20 Април, 2024
0.0273

Украина ќе бира претседател-комедијант и четириесетина други

Објавено во: Колумни 01 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Од денес во Украина, па до крајот на месецов поинтензивно ќе се води кампања за избор на нов претседател на државата. Официјалната кампања почна на 30 декември лани, а на 31 март Украинците ќе излезат на избирачките места да го одберат шестиот претседател или да го потврдат сегашниот – Петар Порошенко. Како што стојат сега работите изборите ќе бидат непредвидливи, со можен мал одѕив на населението, поради општата апатија предизвикана од сиромаштијата, корупцијата и секако од она што се случува на истокот на земјата – воениот конфликт.

За изборите на претседател се регистрирани дури 44 кандидати, што е рекорд, на последните избори во 2014 година беа регистрирани 21 кандидат. Избирачите ќе можат да се определат за еден од регистрираните кандидати, а подолг период лидер во анкетите е комедијант, кој зад себе ги остава сегашниот претседател и поранешна премиерка. Станува збор за Владимир Зеленски, кој води пред Петар Порошенко и Јулија Тимошенко.

Резултатите од една најнова анкета на Центарот „Социјален мониторинг“ и Украинскиот институт за социјални истражувања „Јаременко“ објавени во средата потврдуваат дека за комедијантот Зеленски се подготвени да гласаат 27,3 проценти од испитаниците. На второ место со 18,8 проценти е Јулија Тимошенко, а на трето Петар Порошенко со 18, 2 проценти од испитаниците. Над десет проценти има уште лидерот на партијата „Опозициона платформа – За живот“, Јуриј Бојко со 10,9 проценти од испитаниците. Растечкиот рејтинг на Зеленски може да се гледа како очигледен знак на незадоволството на населението од владејачката елита. А во епоха на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, тој активно работи во социјалните мрежи и редовно комуницира со своите следбеници.

Фактот дека Зеленски со недели е на врвот на анкетите зборува дека тој има и најмногу шанси да победи на изборите. А тоа значи дека постои можност во земјата во која се разигрува внатрешна трагедија по изборите да се зборува и за комедија. Анкетите навестуваат и втор круг на гласање , но доколку во него влезе Зеленски, тој според сите истражувања би ги победил и Порошенко и Тимошенко.

Од каде дојде 41 годишниот актер Зеленски? По иронија на судбината тој она што го играше во една телевизиска серија сега може да го игра и во стварноста. Станува збор за ТВ серијата „Слуга на народот“ во која учителот Василиј Петрович Голобородко кој се изнервирува од скотскиот живот што го опкружува огнено ја критикува социјално-економската ситуација во Украина. Еден од учениците сето тоа го снима на видео и снимката ја става на интернет мрежата по што учителот станува многу позната личност. Па се до кандидат за претседател и претседател-реформатор. Прв пат серијата се појави на екраните во 2015 година и беше најгледана во Украина. Според некои податоци на Јутјуб каналот на студиото на Зеленски-„Квартал 95“ серијата ја гледале 98 милиони посетители. Наскоро после тоа „Слуга на народот“ е продадена во Естонија и Казахстан, а во 2017 година и на сервисот Нетфликс.

Сега се подготвува нова сезона на оваа серија, но веќе се јавија и проблеми. Зеленски планираше таа да почне да се емитува во март, а тогаш ќе има и изборна кампања. Па некои го обвинија дека сака да ја искористи серијата да си го подигне рејтингот уште повеќе. Дали емитувањето на серијата е политичка агитација? Централната изборна комисија на Украина е збунета, зашто и серијата и партијата на Зеленски имаат исто име - „Слуга на народот“. Членовите на комисијата сметаат дека со прикажувањето на серијата дел од гледачите можат да се определат да ги дадат своите гласови за Зеленски. Во украинскиот Закон за избори од 1999 година не е регулирано што е политичка агитација, а што реклама.

Смешната ситуација во која се наоѓа украинската Централна изборна комисија најверојатно ќе мине без потешки последици врз изборниот процес. Зашто, сепак, поважно е како ќе се развиваат работите овој месец. Во наредните 30 дена секако со скрстени раце нема да седат ниту Порошенко и ниту Тимошенко. Нема да изненади и нивен договор, ако може токму тие двајца да одат во вториот круг, а потоа да се договорат. На пример Порошенко да биде претседател, а Тимошенко да му „попушти“ и да биде назначена за премиер. Дотолку повеќе што и двете нивни партии се доста силни во парламентот и ваквата замисла лесно би ја оствариле. Засега јавно е присутно глодање меѓу Порошенкои Тимошенко, но интересот е поважен од јавните манифестации. Тие знаат дека доколку Зеленски оди во вториот круг – ќе бидат поразени од него.

Зеленски има партија, има и програма. Се нарекува „Украина од мечтите“. Деновиве тој излезе во јавноста и побара избирачите да учествуваат во изборот на претенденти за премиер, за министри и други клучни позиции во државата. „Кому му се допаѓа кога претседателот им дава функции на својот кум или армискиот другар? Зошто ова се случува 28 години?, изјави деновиве тој. „Ние заедно ја напишавме програмата „Украина од мечтите“, а сега е ред наредниот чекор: „Тимот од мечтите“, вели Зеленски и бара од избирачите да предлагаат поединци, за тоа кој би бил премиер, кој државен обвинител, кои министри за надворешни и за внатрешни работи, за одбрана...

Но изборот на Зеленски не зависи само од украинските избирачи. Со оглед на природата на работите многу е важно кој ќе ја добие американската поддршка. Бидејќи САД се длабоко вмешани во она што се случуваше и што се случува во Украина, а се декларираат и како главен поддржувач на Украина и на нејзиниот суверенитет. Ако се суди според ставот на Александар Мотил, експерт за Украина, објавен на сајтот на Атлантскиот совет изборот на Зеленски ќе биде катастрофа за Украина. Според Мотил, Зеленски не е искусен како политичар. Единствено искуство кое го напоменува светот на политиката е преку неговата улога на претседател-реформатор која ја игра на телевизија. Но тоа не е доволно во сегашниот критичен момент за Украина, а исто така и за светската историја.

Зеленски, очогледно ќе има проблем со тоа што Американците не го милуваат многу. Курт Вокер, пратеникот на САД за Украина е настроен за повторен избор на Порошенко. Не со борови, но со дела. И му дава видлива поддршка во јавноста, преку средби, разговори...Американците, како и сите други, велат, убаво би било да имате слободни избори, да се избере ваков и ваков човек. И почнуваат да го цртаат нивниот фаворит. Јавно недостасува само името да се каже. И додаваат, „а како ќе го изберете него тоа е веќе ваша работа“. Зеленски има и еден друг проблем. Тој е близок на олигархот Игор Коломијски, на чија телевизија се емитува серијата „Слуга на народот“. Главно нападите врз Зеленски се токму поради ова дружење, иако самиот Зеленски демантира дека се блиси со Коломојски. Инаку Коломојски и Порошенко се „крвни непријатели“. Се чини на Зеленски не му се благонаклони и од ЕУ. Според пишување на украински медиум, по една средба со западните амбасадори, некој од нив за Зеленски рекол „не дека е нула, туку е минус за украинската политка!“

Изборите во Украина се проследени со појави кои не се туѓи во недемократските држави. Како што беше и кај нас во изминативе години. Порошенко го обвинуваат во создавање на мрежа која би работела за него, се разбира платена. Нејзините членови треба да агитираат, да истражуваат...Порошенко тоа го демантира. Но деновиве имаше дури и новинарско истражување за тоа како се плете таа, што работи и за кого работи. Има хакерски напади на медиуми кои ги објавуваат тие стории. Јулија Тимошенко е лута поради тоа што има регистрирано кандидати со име и презиме слично на нејзиното. На пример Јуриј Тимошенко. Како што беше кај нас со Рада Шекерова, кја земаше гласови од Радмила Шекеринска. Тимошенко побара импичмент на Порошенко, но во парламентот не ја удостоија со такво нешто. Овој пак ја тужи неа.

Деновиве се отвораат афери со криминал во набавки на резервни делови за воената опрема на украинската војска. Вмешани се луѓе блиски на Порошенко. Купувале по три пати повисоки цени, и тоа од Русија! Ваквите афери и други, создаваат впечаток дека меѓусебна војна водат министерството за внатрешни работи, со Државното обвинителство и Службата за безбедност на Украина. Се зависи која институција под чија капа е. Министерството за внатрешни работи е под капата на човек близок на Тимошенко, а другите две се водени од луѓе блиски на Порошенко. Сегашниот претседател кокетира и со радикалната десница, која утре може да му ги врзи рацете поради услугите кои му ги врши денес.

Се’ на се’ видени работи, но една работа е жална. Ако не победи Зеленски, колку и да не го сакаат Американците, па и Европјаните, тогаш Украина ќе остане со олигарсите и сите досегашни корумпирани поединци-политичари и институции. Налет и корупциски реформи и се друго. Се чини исто како што беше и кај нас. Во името на некаква стабилност да се дава поддршка на Никола Груевски и на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, без оглед на начинот на кој тие ја создаваа таа стабилност. Ова можеби значи дека Украина ќе ја чека нов Мајдан, ако не се случи нешто кое би довело до промена на подобро.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок