Ударните термини за рекламирање на кампањата на референдумот ќе ги „окупира“ Собранието
Објавено во: Економија 03 Август, 2018
Само Собранието како овластен предлагач има привилегиран пристап до услугите кои ги обезбедуват радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), предвидени со Изборниот законик а поврзани со водењето јавна пропаганда за претстојниот референдум, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК).
„Овластениот предлагач има приоритет на користење на медиумските термини. Останатите субјекти можат да се рекламираат на медиумот, но под пазарни услови. Неискористените термини, медиумот може да ги продаде на други субјекти, под услови договорени со субјектот кој го купил терминот. Ценовниците и условите за медиумско претставување, кои медиумите ги доставуваат до Државната изборна комисија, се однесуваат само на „привилегираниот пристап“ на овластениот предлагач. Сите останати субјекти го договараат своето медиумско претставување со соодветниот медиум, под пазарни услови“ информира ДИК.
Сите останати субјекти, наведува ДИК, можат да имаат свое медиумско претставување поврзано со Референдумот 2018, но пристапот до услугите на медиумите е под пазарни услови, согласно правилата и политиките за платено рекламирање на секој медиум.
„Обезбедувањето дополнителни минути за емитување комерцијални пропагандни пораки е прашање кое медиумите (самостојно или преку нивните здруженија) треба да го договорат со Агенцијата за медиуми, која е надлежно регулаторно тело за овие прашања. Државната изборна комисија е спремна да помогне доколку цените дека ваква помош е потребна“, додава ДИК во соопштението за медиумското претставување за претстојниот референдум.
ДИК уште информира дека во понеделник ќе изврши измена на Роковникот со кој рокот за поднесување на ценовниците за медиумско претставување поврзано со референдумот ќе биде продолжено до седми август 2018.