Трето издание на Skopje design week
Објавено во: Мои пари 25 Септември, 2013
Од 1 до 6 октомври во Скопје ќе се одржи третото издание на Skopje design week кое на едно место ќе ги собере дизајнерите и компаниите. Покрај домашни присутни се и светски брендови, а Швајцарија е во фокусот на ова издание од каде е најавено учество на седум компании.
Организаторите очекуваат ова трето издание да биде потврда на изградениот идентитет на фестивалот како дома, така и во регионот со кој најмногу се соработува.
Марта Грнчарова Наумовска, програмски директор на манифестацијата, истакнува дека резултатот е во поврзувањето помеѓу дизајнерите и компаниите што веќе вродува со соработки и реализирани проекти на различни нивоа и во различни области.
Според неа, целТа е да се зајакне врската меѓу дизајнерите и бизнис секторот и да се почне со креирање конкретни производи.
Александар Велиновски, директор на Skopje design week, вели дека од една страна најголемиот воочен проблем е јазот меѓу креативното и применливото, меѓу идејата и реализацијата. - Производствените и увозно ориентираните компании, од друга страна, разбраа дека потрошувачите се едуцираат и дека и тие треба да бидат во чекор со времето за да опстанат на пазарот и да го зголемат својот обем на работа и профит. Токму затоа критериумите за изложување и учество годинава се заострени, како за компаниите, така и за младите таленти, вели Велиновски.
Новина е што годинава ќе има можност да се презентира дизајн во подготовка на храна, како и дел за здрава храна за деца. Ќе се одржат повеќе работилници, како и музичка програма.