурно пазари и партнери,  имаат помала ликвидност и пониско ниво на конкурентност) поради што ќе бидат многу повеќе погодени од кризата. Имено,  наместо популистички да најавува и ветува сеуште недефинирани мерки за индустријата кои наводно ќе важат од септември, Владата требаше веќе да има операционализирано план со конкретни мерки за поддршка на домашните извозно ориентирани компании со оглед на фактот што извозот веќе во месец март бележи пад од 26.8%, а тој пад ќе биде многу поголем во месеците кои следат.

Има ли услови за намалување на вредноста на денарот - девалвација?

Битиќи: Во моментов девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво од околу 3 милијарди евра, што е двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година. Народната банка располага со низа инструменти со коишто гарантира дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен.

Народната Банка скоро секојдневно споделува информации ги споделува со граѓаните се со цел да се растрга маглата од дезинформации и шпекулации по основ на ова прашање.

Во проекциите на сите релевантни меѓународни институции се посочува дека нивото на девизните резерви е и ќе остане адекватно и дека не се очекува на ниту еден начин да биде загрозена стабилноста на денарот.

Ниту од Народната банка, ниту од релевантните меѓународни институции не се очекува пораст на стапката на инфлација, односно не се очекува пораст на цените.

Дефицитот на тековната сметка е на умерено ниво и според проекциите тој и натаму ќе биде на умерено ниво, а надворешниот долг останува во зоната нa умерено ниво, при негово намалување минатата година.

Банкарскиот систем е стабилен и според сите показатели е подготвен не само да се справи со шокот од ковид-19, туку и натаму, континуирано да испорачува кредитна поддршка за македонската економија и да придонесе таа полесно и побрзо да се справи со предизвиците од корона-кризата.

Сето ова укажува на тоа денарот е и ќе остане стабилен, и граѓаните и стопанството треба да бидат спокојни по ова прашање.

Лазаров: И покрај тоа што сме сведоци на одредени шпекулации во јавноста во изминатиот период, сепак такви услови за намалување на вредноста на денарот или девалвација на девизниот курс не постојат. Имено, Народната Банка има силен механизам преку девизните резерви да ја одржи стабилноста на девизниот курс, а со тоа и макроекономската стабилност на земјата. Тоа значи дека сите граѓани и бизнис секторот треба да бидат спокојни и едноставно треба да останат смирени без било каква паника која би можела да биде само контрапродуктивна.

Сепак, постојат одредени предизвици кои треба внимателно да се следат со оглед на непредвидливоста на кризата од аспект на нејзината јачина и временскиот период на нејзино траење. Во последниот извештај и проекции на Народната Банка беше нотирано дека ќе се продлабочи дефицитот во тековната сметка, при што, се очекува во 2020 година да порасне на 3.2% од БДП. Таквиот дефицит во најголема мера ќе биде резултат на влошување на трговксата размена и зголемување на трговскиот дефицит, но истовремено и резултат на намалување на дознаките од странство. Истовремено, треба да очекуваме сериозно забавување на приливот на странски инвестиции со оглед на фактот што дел од компаниите ги имаат пролонгирано своите инвестициски активности, додека други потенцијални инвеститори е тешко да се очекува годинава. Да не заборавиме дека и лани имавме пад на СДИ за повеќе од 100% споредено со 2018 година.

Таквото забавување на СДИ ќе има негативно влијание врз финансиската сметка и заедно со трговскиот дефицит и падот на дознаките ќе ја влоши позицијата на платниот биланс, што ќе мора да биде компензирано преку заемите што државата планира да ги направи од странски извори. Ова само укажува дека најголемиот терет ќе падне врз јавниот долг кој до крајот на годината ќе достигне едно критично ниво.


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД