26 Април, 2024
0.0333

Трамп го затвора отвореното небо!

Објавено во: Колумни 29 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател Доналд Трамп продолжува во свој стил. Да укинува договори кои изминативе години придонесувале за каква-таква воена стабилност, пред се во Европа. Минатиот четврток тој го затвори отвореното небо. Најави дека САД за шест месеци ќе излезат од Договорот за отворено небо потпишан од 34 држави. На тој начин Америка излегува од уште еден стратешки договор. Паралелно Американците најавија дека по 30 години можат да ги обноват нуклеарните испитувања. Згора на тоа од Вашингтон се слушаат закани за Кина и за Русија.

Што е Договорот за отворено небо? Тоа е спогодба од 1992 година потпишана од САД и Русија и уште 32 други држави, меѓу кои и 27 членки на НАТО. Тој им овозможува на потписниците да вршат инспекциски летови со авиони над туѓи територии за да ги следат активностите на вооружените сили. Количеството на таквите летови и техниката се договараат претходно. И има систем на квоти. Овој договор е важен за земјите кои немаат можност за следење од вселената. Така што авионското  набљудување за нив е единствениот начин за добивање податоци за некакви воени активности на соседните држави,на пример.

Така во 2014 година во време на украинската криза на украинските авиони не им беше дозволено да летаат над Русија, но затоа Американците полетаа и можеа да ги видат руските воени сили близу до украинската граница. САД реагираа и можеби и тоа беше поводот Русија отворено да не се меша во настаните во Донбас. Според Договорот земјата која набљудува е должна да ги сподели сите собрани податоци-снимки со земјите потписници. Инаку, идејата за отворено небо е многу стара. Во јули 1955 година американскиот претседател Двајт Ајзенхауер предложи потпишување на таков договор. За да се намали ризикот од воени недоразбирања и нуклеарна војна. Тогашниот руски претседател Никита Хрушчов го отфрли тој предлог.

Американско-руски претензии

Кој е поводот за напуштање на Договорот за отворено небо од страна на Американците? Уште минатата година тие ја обвинуваа Русија за нарушување на Договорот бидејќи не дозволуваат воздушна инспекција над териториите на Абхазија и Осетија, кои Русија ги призна како независни држави, а САД ги сметаат како дел од Грузија. Втора забелешка Американците имаат за забраната на летови над Калининградската област. Трета американска претензија е дека Русите при своите летови над САД собираат податоци за критична инфраструктура во државата. Тие исто така не се задоволни што не им бил дозволен и втор лет за следење на маневрите „Центар-2019“, во кои покрај еуски учествуваа и воени сили од Кина. Русите велат дека забраната била заради користења на оружја кои би можеле да го урнат анериканскиот авион. 

Во целата оваа работа САД го вклучија и НАТО. Па пред некој ден од таму, генералниот секретар, Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата ги поддржува Американците и дека тие би се вратиле кон договорот доколку Москва ги тргне ограничувањата за инспекциските летови над Калининградската област и близу границата со Грузија. Тој ја обвини Русија дека го спроведува Договорот според свое гледање.

За волја на вистината и Русите имаат претензии кон САД кога треба да летаат над таа земја. Американците воведоа ограничувања за летови над Хавајските и Алеутските острови. Исто така и над Аљаска. Ги укинаа местата за одмор на руските воени екипажи во две американски бази отворени за долевање на гориво. Им ја ограничуваа височината на летање на авионите. Имаше дури и изјави дека Русија со своите разузнавачки авиони го шпионира дури и претседателот Трамп! „Тие летаа над Белиот дом, тие летаа на цивилна инфраструктура, следеа каде може да се наоѓа претседателот: Кемп-Дејвид или Бедминстер“ изјави помошникот на Трамп за национална безбедност, Роберт О’Браен. Патем, тој во името на Белиот дом е задолжен за преговорите од нуклеарна проблематика. За заканите врз американската инфраструктура изјавуваше и државниот секретар Мајк Помпео.

Крстовите на Трамп

Потпретседателот на Советот за безбедност на Русија; Димитриј Медведев изјави дека „Чисто технички прашања сами по себе не можат да служат како оправдување за излез од овој фундаментален мултилатерален договор. Впрочем никој не им пречи на Американците да продолжат да ги разгледуваат нивните загрижености на местото за преговори, а тоа е Консултативната комисија за отворено небо во Виена“. Русија засега нема намера да го напушти договорот.

И додека Вашингтон и Москва си ја префрлаат одговорноста околу американското напуштање на договорот се појавува загриженост кај некои европски земји. Тие немаат високо развиена технологија и вселенски летала за да можат да следат што се случува на руско тло. Единствена шанса им е Договорот. За Русите ова е добродојдено затоа што тие ќе можат да ги следат заканите од европско тло, од објектите на НАТО, кои се поопасни за неа отколку оние во САД. Иако Медведев вели дека Русија нема да го напушти договорот, таквиот потег не може да се исклучи. Од едноставна причина што земјите потписнички на договорот, доколку тој не се распадне, ќе ги даваат своите информации од разузнавачките летови на Американците, по линија на НАТО или како земја која е под американски протекторат. А такви во Европа има доволно.

