19 Мај, 2024
0.0268

Транспарентност: Проектот „Скопје 2014“ се уште троши големи пари

Објавено во: Економија 14 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Транспарентност - Македонија продолжува да укажува и предупредува на неправилности и непочитување на процедурите и добрите практики во спроведувањето на јавните политики и трошењето на јавните пари во општеството.

Во третиот нивен билтен, за месец април се истражени следниве теми: Реализација на Буџетот за 2015 година, Нови задолжувања, Проектот „Скопје 2014“ се уште троши големи пари, Отчетот на Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК), Неспоивост на функција.

transparentnost makedonija

1. Реализација на Буџетот за 2015 година

Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го амортизира ударот од актуелната политичка криза во земјата, преку партиски трибини и народни собири го прекрои целокупниот Буџет за 2015 г. Практично, заклучно со месец април, од страна на премиерот Никола Груевски и други функционери во Владата се ветени толку многу работи, што постојната буџетска политика ја прават беспредметна и ја наметнуваат потребата од итен ребаланс на буџетот за 2015 г.

 Министерот Зоран Ставревски упорно се труди да изнајде некое оправдување и да покаже дека нема проблеми во водењето на буџетската политика изјавувајќи дека новите владини мерки ќе се финансираат дел од внатрешни заштеди, а дел од вишокот на приходи и нема да има нови задолжувања. Со ваквите невешти манипулации уште повеќе го намалува својот и онака нарушен кредибилитет како министер за финансии.

Во оваа смисла, со цел да го амортизира растечкото политичко незадоволство, Владата на РМ избира целни групи – корисници на социјална помош, вработени во јавниот сектор, стечајни работници, студенти и т.н. – кон кои насочува низа мерки кои се парцијални и без никакви поопсежни анализи. На пример, кон средината на април во Собранието влегоа предлог-измените на Законот за социјална заштита, со кои социјалната помош наместо за првично планираните 5% ќе се зголеми за 10%. Според овие измени, започнувајќи од месец јули, месечната социјалната помош на околу 40.800 корисници, во просек ќе се зголеми за околу 7 евра. Со овие измени фискалните импликации ќе бидат околу 1,7 милиони евра кои не се предвидени во Буџетот на РМ за 2015 г.  Или, за да влијае на стечајните работници, а и на сите оние кои до сега имаат стаж кој не им е платен, Владата овој месец најави мерка со која лицата кои имаат неплатен стаж да можат да го откупат со поголем дисконт. Од партиски собир во Прилеп, премиерот Груевски ја најави и мерката за откуп на стаж за лицата кои поради затворање на фирмите во 90-тите години останале без работа и кои ќе можат да ги платат придонесите за пензиско и инвалидско осигурување кои заклучно со 31.12.2008 г. не им биле платени. Министерот за труд и социјална политика истакна дека откупот ќе се извршува според поголем дисконт. Ова е една можност за да оствари правото на пензија, но исто така е закана за ликвидноста на фондот за ПИОМ поради поголемиот број на пензионери.

Сите овие најавени нови политики имаат фискални импликации врз Буџетот за 2015 година. Иако се работи за огромен број на лица што ќе бидат опфатени со овие мерки, Министерството за труд и социјална политика не дава никакво објаснување за финансиските последици од мерките. Сосема е можно овие мерки воопшто и да не се анализирани од страна на Владата и да се чисто популистички, дотолку повеќе што, на пример, според некои проценки, 50% од фондот на пензиите се финанира директно од Буџетот на РМ.

Во популистичкиот занес не беше изоставена и државната администрација. Министерот за информатичко општество Иво Ивановски најави зголемување на платата на вработените во државната администрација, почнувајќи од септември/октомври 2015 г. На партиски собири на ВМРО-ДПМНЕ се најавуваат нови вработувања, а според податоците од најновиот извештај на народниот правобранител бројот на вработените во државниот и јавниот сектор од 59.692 лица во 2007 година се зголемил на 109.000 лица. Но, исто така треба да се напомене дека во извештајот на народниот правобранител стои дека оваа бројка не е конечна бидејќи добар дел од јавните и државните институции не доставиле податоци до Народниот правобранител. Според последните податоци што ги дава Државниот завод за статистика за 2013 г., пак, бројот на вработени во државната и јавната администрација изнесува 157.000 лица. Од ова произлегува дека фискалните импликации врз буџетот ќе бидат значителни.

Паралелно со ваквите активности кои имаат големи фискални импликации, Владата го најавува проектот „Македонија вработува“ со кој се предвидува ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси (придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување) и персонален данок за доход за компаниите кои ќе вработат лица до 35 години кои се евидентирани како невработени, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години кои се невработени од ранливите категории граѓани и лицата постари од 58 години. Сето ова, секако, нема да доведе до зголемување на буџетските приходи.

 Ако се има предвид дека во последниве неколку месеци има намалување и кај наплатата на данокот на додадена вредност, што се наплаќа во прометот и кој е најважен во структурата на даночните приходи, тогаш оправдано се поставува прашањето како Владата планира да ги финансира мерките што ги најавува на партиските собири?

  ТМ го повикува премиерот Никола Груевски на македонската јавност да ѝ даде одговор на следниве прашања:

  • Како планира да се реализираат сите наведени големи ветувања кога реалноста покажува дека има потешкотии во остварувањето и на постојните буџетски проекции?
  • Дали со ваквите ветувања кои не се содржани во Буџетот за 2015 г., го нарушува кредибилитетот на фискалната политика и кредибилитетот на министерот за финансии Зоран Ставревски?
  • Дали со ваквото однесување во целост се суспендира Собранието на РМ кое го има донесено Буџетот за 2015 г.?
  1. Нови задолжувања

Во месец април веќе е евидентно влијанието на политичката криза врз економските состојби во земјата. Проблемите во водењето на буџетската политика се многу поизразени, а задолжувањето на државата е во пораст. Заклучно со месец април, од почетокот на годината, Владата на РМ се задолжила за 352 милиони евра, а се раздолжила 236 милиони евра, со што го зголемила долгот за околу 116 милиони евра. Ова значи дека Владата на РМ ја задолжува земјата со околу 960 илјади евра дневно во последниве четири месеци.

Особено загрижува фактот што Владата на РМ започна да се задолжува со емитување на десетгодишни и петнаесетгодишни државни обврзници. Имено, во поседниве три месеци Владата започна да емитува државни обррзници со рок на доспевање од 15 години, а од октомври 2014 г. државни обврзници со рок на доспевање од 10 години. Тоа значи дека Владата на РМ има сериозни проблеми во финансирањето, па се одлучила на еден ваков чекор, каде обврските ќе доспеат после 10 или 15 години. Конкретно, на аукцијата на 14 април, Министерството за финансии извршило емисија на 6 месечни, 12 месечни, тригодишни, десет годишни и петнаесет годишни државни обврзници во вкупен износ од 2.976.900.000 денари или 48,5 милиони евра. Од овој износ со кој Владата се задолжила во месец април, 9,2 % или 274.550.000 денари се со рок на доспевање од 15 години, 2,2% или 65.350.000 денари се со рок на доспевање од 10 години, а 14,4% или 430.000.000 денари се со рок на доспевање од 3 години.

Бројките покажуваат дека 25% од вкупниот долг што Владата на РМ го направила во месец април 2015 г., нема да се враќа во тековната, па ниту во наредната буџетска година, туку после три, десет, па дури и петнаесет години. Финансирањето преку емисија на државни обврзници е нормално за надминување на краткорочните дисбаланси помеѓу приходите и расходите во Буџетот. Но, емитување на државни обврзници на период од 10 и 15 години укажува на многу сериозен проблем од структурен карактер во македонската економија. Ваквото задолжување не може да се оправда од ниту еден аспект, бидејќи тоа не е врзано со ниту еден конкретен капитален проект, туку е со цел да се обезбеди непречено тековно извршување на буџетот. Значи бројните популистички мерки кои се предлагаат во екот на политичката криза од страна на Владата на РМ ќе се финансираат со средства кои некој ќе треба да ги враќа после 10 или 15 години.

Она што е доста симтоматично кај емисиите на петнаесетгодишните, десетгодишните и тригодишните државни обврзници е фактот што нив не ги купиле банките, туку други клиенти. Петнаесет годишните државни обврзници се со доста атрактивна каматна стапка од 4%, а се врзани и со девизна клаузула, така што купувачот го избегнува и ризикот од промена на девизниот курс. Ова го отвара сомнежот дека некој од ова може добро да заработи, имајќи предвид дека каматните стапки на депозити кај банките се пониски од 4%

ТМ ги повикува премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставревски, како најодговорни за управувањето со средствата на граѓаните на РМ, на македонсата јавност да ѝ ја објаснат целта и оправданоста од овие задолжувања, дотолку повеќе што истите се долгорочни и не се врзуваат со конкретен капитален проект.

 

  1. Проектот „Скопје 2014“ се уште троши големи пари

Иако проектот „Скопје 2014“ требаше да заврши во 2014 г., тоа не се случи и истекувањето на парите на македонските граѓани во крајно сомнителни зделки од овој проект продолжува и во 2015 г.

Во април се распишаа нови огласи во рамките на овој проект, според кои повеќе од 500 илјади евра е предвидено да се потрошат за ентериерно уредување на конференциската сала на Музејот на ВМРО, а над 134 илјади евра (без вклучен ДДВ) ќе се потрошат за осветлување на спомен обележја, фонтани и склуптури, иако претходно Градот Скопје за оваа намена имаше склучено договор во износ од 96 илјади евра со фирмата „КОД ИНЖЕНЕРИНГ“ од Скопје. Овој договор бил склучен на 4.02.2015 г., но истиот е поништен дента кога е објавен новиот оглас, кој е за 38 илјади евра  со повисока сума од онаа во раскинатиот договор. Според објаснувањата од Град Скопје, „Договорот е раскинат поради технички пропуст во претходната тендерска постапка и е распишан нов со сите позиции кои требаше да влезат во јавната набавка за илуминација на спомен обележја, скулптури, фонтани во Скопје.“

Не треба да се занемарат и дополнителните 260 илјади евра за завршување на оградата на мостот „Слобода“ кај хотелот Холидеј Ин. За оваа ограда која требаше да биде готова во 2014 г. уште во стартот беа обезбедени 1 милион и 150 илјади евра. Сега, Градот Скопје потпишал дополнителен договор со РЖ Институт за изработка и монтажа на заштитна ограда и канделабри, а цената се зголемила за дополнителни 260 илјади евра. Официјалното објаснување од Градот Скопје е дека тоа се прави поради  промена на обликот на канделабрите и нивното поставување, што е врзано со дополнителни трошоци за леење.

ТМ смета дека е крајно време Премиерот Никола Груевски, како политички инспиратор на овој проект, како и министерот за култура Елизабета Канчевска Милевска и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, како главни реализатори на проектот „Скопје 2014“, на македонските граѓани да им соопштат дека конечно се затвора неговата финансиска конструкција и да соопштат колкава е неговата конечна вредност.

4. Отчетот на Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК)

Последниот извештај за работата за 2014 г. на  сега веќе поранешниот состав на  ДКСК  ја отсликува реалната состојба на нејзиното неколкугодишно функционирање: воопштеност, површност, селективност, пристрасност, игнорирање на високиот степен на  корупција и бегање од големите корупциски скандали за кои постои сериозно сомневање за инволвираност на високи функционери од владеачката гарнитура.

Наместо целата своја активност да ја насочи кон процесуирање на мега-корупциските скандали, ДКСК главно се фокусирала на следење на реализацијата на активностите од предвидените индикатори од Државната програма за превенција на корупцијата, од страна на надлежните институции, при што  и самата признава дека  во најголем број не се реализираат,што пак укажува дека институциите или не се заинтересрани за преземање на мерки  против корупцијата или дека не ја почитуваат Комисијата. Исто така, голем акцент е даден и на активностите поврзани со проектите финансирани од меѓународните организации – во поединечни износи кои дури надминуваат и милион евра! – а чија цел е “добро владење, јакнење на интегритетот и ефикасна превенција и борба против корупцијата“.

Од друга страна, наспроти игнорирањето на големите корупциски случаи во  јавниот сектор, ДКСК посебен интерес покажала за транспарентноста и законитоста во работењето на здруженијата на граѓани и “проблемите поврзани со корупцијата и судирот на интереси“ кои ги констатирала во оваа област, како што биле: „нетранспарентност при доделувањето на јавни финансиски средства на здруженијата и фондациите, доделување на средства на наменски основани здруженија што создава сомнеж за коруптивно и непродуктивно трошење на јавните средства, трошење на јавни и буџетски средства во медиумите, концентрација на медиуми и прикривање на сопственоста на медиумите, поврзаност на медиумите со центрите на  политичка моќ“. Ова би било во ред, доколку ДКСК  ги посочи конкретните здруженија и фондации кои користат буџетски средства наменети за граѓанскиот сектор по неколку пати и тоа во износи од повеќе илјадници евра, за проекти чија реализација или отчетност никој не ја контролира, наместо да ги генерализира сите здруженија и фондации кои никогаш и не добиле буџетски средства, а се финансираат  исклучиво од странски донации каде што постојат строги критериуми и отчетност за потрошените средства. ДКСК, исто така, не наведува дали постапувала во случаите кога одредени медиуми со години се корумпирани со буџетски средства за да известуват во корист на власта. Причините за  ваквото “коруптивно и непродуктивно трошење на средства од граѓанските организации“ ДКСК ги лоцира во тоа што не бил изменет Законот за здруженија и фондации, со што  покрај другите измени би се предвидела и обврска за членовите на извршните органи на здруженијата и сопствениците на медиумите да поднесуват анкетни листови и изјави на интереси-што како обврска е предвидена во Државната програма за превенција на корупцијата.

Една од главните надлежности на ДКСК е да постапува по претставки за случаи за корупција или самата да отвора случаи по допрен глас од јавноста. Од Извештајот пак јасно се забележува дека продолжува трендот на опаѓање на бројот на претставки доставени до Комисијата. Така, во 2014 год. до ДКСК биле поднесени едвај 158 претставки (за споредба во 2007 год. кога беше избран досегашниот состав биле поднесени 1114 претставки, во 2008-767 претставки, во 2009-471, во 2010-457 претставки, во 2011-267, во 2012 – 200 претставки и во 2013 -201 претставки).  Ваквиот драстичен пад на бројот на претставки е сериозен индикатор за отсуството на кредибилитет на ДКСК и целосно губење на довербата на граѓаните и правните лица  во ова тело, како резултат на пристрасноста и селективноста во постапување по случаите на корупција,во зависност од лицата вклучени во коруптивните случаи. Поднесување на само 7 иницијативи до Јавното обвинителство за покренување на постапка за кривично гонење на одговорни лица поради злоупотреба на службената положба укажува на недоволна ангажираност  и комотно однесување на Комисијата за процесуирање на корупциските случаи,но и сериозна селективност на случаите. При тоа, забележително е што иницијативите за кривично гонење се однесуват против службени лица од пониските ешалони на власта и градоначалници од помали општини за незаконско работење и злоупотреба на службената положба и овластување, сторени пред неколку години (на пример, против градоначалник на Арачиново, в.д. директор на Државен студентски дом во Охрид, одговорни лица од Државен студентски центар „Скопје“, директор на средно училиште од Скопје, одговорни лица во МЖ Транспорт АД-Скопје, одговорни лица од Советот за радиодифузија). Од службени лица на повисока позиција ДКСК поднела иницијатива за кривично гонење на председателот и членовите на Регулаторната комисија за енергетика, поради злоупотреба на службената должност, констатирана од Државниот завод за ревизија.

