02 Мај, 2024
0.0248

Туѓината пуста да остане

Објавено во: Колумни 07 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Туѓината пуста да остане, таа од либето ме раздели, што го љубев леле три години...Стихови од песна која се пеела години и години, на разделби, кога печалбарите заминувале некаде далеку, во краеви за ним непознати, но оделе за подобро утре за себе и за своите ближни, но и  на прослави и  веселби, кога се крунисувала љубовта меѓу младите и сите славеле во името на таа љубов. Заеднички импулс на сите чествувања проследени со споменатите стихови се солзите што се лееле, во едниот случај радосници - бидејќи се слави љубовта, во другиот случај таговници - за разделбата. И не само овие, уште многу стихови се испеани за разделбите, за туѓината, за печалбарите. Тие и ден денес се наодминлив декор на секоја веселба по различни поводи, на секоја фамилијарна прослава кога се чествува нешто убаво. Но има нешто суптилно различно за песните некогаш и денес-некогаш се пееле за печалбарите, но надежта останувала кај оние кои го испраќале гурбетџијата дека кога ќе ја оствари својата цел и мисија, дома ќе си дојде, радосен и среќен со нетрпение ќе пристигне во родниот крај, кај саканите и тука ќе ја гради својата иднина и иднината на своите поколенија, а денес, е дене приказната е малку поинаква. Постојат два излеза за иднината на младите од Македонија Една шега која деновиве е актуелна на социјалните мрежи гласи вака: постојат два излеза за иднината на младите од Македонија - едниот е аеродромот Александар велики, а другиот е аеродромот Св.Апостол Павле. Колку и сурово да звучи оваа шега и не е далеку од вистината. Навистина тажни и болни се сликите на родители кои ги испраѓаат своите чеда, некаде далеку, но со минимална надеж дека можеби тие некогаш ќе се вратат во родната грутка. Таговноста се чита од нивните лица, болката, скршеноста, немиот поглед и солзните очи се неодминлив декор од нивните лица. Прегратките силни и долги, бидејќи неизвесно е кога следниот пат мајката ќе си го прегрне своето чедо, или таткото ќе има можност милно да разговара лице в лице со своето дете. Поразителни се бројките на Еуростат и Светска банка за иселувањето на младите Поразителни се бројките на Еуростат и Светска банка за иселувањето на младите од нашата земја. Кога ќе прочитате податок дека повеќе од 230 000 млади ја напуштиле државата, што е една десетина од вкупниот број на жители на Република Македонија,  и заминале некаде далеку да си го бараат своето место под сонцето. А тоа место е далеку од родното огниште, далеку од местото каде си го поминал детството играјќи со другарите, далеку од местото каде ти се случила првата љубов, далеку од местото каде си учел и си се надградувал...Сите тие спомени ги оставаат младите и како велат нашите балкански соседи “трбухом за хрухом” одат да си оставарат и обезбедат егзистенција и подобра иднина. И она што боли и што е поразително е желбата таму да останат и таму да ја планираат иднината. Партиската книшка е побитен фактор за добивање работа и напредување во кариерата од индивидуалните знаења и квалитети Прашањето кое везден си го поставуваме е: Кој и зошто оди? Прашање навидум едноставно, но мошне комплексно. Одат млади, одат образовани и квалитетни луѓе, одат лица со високо образование, со ум и знаење, со вештини и компетенции, одат лекари, инжињери, технолози, правници, економисти, социолози, психолози. Оди едноставно кажано иднината на земјата. Секако дека прва причина е економскиот фактор, односно потребата за работа и обезбедување на егзистенција. Но не ли може и тука да се вработат, нели може тука да творат, создаваат и за себе и за своето семејство и за државата. Може но имаме потполно испервертирани вредности. Партиската книшка е побитен фактор за добивање работа и напредување во кариерата од индивидуалните знаења и квалитети. Кога на млад човек ќе му поставите услови да мора да земе партиска книшка за да добие работа, и потоа дополнително да ги извршува сите партиски задачи, како би ја покажал лојалноста и благодарноста, е тоа е како да сте го оковале во пранги. Младите ја сакаат слободата, можноста за избор, можноста за докажување и квалитетен натпревар и конкуренција и секако вреднување на нивното знаење и квалитет согласно компетенциите кои ги поседуваат и за тоа соодветно платени. Само на тој начин ќе се стимулира младиот човек да остане каде е неговото семејно гнездо, само со добра национална стратегија ќе се задржи младината, а доколку тоа не се направи постои опасност оние најквалитетните и најработоспособни да си заминат, а епилогот ќе биде стареење и полека пропаѓање на државата. Затоа крајно време е да викнеме доста е и квалитетот да ја замени партиската книшка, тоа е рецепт за држава која сака добра иднина. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина