06 Мај, 2024
0.0229

„Турски поток“, сепак, ќе тече низ Бугарија?

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Изградбата на гасоводите низ Југоисточна Европа, а кои ќе водат во Средна Европа, како да ги добиваат своите контури. Иако се уште е рано да се говори за точните маршрути на гасоводите од она што се случува последниве десет дена станува јасно дека Бугарија одново влегува во игра како транзитна земја. Она што го пишувавме во „Фактор“ пред некој месец, дека ако дојде до некаков договор меѓу Русија и ЕУ, тогаш Европа ќе навива за Бугарија, а ќе ја занемари Македонија како гасоводен коридор, се повеќе се нагласува во разговорите на заинтересираните страни. Пред десетина дена словачкиот премиер Роберт Фицо беше во посета на својот руски колега Димитриј Медведев.  Оттаму дојде и првата најава дека Бугарија и покрај тоа што го изгуби „Јужниот поток“, како компензација од страна на ЕУ ќе добие поддршка евентаулниот коридор од „Турски поток“ да минува низ неа.„Ние и предлагаме на Русија проект, кој треба да биде заеднички на Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка со учество на Европската Унија. Тој е поврзан со руско-турската маршрута („Турски поток“ заб. авт.), проект кој треба да се реализира од 2016 година“, изјави тогаш Фицо. Всушност станува збор за маршрутата на пропаднатиот гасовод НАБУКО, само што овој пат наместо од Турција тој би тргнал од Грција. За проектот очигледно се бара поддршка и учество на ЕУ. Секако на Фицо не му паднало на памет од ракав да предлага некаков проект. Сигурно за него се координирал со своите колеги од споменатите земји, учеснички во него. За нив е главно да добијат гас со стабилна испорака и секако со помала цена. Ова и одговара и на Русија, бидејќи таа сега не е во ситуација да ги диктира цените. Ако може Турција да се пазари за попусти, бидејќи Русија е ставена во позиција да ја „моли“ гасоводот да минува и низ таа земја, тогаш истото можат да го прават и други земји. Да бараат некаков бенефит. Русија сигурно ќе прифати такво нешто. Русија одамна најави дека транзит на гас низ Украина ќе нема по 2019 година. Поточно дека нема намера да го продолжува сегашниот договор со „Нафтогас“, кој тогаш истекува. Значи од 1 јануари 2020 година сите држави кои добиваат гас транспортиран низ Украина ќе мора да бидат приклучени на некој нов гасовод. „Но ние не можеме да седиме и спокојно да чекаме, Украина да отпадне од транспортниот систем за гас. Па, токму затоа актуелноста на проектот ќе расте по мерка на тоа како ќе реализира „Турски поток“, рече во Москва Фицо, во поткрепа на својот предлог. На Русија секако и годи што земји членки на ЕУ предлагаат заеднички енергетски проекти. „ Ние денес со мојот колега ги разгледавме можностите за имплементација на варијантите, кои ги создава „Турски поток“, после тоа кога гасот ќе дојде до границата на Грција, за државите од Европа и можното приклучување кон сите тие процеси“, изјави тогаш рускиот премиер Медведев. Но, едно засега е јасно. Гасот мора да минува низ Грција. Рускиот претседател Владимир Путин пред некое време изјави: „Ние немаме намера никого да казнуваме, на никого да не му се лутиме. Ако логистички е можно ние сме подготвени и во Бугарија да оди, но само преку Грција, нас веќе денес за тоа не моли Европската комисија“. Луѓе од администрацијата на Путин за руски медиуми потврдуваат дека претставници од ЕК се обраќале Бугарија да се користи како транзитна земја при продолжувањето на „Турски поток“. Изградбата на „Турски поток“ треба да почне до крајот на месецов. Италијанската компанија Saipem, која беше ангажирана за поставување на гасоводот низ Црно море веќе потврди дека добила нарачка да почне со работа. Пред извесно време и фабриката во Германија, која требаше да ги испорача цевките за гасоводот „Јужен поток“, го продолжила нивното производство, по прекинот што настана во декември лани, кога Русија кажа дека го затвора тој проект. Очигледно намерата на Русија е сериозна. Дека е тоа така потврдуваат и најавите дека во Баку, за време на отворањето на Европските игри ќе се сретнат претседателот Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Изборите во Турција го одолжија потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот. Можеби и сега нема да биде потпишан, поради тоа што турската влада е во оставка, а нова не е составена. Но, се најавува двајцата претседатели да разговараат за проектот, за договорот, а може да се очекува Турција да ја даде дозволата за градба на гасоводот. Дека низ Бугарија ќе тече некој гасовод потврдува и вчерашната посета на координаторот на Стејт департментот за енергетика Амос Хохштајн кој ја посети Бугарија. Главни теми на средбата на бугарскиот премиер Бојко Борисов него биле можностите за диверзификација на изворите на енергенси и обезбедувањето на енергетска независност. На таа средба конкретно се разговарало за напредокот во изградбата на трасите за поврзување на Бугарија со соседните држави вклучени во проектот „Јужен гасен коридор“. Кај нас попознат како „Транс јадрански гасовод“ (TAP), кој треба гасот од Азербејџан да го носи преку Грција, Албанија, Италија и понатаму. Очигледно Американците сакаат и Бугарија, покрај другите земји, да не се приклучи кон „Турски поток“. Но и во овој случај врската ќе биде преку Грција. Борисов изјави дека се работи на студии за интерконекција, а такво нешто се правело и во Србија. Секако изградбата на  TAP ќе овозможи различни извори, кои би ја намалиле зависноста од само еден снабдувач со гас. Истиот американец во април беше во Грција да ја убедува да не се согласува да го гради продолжетокот на „Турски поток“ наречен TESLA. Поточно, тој ги повика Грците да се откажат од тој гасовод во полза на ТАР. Дури вети поддршка во неговата изградба. На тој начин, според него, ќе се намали можноста енергијата да користи за покажување на политичка моќ. Но Грците засега играат на картата која им носи два гасовода. И „Турски поток“, кој би го граделе со руски пари и ТАР. Иако Македонија е мал играч, после она што се случуваше изминатиов период, не е чудо Хохштајн да дојде и кај нас или пак да прати порака преку американската амбасада, ако веќе не пратил. Впрочем, заменик помошникот државен секретар за Европа и Азија Хојт Брајан Ји во интервју за Слободна Европа, пред некој ден, посветено на настаните во регионот изјави:„Тоа што Русија тука тргува или продава енергија, само по себе не претставува опасност. Она што ние притоа сметаме дека е важно е земјите да ја сочуваат независноста, посебно енергетската, за да не станат зависни од Русија или од која било друга земја.“ Но како ќе ни помогнат да го направиме тоа? Дали може да ни помогнат да се припоиме кон ТАР? Дали може гасоводот од ТАР до Средна Европа да минува низ Македонија, Србија, па нагоре кон Унгарија? Или пак и тие сметаат дека за нив поважен играч е Бугарија, па ќе инсистираат коридорот да минува низ таа земја, како што сака и Европа. Независно дали ќе доаѓа гас во него од „Турски поток“ или од ТАП. Очигледно интересите на големите играчи се двигателот во одредување на гасните коридори. И Европа и САД и Русија во одреден степен се подготвени Бугарија да биде транзитната држава за гас. Можеби тоа е единственото што ги обединува во моментов во овој дел од Европа. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина