Трудот не секогаш се исплати - Отпуштен затоа што доаѓал порано од сите
Објавено во: Економија 11 Ноември, 2017
Бизарен случај на отпуштање бележи шпанскиот весник „El Pais“ кој открива дека синџирот на маркети Лидл во Барселона го отпуштил највредниот вработен кој секое утро доаѓал во 5 часот и порано започнувал со работа за да го подготви маркетот.
Во одлуката за отказот стои дека „има тешко прекршување на правилата за работа“, бидејќи Жан П., без да се пријави, доаѓал порано на работа, „правел нарачки, менувал цени и редел производи низ супермаркетот“.
Со тоа работникот ги прекршил правилата за работа на компанијата што се однесуваат на плаќање на вработените за секоја одработена минута и за уредно пријавување на почетокот и завршувањето на работното време.
Отпуштениот работник ја тужи фирмата на суд со образложение дека неправедно останал без работа и бара да биде вратен на работното место.
Адвокатот Жуан Герера тврди дека дури и Жан да ги прекршил правилата од тоа бенефит имал самиот Лидл, па затоа отказот е бесправен.
Жан наведува дека не барал другите работници да доаѓаат порано и дека никогаш не му било кажано дека треба да побара дозвола да доаѓа порано на работа. Тој исто така вели дека тоа го правел поради воведената реорганизација во продавницата поради која требало повеќе време да се подготви продавницата за отворање.