Наспроти забелешките на ЕК содржани во сите извештаи  за напредокот на земјата кон ЕУ, за широко распространета корупција во јавните набавки која претставува сериозен проблем, според ДКСК проблемите во оваа област ќе се надминеле преку измена на Законот за јавни набавки и воведување на  изјава за интереси во постапките, Кодекс на однесување, воведување на водич за јавните набавки и формирањето на Советот за јавните набавки - што укажува дека ДКСК или нема претстава за реалните состојби во оваа област или свесно  ги затвора очите и го игнорира високиот степен на корупција во јавните набавки. Бројните сериозни сомневања за мегакорупциски афери, како што се „Актор“ и „Македонска банка“, во кои се вклучени највисоките носители на функции, меѓу кои и премиерот Никола Груевски и министри во Владата, злоупотребите при јавните набавки особено за контроверзниот проект „Скопје 2014“, големиот број на поништени тендери, незаконско и ненеманско трошење на буџетски пари од страна на најодговорните лица во министрествата, агенциите и јавните претпријатија, констатирани и преку државната ревизија, не беа доволен индикатор за Комисијата да постапува во овие случаи и да ги процесуира заради утврдување на одговорност на инволвираните во корупција и криминал. Овој факт неспорно говори за пасивност,пристрасност и селективност при отворање на случаите на корупција, но и за политичко влијание на извршната власт врз нејзината работа, манифестирано и преку именување на анонимни, но лојални лица за членови на ова тело, кои треба да глумат „борба против корупцијата“ пред меѓународните организации, посебно ЕУ, кои одвојуват значителни средства за  ова тело. Со ваквата (не)активност ДКСК ги потврдува сомневањата дека наместо да се бори против корупцијата, таа ги крие големите корупциски скандали и ги штити сторителите на ваквите незаконски дела, особено оние од највисоките ешалони на власта. Во прилог на ваквата оценка е и податокот дека ДКСК поднела три иницијативи за покренување на постапка за разрешување од  функција на одговорни лица, исклучиво од пониските ешалони, но не и против министерот Веле Самак, кој не постапил по изречената јавна опомена поради постоење на судир на интереси. Делува иронично податокот дека ДКСК поднела иницијатива за разрешување на директор на ОУ во с. Облешево, бидејќи ја вработил неговата ќерка, но останува слепа на бројните случаи на непотизам и кронизам кај највисоките носители на власт кога по неколку членови од исто семејството или блиски роднини се именовани или избрани на високи позиции во државни институции, дури и во нивните кабинети. Од случаите кои ДКСК ги отворила таа на пример, не нашла елементи за постапување во случајот за ангажирањето на пратеничката Ермира Мехмети за вршење на консултантски услуги во министерството за одбрана за месечен надоместок од 30.000 денари, иако во случајот постои неспорен судир на интереси, земајќи предвид дека именованата како носител на законодавната власт – Собранието на РМ – врши директна контрола врз извршната власт, Министерството за одбрана. Комисијата не нашла ништо незаконско ниту кај анекс-договорите за  изградба на новата административна зграда спроти скопскиот хотел „Бристол“, бидејќи се работело за непредвидливи работи (што, патем, како изговор се користи кај сите анекс-договори за проектот „Скопје 2014“).

Иако ДКСК наведува  дека постапувала по бројни случаи поврзани со изборите,  скоро за сите случаи кои ги отворила не утврдила елементи за незаконско работење, па оттука немало ниту основ за процесуирање на овие случаи. Така, Комисијата не утврдила злоупотреба на гласило „Урбан“ на Општината Карпош со кој се промовирал кандидатот за председател на државата од политичката партија ГРОМ, бидејќи „печатењето на весникот било предвидено во планот за јавни набавки и дека спорниот број бил објавен пред изборниот процес“, без да го земе предвид фактот што гласилото кое се финансира од парите на сите граѓани во општината бил искористен за промоција на кандидат на политичка партија, чиј председател е „случајно“ градоначалникот на оваа општина. ДКСК не утврдила елементи за злоупотреба на буџетски стредства за  партиски цели и кога се користени службенени возила на јавни претпријатија и државни органи за дистрибуција на изборен материјал на политичка партија ( пр. на АД ЕЛЕМ - Битола, или на Општината Кисела Вода) или злоупотреба на буџетски средства или средства од јавни фондови за партиски цели како во  Прилеп и други општини. Ова е спротивно на  член 12 од Законот за спречување на корупцијата, според кој e забрането злоупотреба на  буџетски средства и средства на јавни фондови за изборна кампања или финанисрање на друга политичка активност. ДКСК не утврдила ниту повреда на Законот за спречување на корупција кога актуелни министри кои биле кандидати за пратеници на  политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите  учествувале во  отпочнувањето на  градежни работи.

Комисијата не ги соопштува ниту имињата на лицата против кои покренала прекршочни постапки за неподнесување на анкетен лист, како и за испитување на потеклото на имотната состојба - поради нецелосно и неточно давање податоци за имотната состојба, согласно член 33 и 36 од Законот, а не ги објавува ниту имињата на 4 лица за кои утврдила дека податоците не се совпаѓат со пријавената имотна состојба, ниту имињата на 40 службени лица за кои е изречена јавна опомена, поради постоење на судир на интереси. Ова е спротивно на Законот за спречување на корупцијата според кој податоците за имотната состојба се јавни, а јавноста има право да знае кои носители на јавни функции не го почитуват Законот за што се предвидени и санкции, меѓу кои и разрешување од функција. Комисијата има законска обврска да работи транспарентно, а работата и однесувањето на носителите на јавни функции е под лупа на оценка на јавноста. Оттука може да се претпостави дека се работи за службени лица од пониските ешалони, а со необјавувањето на нивните имиња ДКСК сака да ја одбегне реакцијата на јавноста за непреземање на мерки против високите функционери за кои ТМ во повеќе наврати укажуваше дека не го пријавуват целиот имот со кој располагат или потеклото на имотот кој е несразмерно зголемен во однос на редовните примања по основ на плата, дивиденди, други приходи од вршење на дејност и бараше од Комисијата да ги преземе  предвидените законски мерки

Според имињата на новиот состав на ДКСК, кои се целосно непознати во јавноста, ТМ не очекува  дека и новите членови ќе се зафатат со ефикасна и енергична борба против корупцијата, особено со корупциските афери на високо ниво.

5.Неспоивост на функција

ТМ во континуитет укажува на кршење на Законот за спречување на корупцијата кога избрани и именовани функционери  за време на траење на мандатот вршат и друга функција, должност или дејност што е неспоива со нивната функција, како што е и членување во   органи на управување во јавни претпријатија или претпријатија кои располагат со државен капитал.Преупредувањето дека овие службени лица, покрај неспоивост на функцијата, истата може да ја злоупотребат се покажа како реално по обелоденувањето на прислушкувањето, кога јавноста дозна дека Ирена Мишева – Председавач на Советот на Град Скопје, ја злоупотреби  функцијата на неизвршен член на Т-Мобиле за да блокира телефон на член на опозицијата, а на барање на политичката партија која ја поставила на овие две профитни позиции. Доколку ова се покаже како точно, именованата сторила кривично дело за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ, за што треба да понесе и соодветна кривична одговорност.

ТМ очекува после департизацијата и профункционирањето на надлежните институции на прогонот и правосудството, да бидат преземени мерки за  утврдување на одговорност на сите функционери и други службени лица, меѓу кои и Ирена Мишева, за злоупотреба на службената положба и овластување, согласно Кривичниот законик.

Можеби ќе ве интересира

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?