03 Мај, 2024
0.0249

Удар по удар врз Русија!

Објавено во: Колумни 19 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Не помина еден ден од веста дека Европската Унија ќе ги продолжи санкциите против Русија за уште шест месеци, а дојде нов удар. Судските извршители во Белгија ќе ги запленуваат руските државни активи во земјата. Вчера тоа го направи и Франција, а синоќа и Австрија. Се очекува деновиве тоа да се случи и во САД, Велика Британија, Холандија и Германија. Како што пренесуваат руските медиуми во списоците на извршителите во Белгија, а веројатно и во Франција и Австрија, влегле речиси сите крупни банки, вклучувајќи  белгиски и меѓународни, а исто така и невладини организации, медиуми, како дописништва на руски агенции и редакциите на телевизијата „Русија денес“, и дури месната епархија на Руската православна црква. Сите тие за две недели се должни да дадат отчет за парите и имотот. Ѓаволот дојде по своето. Ѓаволот во ликот на акционерите на обанкротената компанија ЈУКОС. Таа, во далечната 2003 година, во таканареченото „Дело ЈУКОС“, кое изобилуваше со се и сешто, и транзициски криминал и богатење, и реваншизам и атака од страна на власта и подметнувања, и политички амбиции и нивно сосечување во корен во страв од опонентот, од најавени реформи, па дури и до кулоарски изјави дека решението на „Делото ЈУКОС“ го спасило Владимир Путин од губење на власта. Од кого? Од Михаил Ходорковски, првиот човек на „ЈУКОС“, кој никако не беше светец во стекнувањето на првобитниот капитал, впрочем како и сите други руски олигарси во тоа време. Но, меѓу ретките од „осморката“ кому му се распадна империјата, неможејќи да ги плати загубите во милијарди долари, кои се појавија како резултат на неплатен данок. Секако напумпани, само да се обанкроти компанијата. И замина во затвор, повеќе од десетлетје. Во 2006 година „ЈУКОС“ дефинитвно премина во рацете на неговите конкуренти, блиски до Путин, со разни игри, конкретно во рацете на Игор Сечин, прв човек на компанијата „Росњефт“. Навистина, по ликвидацијата на „ЈУКОС“, веќе наредната година во буџетот на Федерацијата уплатите на даноците се зголемија за 250%, но тоа беше пред се резултат на стравот на компаниите да не ја доживеат судбината на компанијата на Ходорковски. Може да се каже дека тој беше „отстрелан“ за пример на другите нафтени  компании, кои во работењето во ништо не беа поразлични од „ЈУКОС“. А државата преку „Росњефт“ одеднаш ги зеде под контрола огромните резерви нафта и доби можност да врши економски и политички притисок врз своите евентуални противници. Но бившите акционери на „ЈУКОС“ не се откажуваа лесно од своите права. Па во 2004 година се обратија во Европскиот суд за човекови права. Судот во 2010 година не досуди во целост во нивна полза, но по жалбата од 2011 година, во 2014 година донесе решение дека Русија треба да им исплати на бившите акционери на компанијата 1,86 милијарди евра, како компензација по нивната жалба и уште 300.000 евра за судски трошоци. Некој месец пред тоа, во истата година, Меѓународниот арбитражен суд во Хаг го прифати барањето на бившите акционери против Русија и одлучи ним да им се исплати компензација во висина од 50 милијарди долари, иако барањето беше дури 114 милијарди долари. Па така Русија е должна, заедно со судските трошоци, да плати 51, 6 милијарди долари. Според судот дејствијата на Русија во однос на „ЈУКОС“ може да се сметаат како експрорпијација на инвестиција, со што се нарушува членот 45 од Енергетската повелба, која е потпишана од Русија во 1994 година, од тогашниот премиер Виктор Черномирдин, но не е ратификувана. Уште пред донесувањето на одлуката за големиот арбитражен спор, Андреј Иларионов, поранешниот економски советник на Путин, во својот блог напиша дека доколку таа не е во полза на Русија тоа ќе биде „чудовишен удар врз сегашниот кремлевски режим и лично врз Владимир Путин, како од точка на гледање на правото, така и од точка на гледање на репутацијата и финансиите“. Како реагираше Русија на најновите настани? Како што пишуваат руските медиуми, во руското Министерство за правда изјавиле дека решението за заплена на државните активи можеби ќе биде обжалено во надлежните судови. За министерството решението на ЕСЧП за компензација на акционерите на „ЈУКОС“ е неосновано и се сомневаат дека Русија ќе го исполни. Министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, остава се да се реши по судски пат. Прес-секретарот на Путин, Димитриј Песков вели дека:-Руските власти и адвокати се занимаваат со ситуацијата на заплената на руските сктиви во странство, меѓутоа тоа нема никаков однос кон кон инвестиџиската клима во Русија! А за тоа, според него, потврда бил и големиот интерес на претприемачките кругови, учесници на Петербуршкиот економски форум. Претходно од Кремљ беше соопштено дека Русија се подготвува и за заплена на државните активи и во други земји, но заплената ќе биде оспорена по судски пат. Вчера во руското Министерство за надворешни работи беше викнат белгискиот амбасадор на кој му бил изразен протест за заплената на активите, што од Москва се смета за грубо нарушување на меѓународното право, а истовремено е нагласено дека и Русија може да презема соодветни мерки, се до заплена на имотот на Кралството Белгија во Русија, дури и имотот на белгиската амбасада во Москва. За заплената на рускиот имот уште пред еден месец предупредуваше Тим Осборн, адвокат кој ги застапува интересите на акционерите од „ЈУКОС“. Но како никој тоа да не го сфати сериозно, иако уште пред многу месеци, акционерите на „ЈУКОС“ побараа од западните земји замрзување на руските активи кај нив. Еден руски медиум веќе предупреди дека нема се да заврши со заплена на згради или сметки на некои компании. Под закана се и најмалку половината од меѓународните девизни резерви на Руската Федерација. Цел на извршителите можат да станат и средствата од Министерството за финансии на Русија. Тоа управува со Резервниот фонд и со Фондот за национална благосостојба, на кои им отпаѓаат 152,1 милијарди долари од вкупниот обем на меѓународни резерви на Русија. Другиот дел од тие резерви, 208 милијарди долари, се на располагање на Банката на Русија. Но според извештај на банката, ниту еден цент од таа сума не се наоѓа на територијата на Русија. Има искажувања дека и Централната банка и Министерството за финансии отпорано се подготвувале за ваков развј на настаните. Можеби златото, готовината и хартиите од вредност веќе се префрлени во земји кои не потпаѓаат под решенијата на Арбитражниот суд. Исто така и дека Централната банка не може да одговара, бидејќи е независна и не влегува во владата. Како може да се развива ситуацијата натаму? Од првите реакции на Русија веќе се наѕираат некои чекори. А тоа е заплена на имот на земји кои ќе запленат руски имот. А тоа веќе значи одговор со удар врз ударот. Или со „економска бомба“ врз „економска бомба“. Исто како што беа реакциите на економските санкции. Санкции за санкции. Можеби Русите не ќе имаат основа да запленат  странски имот само така, но имаат и тие механизми. На пример, заплена за неплатени даноци. Заплената на руските активи има и свои политички последици. Во Русија веќе велат дека тоа е намерно направено за да се зголеми економскиот притисок врз земјата. Па дека заплената почнала намерно ден спроти отворањето на Петербуршкиот економски самит на кој учествуваат голем број странски компании. Како и дека е тоа од полза на оние сили во Москва кои сметаат дека не станува збор за економски, туку за политички санкции, кои ќе доведат до уште поголемо антизападно расположение во Русија. На крај една алузија со нашата реалност. И кај нас имаше фирми уништени од политички побуди, а луѓето окапуваат во затвор. На пример случајот со Телевизијата А1. Станува збор за мал „ЈУКОС“. Со таа разлика што нафтената компанија премина во туѓи раце, а А1, иако можеше да се продаде, барем брендот, беше урната до темел. Сега случајот е пред судот во Стразбур. Кој ќе ги плаќа евентуалните штети, за остварувањето на хировите на политичарите?  Дали државата е должна да плаќа за поединци од власта кои со А1 си воделе лични борби?. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина