Добивај вести на Viber
Нереални финансиски показатели, прикажале 65 проценти од деловните објекти и со тоа директно го оштетиле буџетот, покажуваат контролите на УЈП спроведени во месец Септември.
Над 400 објекти не го прикажувале во целост готовинскиот промет од своето работење и плаќале помалку данок.
17 објекти во последните два дена се затворени во Скопје, од кои четири се поголеми салони за мебел лоцирани во Центар, Чаир и Бутел. Во еден случај поднесена е и кривична пријава поради неовластено отстранување на пломбата на објектот.
УЈП паралелно со интензивните контроли во делот на фискализација, ја применува и мерката „попис“ посебно кај ризичните дејности, што значи проверка и пребројување на целокупната стока и производи во сите деловни единици на даночниот обврзник.
Наместо плаќање на казни, неовластено симнување на лентите и пломбите на запечатените објекти, обиди за спречување на контролите на Управата (уништување на деловни документи, бегање на обврзниците со прометот, напади и закани на даночниците и сл.), ги повикуваме обврзниците да издаваат фискални сметки, што е поедноставно и поисплатливо од казните.
Сите даночни обврзници кои не се информирани во врска со своите обврски и начинот на регистрирање на готовинскиот промет, може да се обратат во даночните канцеларии каде се организираат едукативни средби. Од почетокот на годината, УЈП има повикано 500 обврзници на едукативни средби во делот на фискализација.