Третина од тестираните се позитивни, за еден ден хоспитализирани нови 50 пациенти само во Скопје
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2020
Црна ковид статистика денеска. Министерството за здравство соопшти дека позитивни на корона вирусот во последното деноноќие се 1.085 лица од тестирани 3.294. Тоа е дури 33 отсто или една третина од сите кои се тестирале. Процентот е висок и загрижува.
Во меѓувреме има и нови хоспитализации. На сите клиники лежат над 700 луѓе, само во Скопје за еден ден има нови педестина приеми. На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 154 пациенти. На кислородна поддршка се 117 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 7 позитивни и 2 суспектни деца на Ковид-19 и 11 возрасни пациенти, позитивни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има 21 прием, а вкупно хоспитализирани се 76 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 66, а во болницата во Штип се 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Дебар, Кичево и Кавадарци се хоспитализирани 332 позитивни и сомнителни на Ковид-19.