Напуштањето на Договорот за отворено небо не е прв документ на кој става крст Трамп. Лани Амерканците го раскинаа Договорот за забрана на ракети од мал и среден дострел базирани на копно. И тогаш виновник за таквиот потег беше прогласена Русија. Во 2011 година Американците го напуштија договорот за ПРО. Сега за напуштање останува само еден договор. Потпишан од претседателите Барак Обама и Димитриј Медведев во 2011 година. Тоа е Договорот за намалување на офанзивното нуклеарно оружје - тешките ракети, кај нас познат како СТАРТ-3. Тој истекува во февруари 2021 година. Веројатно веќе сега, зад затворени врати, се водат преговори околу него. Ако Американците го напуштат и него, тогаш не ќе остане ништо што би водело сметка за разоружувањето и за стабилноста во светот. Имаше изјави во САД дека треба да се напушти и тој договор, а со Трамп човек не е никогаш на чисто. Тој лани излезе и од Заедничкиот сеопфатен план за дејство за иранската нуклеарна програма. Згора на тоа Американците се подготвуваат да го модернизираат својот нуклеарен потенцијал. Веројатно за тоа ќе им се потребни и новите нуклеарни проби кои ги најавуваат. Сето ова, според некои експерти претставува вовед во нов натпревар во вооружување.  Аргументите се дека Русија и Кина веќе имаат такви испитувања.

Идеолози на студената војна

Фред Каплан, новинар и експерт за нуклеарни оружја, добитник на Пулицерова награда во Slate критички се осврнува врз протагонистите на новата американска воена политика. „Сега нас со сила не втурнуваат во непотребна трка во вооружување истите идеолози на студената војна, кои до ден денес заземаат влијателни позиции, и претседателот, кому исто така не му се допаѓаат повеќестрани договори, а исто и министрите од кабинетите, за кои е карактеристично отсуството на принципи и подготвеност да се исполнат кои било каприци на шефот“. Белешката за неопходноста за излегување од Договорот за отворено небо се најде на масата на Трамп без претходно разгледување во Советот за национална безбедност, Обединетиот комитет на началниците на штабовите или во кој било друг орган, пишува Каплан. За него е добра новост што околу воениот буџет има формалности кои можат потегот на Трамп околу излегувањето од тој договор да го објават за незаконски. Па на тој начин доколку во јануари дојде нов претседател, тој би можел да ги обнови летовите, како ништо да не било.

Димитриј Тренин, од Карнеги фондацијата од Москва смета дека сегашната американска администрација во Вашингтон очигледно не е заинтересирана за да се сочува контролата врз вооружувањето. Таа претпочита да дејствува од позиција на супериорна сила – од гледна точка на Трамп, во сегашниот високо конкурентен свет единствено прифатлива за САД. Трамп се надева, вели Тренин, дека во крајна линија симнувањето на ограничувањата во воената сфера значително ќе ги зголеми можностите на САД. Тој смета дека единствена компонента на глобалната стратешка стабилност во иднина ќе биде нуклеарното одвраќање во чија основа е гаранцијата од заемно уништување.

Игра на нерви

Договорот за отворено небо и СТАРТ-3 даваат можност да се добиваат информации еден за друг. Но со нивното напуштање, во отсуство на информации, основни ќе станат најлошите сценарија. И во такви услови клучно ќе биде зачувувањето на спокојство.

И за Тренин, како и за други експерти решенијата на САД покажуваат дека од други држави за Трамп е најважна Кина. Нивното соперништво и сега со пандемијата од коронавирус само се заострува. САД ќе притискаат само да ја натераат Кина да се приклучи на нови договори кои би биле по мерка на Трамп. Не е исклучено  во односите, меѓу економските, пандемиските и технолошките проблеми да добијат и воена димензија. Во најмала рака да дојде до криза како што беше Карипската во 1961 година меѓу САД и СССР. Па двете страни да седнат да се договорат за иднината на своите односи. Не само околу нуклеарното оружје во кое Кина заостанува десет пати за САД, туку и конвенционалното, суперсоничните ракети, сајбер оружјето, вештачката интелигенција...Тука е вселената каде што Кина граба со големи чекори.

Како би се решило соперништвото меѓу САД и Кина? Има различни мислења. Американците веројатно ќе притискаат врз Русија за партнерство за да ја одвојат од Кина. Како што направи американскиот претседател Ричард Никсон во седумдесеттите години, кога понуди инвестиции за пријателство. Или пак да продолжат да создаваат поголеми проблеми на Русија за таа да дојде до состојба да не може да им помага на Кинезите. Било преку засилување на економските санкции и дестабилизација на ситуацијата во Русија или нејзино вовлекување во воени конфликти. Или сето тоа заедно. А тоа би значело раѓање на нови нестабилности во светот со несогледиви последици. Се води игра по ивицата на ножот. Игра на нерви. Игра на три различни политички филозофии. Кинеска, руска и американска. Игра на три претседатели кои се обединети во едно - во авторитаризмот. И кои велат дека поаѓаат од интересот на нивните држави. Чиј интерес ќе биде доминантен ќе се види до крајот на годинава. Се игра на многу табли.

Во меѓувреме да веруваме дека Трамп нема да биде како многумина од неговите претходници, па да разврзе војна во време на неговиот мандат. И тоа е една од карактеристиките на американските претседатели. Дури и оние кои на почетокот на мандатот добија Нобелова награда за мир. Барак Обама на пример.

А да не се случи и изненадување. Новите оружја да го заменат нуклеарното. Што мислите за коронавирусот и стотици слични кои се истражуваат и разработуваат во тајните лаборатории на овие три држави? Нема да бидат уништувачки како нуклеарните оружја, но ќе бидат доволно силни за поткопување на стабилноста на која било држава. И економска и политичка. Дали и за нив ќе треба да се постигнуваат договори? Како тргнале работиве преговори за нив бил биле реалност во блиска иднина.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД