УЈП казни 60 фирми – не издавале фискални сметки
Објавено во: Мои пари 22 Октомври, 2013
60 деловни објекти во Скопје, Прилеп, Битола, Кочани, Куманово, Струмица, Радовиш, Неготино и Кавадарци, со неиздавање фискални сметки им ги ускратиле правата на граѓананите кои купувале во нивните деловни објекти, покажуваат последните контроли на Управата за јавни приходи.
Во Гевгелија даночните контроли затвориле два угостителски објекта во сопственост на семејство на даночен инспектор од Битола.
Од профилот на објектите со неправилностите (кафе барови, пицерии, колонијали, салони за мебел...), уште еднаш се потврдуваат анализите на Управата за јавни приходи дека услужната дејност е една од најризичните, а трговијата со мебел станува ризична категорија од даночен аспект, која во последно време е во подем.
- Секој купувач на добро или корисник на услуга има право да добие фискална сметка во моментот на плаќање. Неиздавањето фискална сметка, подразбира и дека граѓанинот нема потврда оти купил и платил за цената на производот/услугата во соодветниот деловен објект, со што се загрозуваат неговите потрошувачки права - за враќање или рекламација на купеното, укажува УЈП.