20 Април, 2024
0.0277

Украина реши да ги дисциплинира олигарсите

Објавено во: Колумни 07 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Неделава што измина украинскиот претседател Владимир Зеленски конечно реши да преземе чекор кој може да го направи победник или покојник. Особено што опаѓаше неговата популарност. Но по средбите со одделни американски политичари и телефонскиот разговор со претседателот Џо Бајден тој конечно повлече мошне ризичен потег. На прв поглед, реши да ги послуша Американците и да ја спроведе нивната прва заложба во односите со Украина. А тоа е борбата со корупцијата. Но дали е баш така?

Ни помалку ни повеќе Зеленски реши да ги дисциплинира олигарсите со носење закон за нив. Лани тој изјави дека е „подготвен да разговара со крупниот бизнис и да му обезбеди еднакви правила, а за замена сака олигарсите да живеат и работат според законот“. Тој смета дека на олигарсите треба да им се дадат „улогите во масовни сцени, а не главните улоги“. Па така во украинскиот парламент беше внесен Предлог-законот со малку чудно име: „За спречување на заканите врз националната безбедност, поврзани со претераното влијание на лица, кои што имаат значителна економска или политичка тежина во општествениот живот (олигарсите)“. Законот го помина и првото читање. Ако се донесе Законот ќе трае 10 години, а ќе почне да важи шест месеци по донесувањето.

Во Нацртот се нагласува дека:„ Целта на законот е надминување на конфликтот на интереси, предизвикан од спојувањето на политичарите, медиумите и крупниот бизнис, обезбедување на националната безбедност на Украина во економска, политичка, безбедносна и информативна сфера, заштита на демократијата, обезбедување на државниот суверенитет и избегнување на случаи на манипулација со свеста на граѓаните со намерно искривени информации со цел да се добие пристап до ресурсите што по право на сопственост му припаѓаат на украинскиот народ “. Како ќе се определува кој е олигарх?

ЗНАЦИ НА ОЛИГАРХ

Според законот, олигарх е индивидуа која истовремено исполнува најмалку три од четирите критериуми. Според критериумите олигарси ќе бидат сите луѓе кои учествуваат во политички живот, кои имаат значително влијание врз медиумите, кои контролираат монополи и имаат активи во вредност од над 83 милиони долари (2,3 милијарди гривни) . Учеството во политичкиот живот значи дека тоа лице е политичар, од одредена листа службени лица или негова поврзаност со некој од таа листа. Исто така ако има позиција во раководните тела на политичка партија, ако финансирал активности на политичка партија, политичка кампања или одржување состаноци или демонстрации со политички барања. Што се однесува до влијанието во медиумите олигарх е оној кој има медиум и посредно или непосредно влијае врз него.

Во Украина исто така ќе создаде отворен Регистар на лица со значителна економска или политичка тежина во јавниот живот (олигарси), што ќе го води Советот за национална безбедност на Украина. Според законот, на олигарсите им е забрането да даваат придонеси (директно или индиректно преку други лица) за поддршка на политичките партии, да бидат купувачи во процесот на приватизација. Аисто така олигарсите ќе бидат должни да достават декларации, исто како лице овластено за вршење на државни функциите или во локалната самоуправа, според Законот за спречување на корупција. Но нема да декларираат само олигарсите. Декларации за контакти со нив или со нивни претставници се должни да даваат еден куп политичари и овластени лица. Почнувајќи од претседателот на државата, преку судиите, офицери, лица од специјалните служби и еден куп други  јавни службеници, кои би се сретнале со олигарх или негов претставник. И тоа за најмалку 24 часа по средбата. Статусот олигарх ќе се губи ако човек одговара на помалку од три од погоре споменатите четири услови.

Во петокот Зеленски преку својот ФБ статус се обрати во јавноста. И најави дека прашањето за статусот на олигарсите ќе биде, првото, поставено на сеукраински референдум. Тој очигледно има страв законот да не помине во парламентот. Тој не е сигурен колку од пратениците се „купени“ или ќе бидат купени од олигарсите кога ќе дојде до гласање.  Зеленски игра на картата дека народот ги мрази олигарсите и дека тие не можат да го купат сиот народ. Па затоа нека оди законот на референдум.

ЕЛИМИНИРАЊЕ НА КОНКУРЕНТИТЕ

Ова зборува колку му е важна битката со олигарсите во неговата намера да се кандидира по втор пат за претседател, иако има мандат уште три години. Зеленски го нарече предлог-законот за олигарсите „прв чекор“ кон „поставување основа за спротивставување на олигархиското влијание“. Според него "Овој предлог-закон е прва одлука во сите 30 години независност, што го демонстрира нашиот однос кон олигархискиот систем. Тој тврди: да, има олигарси во Украина. Да, тие влијаат врз политиката. И да, ова веќе нема да се повтори".

Има најави дека врз основа на овој закон ќе се подготват и закони против трустовите, за лобирање, и други. Инаку според некои официјални најави олигарси можат да бидат прогласени 13 до 15 украински бизнисмени. Но Зеленски е најзаинтересиран за тројца до четворица највлијателни меѓу нив. А тоа се поранешниот претседател Петар Порошено, најбогатиот Украинец Ринат Ахметов, богаташот и финансиер на доброволните баталјони во 2014 година во спротивставувањето на проруските сили на Донбас, Игор Коломојски и Виктор Медведчук, прв човек на политичкиот совет на партијата „Опозициона-платформа – За живот“ и лидер на Општественото движење „Украински избор“, а моментно во домашен притвор. Инаку рускиот претседател Владмир Путин е кум на едно од неговите деца.

Прв за отстрел од оваа листа е Петар Порошенко, кој ги исполнува условите за влијание или сопственоста на медиумите, потоа поседување на активи од над 83 милиони долари и занимавањето со политика, бидејќи е лидер на политичката партија „Европска солидарност“ и е пратеник. Медведчук и Порошенко се директни конкуренти на Зеленски и се чини тој сака со еден куршум да убие два зајака. Со елиминација од политичкиот живот во земјата. Два конкуренти помалку.

ТВОРЦИ НА СИСТЕМОТ

Министерот за правда, Денис Малјуска, откри дека олигарсите со споменатиот закон се соочуваат и со затвор. На пример ако некој од олигарсите крие некои активи, каде што заработува пари од државниот буџет, тоа значи затвор. Па дури и декларацијата, доколку  недостасува ќе го одвлече олигархот во затвор. За успешно спроведување на законот, тој вели дека многу се важни реформите во правосудството, за кои смета дека се „клучот на успехот на се'“. Регистарот на олигарси може да доведе и до комплицирање работењето на компаниите на олигарсите со странски компании.

Некои експерти го поставија прашањето дали Законот за олигарси може да промени нешто во Украина? Одговорот е покомоплексен. Голема група на политичари и други „јавни личности“ направија вистинска хистерија над овој документ. Во исто време, хистеријата има две компоненти: законот не е добар, неписмен е, нема да се спроведува и законот е тоталитарен, ги потиснува правата и слободите, создава диктатура, итн. Па затоа олигарсите како „класа“ не можат да се елиминират со закон. Потребна е вистинска модернизација на општеството. Но со законот може нечии нерви да се уништат.

Забраната на олигарсите да финансираат политички партии не е ништо ново. Речиси сите партии во Украина во минатото, кое некои го викаат „олигархиско“  на официјално се финансирале од „членарина“. Не се финансирале од никого отстрана. „Но, ако копате доволно добро, многумина ќе имаат олигархиски траги“, вели еден украински експерт. Во однос на концептот на борбата со олигарсите експертите велат дека не смее да заборави една многу едноставна работа.

 „Нашите олигарси се олигарси, затоа што тие не само што се интегрирани во системот, не само што го водат - тие го формираа. На пример, кога зборуваме за „корумпирани судови“, тие се, пред сè, тие што ги корумпираа. Кога имаше прераспределба на имотот, судијата беше прилично погодна (и не скапа) алатка за решавање на проблемот. Советските судии, кои порано едноставно ја спроведуваа волјата на политичкото раководство, среќно станаа високо платен инструмент на олигархиска контрола. Надежите некако да се повлијае врз олигарсите преку украинските судови е нешто како верување во Дедо Мраз. Се разбира, нема ништо лошо во ова, но не треба да се смета ниту на ефект. Партии,  медиуми, кои не се медиуми, затоа што не заработуваат пари за информации, судови ... Сите овие се производи на олигархискиот модел. И да се очекува дека сите овие институции ќе се „борат против олигарсите“ значи да се верува дека олигарсите ќе се казнат самите себе“, истакнува истиот експерт.

ИНФОРМАЦИОНИ ОТПАДНИЦИ

И сега во таква ситуација во украинското општество треба да се спроведува законот и да се дисциплинираат олигарсите!. Некои од нив знаат дека Зеленски во дадената ситуација сака да ги етикетира нелојалните, кон него, луѓе нарекувајќи ги информациони отпадници. На пример Медведчук, чии медиуми ги затворија. Освен тоа ставовите на Зеленски дека законот е само прв чекор во  „борбата со олигарсите“ и дека наскоро ќе има други документи го алармира крупниот бизнис, затоа што во нив може да има и пожестоки ограничувања.

Но и олигарсите не молчат. Игор Коломојски изјави дека е морално подготвен да се запише во регистарот на олигарси, што може да се појави доколку законот биде усвоен. "Морално сум подготвен да се запишам во регистарот на олигарси. Се разбира, не би сакал да бидам  „црна овца“ и да бидам сам во овој регистар. Но, во голема мера, веќе сум навикнат да ме нарекуваат де-факто олигарх. Па, каква е разликата? Сега и официјално ќе бидат вклучени во регистарот. „Ќе сошијам костум и ќе зашијам на него ѕвезда „ Олигарх ”“, рече Коломоиски во коментар за Радио Слобода. Јасна е асоцијацијата. Не е позитивна. Зборовите за „зашиената ѕвезда“, очигледно, се аналогија со жолтите Давидови ѕвезди, кои беа принудени да шијат Евреите во гетото под нацистите. Покрај тоа, Коломојски појасни дека таквата „мека“ позиција се однесува само на сегашната верзија на нацрт-законот. "Ако последиците се само оние што се изнесени во сегашната верзија на нацрт-законот, тогаш не гледам ништо лошо ако сум во регистарот на олигарси. Но, моето сегашно" подготвено "не се однесува на следните изданија. Јас не сум, како млад пионер, не сум секогаш подготвен “, - рече бизнисменот. Тој додаде дека нема да „продаде ништо под закана со пиштол“ за да не го запишат во регистарот. Претходно Коломојски исто така рече дека денес во Украина терминот „олигарх“ има негативно значење. „Денес, секој во зборот „олигарх“ го става значењето дека е лошо, затоа овој термин денес не може да му донесе ништо добро на неговиот сопственик “, објасни Коломоиски.

Не олигарх, туку инвеститор

Според прес службата на Ахметов, тој не е олигарх, туку инвеститор и ќе биде многу изненаден, ако биде признаен како олигарх. "Ринат Леонидович не се смета себеси за олигарх и би бил изненаден ако биде признаен за тоа. Ринат Ахметов е најголемиот украински инвеститор. Неговата компанија инвестира во Украина повеќе од 20 години и е најголемиот работодавач и даночен обврзник", објасни секретарот за печат Ахметов, Ана Терехова. Според неа, скоро 200 илјади вработени сега работат во претпријатија на Ахметов, минатата година финансиската и индустриската група платила данок на околу 60 милијарди гривни, инвестирала 42 милијарди во капитални трошоци во Украина и 10 милијарди во социјални проекти. На прашањето дали Ахметов е подготвен да се ослободи од својот бизнис или медиумски средства за да не се запише во регистарот на олигарси, неговиот прес-секретар одговори дека сите тие биле „законски стекнати и работат транспарентно“

Партијата на Петар Порошенко „Европска солидарност“ изјави дека предлог-законот на Зеленски е насочен конкретно против поранешниот претседател и „не ограничува никакви вистински олигарси“. "Очигледно, од гледна точка на Зеленски, олигарсите се оние кои не му се допаѓаат лично - и, се разбира, Порошенко е на првата позиција на оваа листа. Зеленски се обидува на било кој начин да се ослободи од Порошенко ...

Пред почетокот на политичката активност, Порошенко достигна одредени височини во бизнисот, но ниту една од неговите активи не беше добиена со приватизација. Компаниите создадени од Порошенко никогаш немале и немаат статус на монопол на еден од пазарите. Тие не уживаа придобивки од државниот буџет или пристап до природните ресурси, не вежбаа и не вршеа политичко влијание во сенка ... “- се вели во коментарот на прес-службата на „Европска солидарност“. Тие исто така изразија мислење дека целта на нацрт-законот за олигарси е заземање на власта, кога „правилните или погрешните политики ќе бидат назначувани на вонсудски начин“.

ЗАКОН ЗА ОЛИГАРСИ КАЈ НАС!

Борбата со олигарсите не значи дека ќе се стави крај на системската корупција во Украина. Никој сега не може да претпостави како ќе се одвива таа. И самиот Зеленски во одредена мера е плод на олигархот Игор Коломојски. Неговата продукција, кога како комедијант изигруваше претседател во ТВ серијата „Слуга на народот“, беше прикажувана токму на телевизија од Коломојски. И затоа овој е лут на Зеленски. А од друга страна е ставен на санкциона листа во САД. Украинскиот претседател најави посебна битка со оние кои се на листа на меѓународни санкции. Не знам дали и оние кои се на санкциона листа во Русија.

Петар Порошенко е посебна приказна. Тој е најзасегнат од законот. А има амбиции повторно да седне во претседателското столче. За разлика од Коломојски и Ахметов, Порошенко ќе претрпи директни политички загуби - со официјална стигма на „олигарх“, благо речено, ќе му биде потешко да собере гласови на изборите.

Но, најжешко ќе биде кога ќе дојдат избори и кога партиите и поединците ќе сакаат да се кандидираат било за депутати или за претседател. Кампањите чинат пари. Како и секаде и во Украина  бизнисот е главен финансиер на политичките играчи. Еве, Зеленски нека декларира кој му ја финансираше претседателската кампања? Згора на тоа, ако не му помине законот на референдумот, тогаш може да се збогува со амбициите за втор претседателски мандат.

Како би било и кај нас да се воведе сличен закон, прилагоден на македонски услови?

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок