07 Мај, 2024
0.0262

„Црни списоци“

Објавено во: Колумни 05 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Неделава што изминува беше одбележана со разбранети односи на Москва со некои европски престолнини. Повод за тоа беше „црниот список“ што го состави Москва, а во кој се најдоа 89 европски политичари и воени лица на кои им е забранет влез во Руската Федерација. Станува збор за  листа на која се наоѓаат лица , најмногу од  Полска(18), Велика Британија, земјите од Балтикот, Шведска, Германија, Чешка, Франција, Данска, Холандија, Шпанија, Белгија, па дури и по еден од Бугарија, Финска и Грција.  Во прашање се актуелни и поранешни официјални лица од тие земји, меѓу кои има и 14 пратеници од Европскиот парламент, генерали, разузнавачи...

Бурната реакција на државите на чии државјани им е забранет влезот во Русија се чинеше како да се случило нешто небообичаено во нивните односи со Русија. Се крена толку врева за работа која е редовна практика во политиката, но која не може да си ја дозволи секоја земја. Но за ова подоцна.

Членките на ЕУ, чии државјани се во списокот, сите до една бараа објаснување зошто не се објавува јавно списокот, кога веќе постои, па да се каже, зошто и според кои критериуми и законски основи е составен...Па дека станува збор за неприфатлив потег и сл.

Одговорот од руска страна беше едноставен. Список постои и тој е испратен уште лани до сите земји чии државјани се наоѓаат во него. А стана актуелен, откако некои европски политичари беа вратени од руските арердроми, каде што тие дознаа дека се наоѓаат на некој црн список. По ова, тој планирано или не, беше обнароден, најнапред во финската национална телевизија YLE, а потоа почнаа да го објавуваат насекаде. Паралелно со ова почна и бранот критики кон Русија. Па закани, за конечно претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, да каже дека, како контра мерка се забранува слободен пристап на персоналот во руското претставништво во ЕУ, освен на шефот на претставништвото Владимир Чизов и уште еден дипломат. Сите други ќе мораат да бараат дозвола за тоа и секое барање ќе биде посебно разгледувано.

На многуте прашања, поставени од засегнатите земји, а на кои добиваа дипломатски одговори од претставници на руското министерство за надворешни работи, одговори и министерот Сергеј Лавров. Според него, не може Русија да се обвинува за некои списоци на лица на кои им е забранет влез во Руската Федерација. А за кој без никаква основа се вели дека е произволен, и во исто време да се тврди дека од страна на ЕУ биле запазени сите „пристојности“, затоа што секој русин, вклучен во „црниот список“  на Унијата, тоа го „заслужил“.

Тој при ова го спомена „црниот список“ на ЕУ во кој има околу 150 Руси, меѓу кои голем број раководители и членови на рускиот парламент, вклучени во него „за искажана политичка позиција“ кон прашањето за изјаснувањето на населението на Крим.

 „Во историјата немам сретнато случај на таков начин да се казнуваат параламентарци за нивна политичка позиција. Па затоа, санкциите што беа донесени од ЕУ и САД и некои други ваши сојузници се апсолутно нелегитимни“, рече Лавров одговарајќи на прашање на странски новинар во Москва. Според него кога ЕУ вовела ограничување кон 150-те Руси, Русија постапила аналогно, со список, но со помал број лица од ЕУ, и не сакала да ги објавува нивните имиња. И сето тоа да биде проследено со гласна кампања, како што тоа го прави Брисел. Сета работа била направена по дипломатски пат со барање, земјите членки да ги информираат своите парламентарни, политички или јавни функционери од ЕУ кои планираат да патуваат во Русија да се обратат во руските конзулати за да проверат да не се наоѓаат на „црниот список“.

Возвратните санкции, според Лавров, се  однесуваат на лица кои активно го подржувале државниот удар во Украина, како резулатат на што, Русите во Украина почнаа да бидат гонети и дискриминирани по етничка или јазична основа, што се потврдува и со низа закони и други акти усвоени од Украина, а кои противречат на многу конвенции со кои се заштитуваат правата на националните малцинства и групи. А, односот на ЕУ кон ваквите чекори на Украина е – молк.

Практиката на составување на „црни листи“ во односите на Западот со Русија не е нова. Да го споменеме од поново време „Списокот Магнитски“. Во него на иницијатива на сенаторот Бенџамин Кардин има наброено лица, одговорни за апсење, лошо однесување и смрт на ревизорот Сергеј Магнитски. Потоа, за други груби нарушувања на човековите права во Русија и серија крупни грабежи на буџетски средства под маската на поврат на данок, откриени од група правници и ревизори, вклучувајќи го и Магнитски. Во септември 2010 во САД тој список беше преточен во закон. Резолуција за истото тоа во декември таа година усвои и Европскиот парламент. Во списокот имаше 60-тина имиња на луѓе, директно или индиректно виновни за затворање и смрт на Магнитски.

Русија не остана должна. Таа подготви список со имиња на американски чиновници, директно или индиректно виновни за смртта на едно дете во САД, посвоено од Русија во американско семејство. Се разбира, тоа беше преточено во закон кој беше усвоен во Државната дума, наречен „Закон Дима Јаковљев“.

Казнувањето со внесување во „црн список“ не е ново и на нашиве простори, ниту пак кај нас. До ден денес на таков американски список се наоѓаат политичари од државава кои со години, од 2001 година, немаат право на влез во САД, а евентуално им се замрзнува и имот во таа земја доколку го имаат. Таков е случајот со Мендух Тачи, со Кастриот Хаџиреџа и редица други Албанци и Македонци од Македонија. Има списоци за луѓе и од другите некогашни републики на поранешна СФРЈ.

Русија ја користи оваај метода, како што ја користат и западните земји. И тоа не само за вакви списоци за непожелни личности. Да го земеме Крим. Рускиот одговор на критиките од Запад беше дека, исто како и осамостојувањето на Косово, така и приклучувањето на Крим кон Федерацијата е врз изразена волја на народот. Во Крим со референдум, на Косово со Декларација за независност. Како што вие ја признавте независноста на Косово, така и ние го прифативме Крим. Ако на Србија и е нарушен суверенитетот и територијалната целосност, тогаш тоа би се однесувало и на Украина. Таков е резонот на таа политика.

Ваквите односи ќе продолжат и натаму, бидејќи се дел од меѓународната практика, но со едно ограничување. Тоа можат да си го дозволат само големите. Значи не може тоа да го направи сама Естонија или Латвија, туку мора да бидат зад грбот на ЕУ. За  големите не важи „ Што ми е дозволено мене, не ти е дозволено тебе“ Или „Она што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“. Напротив, кај нив важи „Она што му е дозволено на волот, му е дозволено и на Јупитер“. Кој и да е вол.

 Е, сега, кај сме ние овде, во светлото на најавите дека Западот веќе размислува за воведување на санкции кон поединци-политичари и други во државава, за нарушени човекови права, за грабежи од буџетот, за предизвикување на меѓуетнички тензии, за... Ќе се забрани влез, да речеме во САД и ќе се запленат  сметки. Дали Македонија ќе може да одговори соодветно, и да воведе санкции за Американци, кои нарушиле некакви права, нечии права, па и на Македонци во таа држава?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина