01 Мај, 2024
0.0311

Треба ли Иванов да се правда затоа што патува за Москва…?

Објавено во: Колумни 01 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Претседателот Ѓорге Иванов на 9 мај во Москва ќе присуствува на воената парада по повод 70 годишнината од победата над фашизмот. Вака накусо срочената вест само го потврди она што се знаеше поодамна. Руските медиуми уште пред дваесетина дена ја вбројуваа Македонија меѓу земјите кои сигурно ќе бидат на бината на Црвениот плоштад. Очекувано за наши прилики, таа вест предизвика коментари во јавноста. Од позитивни, сеирџиски до негативни. Лично сметам дека одлуката на Иванов е правилна. Зошто? Прво, затоа што Македонија беше дел од Антифашистичката коалиција. Како Македонци, нашите партизани дадоа бројни жртви на олтарот на револуцијата и ослободувањето од фашизмот. Второ, кога веќе со години актуелната власт се обидува да го потисне тој факт од нашата историја и ги игнорира подвизите на борците предводени од комунистите, колку и да е дволично, добро е што барем во Москва ќе се даде почит на сите загинати во борбата со фашизмот. Иванов ја претставува Македонија и македонските борци, независно што за некои е нелегитимен, други не го признаваат, а трети го имаат како играчка. И трето, настаните околу и во Украина не треба да се пречка да се оди во Москва, и не треба да бидат повод за собирање или губење на политички поени. Затоа што апсолутно тоа не се. Оттука чуди соопштението од кабинетот на Иванов, во кое како да се правдаат за патувањето во Москва. Па споменуваат стратешки цели, стратешки приоритети, па Кина, па Русија, па ЕУ, па НАТО...Непотребно. Па, во Москва ќе бидат земји и од ЕУ и членки на НАТО и од БРИКС и од Третиот свет, Бан Ки Мун... Велат ЕУ има заедничка надворешна политика. Но очигледно е дека во еден демократски збир на земји, секој може да го направи свјот избор. Да се оди или не во Москва. И го направил.  Некои земји, лечејќи ги вековните комплекси дури се откажуваат од 9 мај, па како ден на победата го прогласуваат 8 мај. На пример Полска. Други хистерично вриштат против политиката на Русија. Државите од Балтикот. Нема потреба од хистерија. Секој за себе треба да одлучи како ќе се однесува во такви ситуации. Ако смета дека не треба да биде во Москва, нека не оди. Па нека прави маршеви на своите фашистички единици. Пак во Балтикот. Трети се индеферентни. Односот на Запад кон Советскиот сојуз и Русија во поглед на победата над фашизмот никогаш не бил рамнодушен. Ако американскиот претседател Франклин Рузвелт бил одушевен од херојството на советските војници во Втората светска војна, британскиот премиер Винстон Черчил, воопшто не можел да го поднесе тоа. Шарл де Гол изникна од „никаде“, но и тој имаше почит за руското учество во војната. Оттука и односот кон Русија денес не може да биде единица мерка кон која ќе се придржуваат сите. За многумина настаните во Украина и обединувањето на Крим со Русија се границата преку која не можат да преминат, па затоа не се во Москва. Блиската исорија покажува дека Британците упатија цела армада на Фокландските острови десетина илјади километри далеку од Британија, а неодамна Обединетото кралство таму поддржа и референдум на кој населението на островите се определи да живее заедно со него. Многу слично со случајот на Крим. Американците исто така сееја „правда“ низ цел свет наметнувајќи го нивниот систем на демократски вредности. И Крим да биде повод да не се оди во Москва, навистина е дволично. Па вчера дури и поранешниот американски претседател Картер изјави дека обединувањето на Крим со Русија е врз основа на очигледната обострана желба да се живее заедно. И дека тоа е направено со јавно изразување на таа желба. Веројатно не излапеал. На плоштадот во Москва некои ќе бидат видени, неки не. Но, главен гостин ден подоцна ќе биде канцеларката Ангела Меркел. Како што соопштија официјални германски претставници посетата на Меркел е поврзана „со неопходноста да се почитува сеќавањето на огромниот број загинати во Втората светска војна“. Таа ќе положи венец на Гробот на незнајниот јунак под ѕидините на Кремљ.  Освен тоа дента ќе има и работен ручек со претседателот Путин. Некој ќе рече дека и Иванов можел така да направи. Е,не е така. Македонија не е Германија. Треба да им е јасно на многумина кај нас дека Македонија не е центарот на светот околу кој се вртат сите други. Тие сметаат дека, ако и се може на една Америка да прислушкува, на пример, зошто да не можеме и ние.Е,па, реалноста е сосема друга. Ние сме остров на Балканот, но не на мирот, туку на внатрешен раздор, диктиран од погубната политика на актуелната владеачка коалиција. Во службите во САД веќе настанаа промени. Во Германија допрва ќе следат. А кај нас никому ништо. Во тоа е разликата и затоа битката не е Русија или Кина, ЕУ и НАТО, туку најнапред изградба на демократско општество, пред се и над се. И да се надеваме дека тогаш празникот на победата над фашизмот ќе го славиме кај нас достоинствено и ќе ги соменуваме жртвите дадени за таа победа. Зашто токму таа победа е темелот на оваа држава. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД