29 Април, 2024
0.0253

УКРАИНЦИТЕ СЕ НЕВЕРОЈАТНИ - „ТАА СВЕТЛИНА ЌЕ ЈА ПОБЕДИ ТЕМНИНАТА“

Објавено во: Колумни 02 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Вчера, во Брисел, заврши вонредната пленарна седница на Европскиот Парламент. Со моќен говор на претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен, проследен со овации и обединетост како никогаш досега, се најави новото време за Европа. Имено, факт е дека за ЕУ и земјите членки, следува нов период или треба да следува период на една т.н. „друга Европа“. Оттука, како што тие велат „обединети заедно“ влегуваат во една глобална економска војна со источните земји - Русија и Белорусија. Според мене, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на пленарната седница имаше еден од најдобрите говори, кои, некогаш сум ги чул. Со други зборови, тој беше брутално искрен, директен и со многу емоција и храброст, а притоа зборуваше без листови хартија и читање. Онака, од душа, со љубов за својот народ, како да му е последно. Меѓу другото, тој, така директно им кажа на Европејците: „Денес, ние, ги даваме животите за слобода, за права, за граѓаните да бидат еднакви како што сте Вие... Сакаме да бидеме еднаква членка во Европа, верувам дека покажуваме дека сме тоа, ЕУ ќе биде многу посилна со Украина, а Украина без ЕУ ќе биде осамена. Ја докажавме нашата сила, и дека во најмала рака сме исти како и вас, така што сега докажете дека сте со нас, дека нема да нѐ напуштите, докажете дека сте навистина Европејци“. Такви се Евреите. Храбри и бестрашни. Таков е и нашиот брат Зеленски, за кого знам, каков човек е, и малку порано од многумина денес, преку браќата од Тел Авив.

Туку, друго ми беше мислата, почитувани читатели. Многу разбирливо и легитимно е барањето на Украина, за нејзино брзо членство во ЕУ. Меѓутоа, деновиве, прочитав едно толкување на член во Европскиот Парламент, во кое, тој наведува дека можеби приемот на земјите од Западен Балкан треба да следи пред Украина. Имено, добро е, што, од поединци во парламентот во Брисел, барем се размислува дека можеби е конечно дојдено времето, земјите од Западен Балкан, вклучително и првенствено македонската држава, да бидат примени во ЕУ. Ние, како што се истакнува, сме многу помал регион и понапреден во сериозноста и зрелоста за членство во ЕУ. Оттука, ајде авторитети од ЕУ, бидете поразлични и променети од минатото. Еве, ден денес е таа прилика да се покажете дека може да бидете надвор од административните процедури (читај: да ја забрзате процедурата за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ рамките). Македонската држава, исто така, даде многу жртви за таа цел. Се сеќавам, како дете, во деведесеттите, не беше лесно, во тоа време, да се преживее промената на знамето, потоа, територијалната промена на границите на Струга и Кичево, конфликтот во 2001-вата, додавката на името „Македонија“ и многу други отстапки во име и за цели на интеграцијата. На Европа и е потребно единство, како никогаш порано. Затоа, сакам да верувам дека тоа единство ќе биде проследено со еден позитивен потег на Европската Комисија кон земјите од Западен Балкан и Украина, заедно. Одма и сега. IMPOSSIBLE DOESN'T EXIST.

Во минатото, сведоци сме дека после секоја пандемија, следува време за стабилизација или прелевање на таквите шокови во друга насока. За жал, денес, таа насока не е добра во источниот регион. Истата се обележува како лоша и ја навестува новата војна која е на почеток, а тоа е руско-украинската криза. Имено, таквата ескалација веќе зазема неочекувани високи размери, што, му доаѓа како надополнување на продолжениот ковид период и состојбите, таму, па и во регионот кај нас. Тогаш, со право може да се рече дека ќе преовладуваат одредени неповолни состојби. Тоа, од стојалиште на македонската економија, имајќи го во предвид фактот дека како земја, ние, сме во пикот на енергетската криза, може да има зголемени негативни ризици за прелевање на рестрикциите во однос на енергенсите и цената на електричната енергија. 

Од друга страна, ако се следат економско-финансиските санкции предводени од САД, ЕУ и Обединетото Кралство кон Русија, ваквата проблематика заслужува третман од наша страна. Во контекст на релативизирање на актуелностите, кои имаат влијание врз македонската економија, особено со препорака - да не се шири паника кај населението, во ова писание сакам да го анализираме следново прашање:

Како ќе влијае врз регионалната економија, забраната за трансакции со Руската Централна банка и забраната за пристап на избраните руски банки до финансискиот систем SWIFT?

Во овој контекст, најважно за македонската економија е тоа што македонските банки немаат никаква директна поврзаност со руските. Ние, немаме директна изложеност со руската економија. Што е добро! Понатаму, ние како економија, во трговијата со Русија и Украина учествуваме со некои 2 отсто од вкупната трговска размена, за што сведочат и официјалните податоци на стручната јавност. Исто така, македонската економија има мала финансиска изложеност кон Русија, од каде, има само мал процент странски директни инвестиции (читај: околу 0,5 отсто) во вкупните, како и девизните дознаки се незначителни, само малку над нулата. Но, од друга страна можно е да дојде до забавување на глобалниот раст, а особено на Германија, со која, ние имаме суфицит во трговско-платниот биланс како наш најголем трговски партнер, а тоа може да доведе до одредени неповолности врз динамиката на раст на македонската економија. Затоа, би рекол дека треба да се биде внимателен во давањето на цврсти анализа и проекции. Да не заборавиме, сепак Русија е најголем извозник на енергија и метали во ЕУ. 

Тука, сакам да го цитирам американскиот претседател, Бајден, кој денес, пред Конгресот на САД, меѓу другото истакна: „Заедно со сојузниците во моментов воведуваме остри санкции, руската економија е уништена, таа е во колапс, а за тоа е одговорен само Путин, никој друг“.

Од ова, сакам да подвлечам неколку факти, за тоа, каде точно ќе биде погодена руската монетарна економија. Имено, забраната за пристап на избраните руски банки до финансискиот систем SWIFT, веднаш ги исклучува од меѓународниот финансиски систем и им прави огромни штети во глобалниот бизнис. Со тоа, банките нема да имаат можност да работат глобално, во насока на правење на бизнис. Банките во Русија, имаат алтернатива два, да, но од нивна страна, користењето на алтернативни платформи за прекугранично плаќање (освен SWIFT) ќе биде несигурно, многу ризично и проследено со екстремно високи трошоци. Тоа, подразбира пад на извозните компоненти во нивната економија и слабеење на БДП, кој, во 2020 година беше негативен и изнесуваше -3 отсто. Практично, во нивните официјални извештаи на монетарците се наведува дека претходната година завршиле со раст на БДП од 4,7 отсто и проектирале раст од 2 до 3 отсто за оваа тековна година, како и планираат да растат во БДП, со не така силна динамика од 1,5 до 2,5 отсто во 2023 година. Сега, ако на сето ова се придодаде мерката за забраната за пристап на избраните руски банки до финансискиот систем SWIFT, со право може да кажеме дека БДП-то на Русија ќе се урне во нивните проекции за 2022 и 2023 година или како што денес говореше претседателот Бајден во американскиот Конгрес „Путин започна насилство и хаос. Но, иако може да постигне придобивки на бојното поле, тој ќе плати висока цена на долг рок.“  На ова, како дополнителна мерка од страна на министерството за правда на САД ќе бидат острите санкции против руската елита (читај: олигархија) и нивните семејства насекаде во светот. Имено, веќе Конгресот го одобри формирањето на новата работната група при министерството за правда на САД, за истраги на руските олигарси и нивните злосторства. „Путин нема поим што му се подготвува“, како што ќе подвлече Бајден. 

Практично, ако се погледне од друг агол, во монетарната статистика на Руската федерација се забележуваат зголемени инфлаторни притисоци во економијата со стапка на ниво на 2015 година, каде тогаш инфлацијата беше 12,7 отсто. Денес, таа е  нешто под тоа ниво, но е значајно висока и се движи од 9 до 11 отсто, согласно официјалните извештаи на нивната централна банка. Ова, подразбира дека главниот удар на сојузниците ќе биде врз руските девизни резерви, кои се силата на секоја држава, па и на Русија. Истите, со крајот на јануари, 2022 година изнесуваат околу 630 милијарди долари или со денешен датум, тие се нешто над 640 милијарди долари. Тука, би рекол, ќе се бие главната економската битка - да депрецира (падне) рубљата. Така и се случува.

Практично, со забраната за трансакции со Руската Централна банка, голем дел од руските девизни резерви се спречени да се продаваат на западните земји, со цел, слободен пад на рубљата, што и се случува (читај: има силиен тренд на депрецијација на рубљата од 30 отсто, деновиве). Сега, ако се погледне малку подлабоко, во структурата на руските девизни резерви ќе се забележи дека 21 отсто се во злато, што може да кажеме дека се стабилни за нивната влада, но 3,8 отсто или 2,4 милијарди долари се од ММФ т.н. специјални права за влечење и 0,8 отсто се резерви од ММФ, како и најголемиот процент отпаѓа на резерви врзани во девизи, 75 отсто или во бројка, тоа изнесува 468 милијарди долари. Би додал, иако, руската монетарна власт, годините наназад се подготвуваше за ова сценарио (ги менуваше девизите од долари во јени и сл.) сепак, најголем дел се задржани во долари и евра, што е добро во актуелнава ситуација. 

На крајот, а во контекст на релативизирање на настаните во Украина и кризата со пандемијата, кои, имаат влијание врз македонската економија, сакам да го истакнам, следново: Ние, треба да сме претпазливи, но не треба да бидемезагрижени. А, еве и зошто?

-  имаме стабилно ниво на девизни резерви од околу 3,5 милијарди евра, кое се одржува во континуитет 10-тина години наназад;

-  имаме одобрено специјални права за влечење од ММФ во износ 161 милион евра за заштита на девизната ликвидност, а со тоа и денарот. Имено, тој е стабилен;

-  ако банките ни се стабилни, а се; ако девизните резерви ни се стабилни, а се; ако немате зависност со руската економија - а ние немаме; ако имате безбедносно обезбеден простор, а ние го имаме, членка сме на НАТО,

тогаш тие варијабли се доволен показател дека македонската макроекономија е стабилна.

 “Украинците се неверојатни, тие го инспирираат светот. Ние се бориме за нашата земја и за нашата слобода. ТАА СВЕТЛИНА ЌЕ ЈА ПОБЕДИ ТЕМНИНАТА“ (Володимир Зеленски)

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД