УЈП ја „скенира“ трансакцијата од 250 илјади евра на Лила Филиповска
Објавено во: Македонија 05 Февруари, 2020
Даночните власти водат постапка за случајот за кој медиумите објавија дека водителката Лила Филиповска подигнала од градежна фирма 250 илјади евра.
На прес конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска беше прашана дали Филиповска во 2017 во даночната пријава ги пријавила 250 илјади евра и дали на нив платила данок.
Лукаревска рече дека УЈП води постапка, за која кога ќе заврши ќе ги извести медиумите.
„Благодарам за прашањето, бидејќи ние во конкретната фирма која беше поврзувана со конкретното физичко лице имаме спроведено и контрола, токму заради оваа трансакција. Странките беа кај нас на разговор, ни ја објаснија целата ситуација, за подетални информации ќе известиме штом заврши целата постапка“, рече Лукаревска.
Инаку, вчера Ена Норнилд, косопственичка на градежната фирма „Дан-Мак“ за медиумите тврдеше дека и ги исплатила фамозните 250.000 евра на сметката на водителката Лила Филиповска, која претходно беше сведок во судењето за случајот „Рекет“, во кој обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева.
Таа рече дека била измамена за наводното учество во ЕУ проекти за изградба на домови за стари лица, а посредник била водителката Лила Филиповска, по што пред две години поднела кривична пријава против неа и Јовановски.