30 Април, 2024
0.0255

Украина се посрамоти со санкциите против новинарите

Објавено во: Колумни 18 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Никој пат не отворај војна со медиумите. Ова старо правило како да го заборавија украинските чиновници кои го подготвија списокот со санкции против новинари, а кој претседателот Петар Порошенко, го потпиша во средата. Со него беа воведени санкции против 34 новинари и седум блогери од Бугарија, Естонија, Германија, Унгарија, Израел, Казахстан, Латвија, Македонија, Молдавија, Полска, Русија, Србија, Шпанија, Швајцарија и Велика Британија. Новинарите се дел од поголем список на кој се наоѓаат неколку стотини поединци, претежно Руси, како и компании. Мотивот за санкциите е дека сите тие „работат“ против Украина и претставуваат закана за неа. Украина се повикува на борбата против тероризмот и заштитата на својата национална безбедност и безбедноста на нејзините граѓани. Порошенко изјави дека „новите санкции ќе ја зајакнат одбраната не само на Украина, туку и на Европа во целина, бидејќи војната се води кај нас“. И се до овде таа има право за таквата грижа. Но од каде се најдоа новинарите? Особено оние кои се од странство или работат за странски медиуми. Иако, санкции не би требало да се воведуваат ни против руски новинари. И навистина, како се најдоа новинарите на списокот? Бирократите се вечни и ненадминливи во своите глупости. Советот за национална безбедност на Украина(СНБУ) испратил допис до украинското Министерство за надворешни работи, со кој побарал од дипломатските претставништва информации за лицата кои во своите материјали водат антиукраинска пропаганда. Така барем вчера соопштија од украинското МНР, по лавината критики во светската јавност. Врз основа на тоа барање од Советот за национална безбедност, чиновниците од министерството испратиле официјално писмо, на 12 февруари годинава, со имињата на странски новинари, кои на крајот се најдоа под санкциите. Во украинското МНР не сметаат дека токму нивното писмо било причина за воведување санкции против авторитетни медиуми, зашто се работи за работен документ од преписката со СНБУ. За волја на вистината во документот, кој што вчера беше публикуван во јавноста не се споменуваат санкции, но се бара од СНБУ да „води сметка“ за податоците за „антиукраинските новинари“. А чиновниците од СНБУ, за да покажат колку се ефикасни додале свои мирудии во запршката. Да не заборавиме во списокот беа имиња на новинари од британската BBC, шпанскиот весник El Pais, германскиот Die Zeit...А меѓу нив и новинарот на „Дневник“ Христо Ивановски и колумнистот на „Нова Македонија“ Драган Јањатов. За сите, неколку стотини физички и правни лица од списокот со санкции се предвидува  блокирање на активи, времени ограничувања за користење на нивниот имот во Украина, спречување на одлив на капитал надвор од границите на Украина , а исто така и визни ограничувања-забрана за влез во Украина. Ова последново најмногу важи за новинарите-странци. Нашиве двајца од списокот очигледно се жртва на некој прес-секретар во амбасадата на Украина кој совесно си ја сватил пораката од неговото министерство и помно читал што пишуваат или зборуваат македонските медиуми, па донел заклучок дека токму тие двајца се антиукраински новинари. За да се потврди глупоста на чиновниците вчера реагираа и ОБСЕ, и од Комитетот за заштита на новинарите од Њујорк и редица други организации и редакциите на некои од споменатите медиуми. Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ изјави дека го почитува правото на владата да се бори со тероризмот и заштита на безбедноста на граѓаните,но воведувањето на санкции кои го спречуваат слободното движење на новинарите, тоа не е обезбедување на безбедноста. Според неа, санкциите се сериозна закана за правата на новинарите слободно да собираат информации. Повикувајќи од списокот да се исклучат нејзините новинари, главниот уредник на одделот за меѓународни новости во BBC, Ендрју Рој, рече дека се работи за „срамен напад врз слободата на средствата за масовно информирање. Санкциите се неумесни и непознати мерки против новинарите на BBC кои беспристрастно и објективно известуваат за ситуацијата на Украина“. На украинските чиновници им се потсмеваат дури и нивните медиуми, а да не зборуваме за руските. А има зошто. Во списокот има двајца шпански новинари од кои едниот уште во јули е исчезнат некаде на боиштата во Сирија или Ирак. Или, пак, се публикува „име“ на новинар, кој пишува под псевдоним, а кој за чиновниците е името на новинарот. Побликувани се имиња на новинари кои воопшто не пишувале за Украина. Никој не кажува на кој начин, освен писмото од февруари, во списокот се нашле „антиукраински“ новинари од странство. Од украинското МНР бирократски одговор. „Ние разјаснуваме, кои аспекти, поврзани со новинарската или друга дејност, станале основа за вклучување во списокот“. И уште мастилото од потписот на Указот на претседателот Порошенко не беше исушено, тој се црвенееше поради својот потпис. И не пред било кој, туку пред новата амбасадорка на Велика Британија во Украина, при врачувањето на акредитивите. Тој уште на самата церемонија  изјавил дека побарал новинарите на BBC да бидат исклучени од списокот, со образложение дека, слободата на печатот за него е апсолутна вредност. Подоцна се јавија од СНБУ. „Водејќи сметка за големиот одглас во јавноста и стратешкото значење на односите со ЕУ, СНБУ го поддржа предлогот на претседателот на Украина за укинување на санкциите против европските новинари“, соопштија оттаму. Беше соопштено дека санкциите ќе бидат укинати против тројца новинари на  BBC, двајца на шпанскиот весник El Pais, и еден новинар на германскиот Die Zeit. Што станува со нашиве новинари? Не е јасно. Веројатно не ги сметаат за европски. Еве прилика за новинарските организации од земјава да упатат протест до украинската амбасада и да побараат и нашите, новинар и колумнист, да бидат ослободени од санкциите. Но истовремено, да упатат протест за санкциите воведени против домашни новинари, на кои им е ускратено правото, од страна на нашата власт, слободно да собираат информации. А добро знаеме дека и за неа „слободата на печатот е апсолутна вредност“. Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД