30 Април, 2024
0.0250

Три години „ФАКТОР“, добронамерни опсерватори на економскиот „лет во место“

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

По три години напорна работа,  „ФАКТОР“ успеа да се етаблира на македонската медиумска сцена. Конзистентната уредувачка политика, квалитетот на понудените содржини, како и  професионалниот пристап кој го имаме кон публиката и клиентите се главните одлики по кои сме препознатливи во изминатиот период од нашето формирање. Сега имаме веќе изградена и таргетирана публика, со дневна продукција на квалитетни вести, анализи, колумни, со клиенти од најразличен профил,  меѓу кои се вбројуваат и најголемите компании во земјата, но и средни и помали, а толку значајни бизниси во македонската економија. Побрзо растевме отколку што проектиравме, што е дополнителна потврда дека не погрешивме во првичниот концепт за тоа како треба да изгледа еден сериозен економски информативен портал. Меѓутоа, дали успеавме или успеваме во нашата нашата иницијална намера, со предлози и добронамерна критика, да помогнеме во изградбата на ефективен модел на развој? Развој во кој на соодветен начин ќе се дозира улогата на пазарот и улогата на државата во функција на остварување на стабилен и задоволителен одржлив развој на земјата? Мотивот за таква наша определба произлезе од практиката во која владеачките партии  во остварувањето на развојната политика, водена од дневно политички интереси,  почнаа сериозно да ги заобиколуваат пазарните принципи и се‘ повеќе и поинтензивно  да се потпираат врз популистички мерки, кои не само што не генерираа раст, туку ја поткопуваа основата за економски раст. Наместо да се  динамизира растот, со порастот на буџетските дефицити се алиментираа  потребните средства за задоволување на интересите на таргетираните групи гласачи. Во 2012 година земјата регистрира највисок буџетски дефицит  (3,8% од БДП), а економскиот раст забележа пад од 0,5%. Изостанаа и очекувањата од странските директни инвестиции. Со нив не се компензира  намалувањето на буџетските капитални инвестиции, поради поиздашната популистичка непродуктивна потрошувачка. За сите објективни набљудувачи ваквите текови  беа аларм за преиспитување не само на буџетската потрошувачка, туку и на развојната политика на земјата.  Секому му беше јасно дека инцидентното покажување „грижа“ кон одредени слоеви мора се замени со конзистентна социјална политика, која соодветствува на демократски организирано општество. Меѓутоа, политичките елити останаа тврдо на својот популистички „модел“, кој краткотрајно обезбедува социјален мир, но на подолг рок ги поткопува материјалните основи за развој  преку кој  бедата и сиромаштијата трајно ќе се надминуваат. Власта почна да ужива во имиџот на „народна влада“ и во тоа име го подели народот на патриоти кои ја поддржуваат (се разбира, се‘ додека дава) и на предавници  кои се спротивставуваат на нејзините мерки и однесувања кога тие се спротивни на уставните определби и законските прописи. Анализите и колумните кои ги подготвуваа  нашите новинари и соработници сведочат за намерите на  „ФАКТОР“ да се обиде да придонесе во запирањето на неповолните трендови во водењето на макроекономската политика поради пренагласената популистичка политика, подредена на интересите на една тесна група во власта да го билда својот рејтинг. Укажувавме на неодржливата позиција на државата како најголем „бизнисмен“, на неефективното субвенционирање на земјоделците, на неоправданото изземање на државата, на државните институции и јавните претпријатија од обврската благовремено да ги сервисираат договорните обврски спрема доверителите, на неповолните трендови во односите со странство, поради дефицитот во надворешната трговија и на тековната сметка на платниот биланс и  забрзаниот раст на јавниот долг. Во повеќе наврати укажувавме дека потпирањето на голиот популизам и на приливот на странски капитал е несоодветно решение за остварување на задоволителен одржлив развој. Таквиот пристап завршува со пораст на буџетските дефицити и ѕидање на јавниот долг, а притоа стапката на економскиот раст се зацементира околу 3%, без оглед на тоа што секоја година се трошат многу повеќе средства. Не‘ убедуваат дека тоа е стапка меѓу повисоките во Европа. Но, никој не кажува  колку средства се потрошени за таквиот „успех“.  Во   2007 година Македонија оствари дупло повисока стапка на економски раст  (6,5%) со значително помали бруто инвестиции. Во очевидната популистичка  практика која, во последно време,  директно ја остварува и премиерот  лично, тој не гледа или не сака да види оти  власта ги „оствари“  и предупредувањата  дека владиниот популизам државата ја  води во се‘општа криза. Ангажирањето на странскиот фактор за да се надмине кризата само потврдува дека  државата е разнебитена. Клучните органи и институции не функционираат, а финансиските средства за подинамичен развој веќе се на ниво од кое ќе почнат да се намалуваат, поради се‘ поголемите средства што ќе мора да се издвојуваат од акумулацијата за отплата на позајмените средства. Се‘ на се‘, тешко на тие што ќе дојдат на власт. А „ФАКТОР“ продолжува со реализирање на зацртаните цели. Три години можеби не се многу, но се сосема доволни со отворени очи да продоложиме да растеме. Да информираме, анализираме, коментираме, критикуваме и фалиме, без разлика дали тоа се допаѓало или не на една или друга политичка структура, компанија, директно засегната страна. И се додека обезбедувањето на пристоен животен стандард и квалитетна бизнис клима се „продава“ како  ексклузивитет на „подобните“, „ФАКТОР“ ќе биде медиум кој добронамерно, но без штедење ќе ги опсервира сите потези кои ја предизвикуваат ваквата општествената хаварија. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД