УАПСЕН ЗАКАНУВАЧОТ: Полицијата приведе маж кој му пишуваше на Јовески дека ќе го убие
Објавено во: Македонија 02 Февруари, 2022
Уапсен е маж за кој полицијата тврди дека е заканувачот кој пред десетина дена му пиша на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Во писмото имаше закана дека Јовески ќе биде убиен многу брзо. Според информациите апсењето било во Битола.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на 27 јануари преку писмено соопштение ја извести јавноста дека во текот на претходниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот.
„Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.
Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата“, пишува обвинителот.
Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.