20 Април, 2024
0.2869

Улицата 557

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Повеќе сум од сигурен дека секој скопјанец,по потекло „ортодоксен дебармаалец“- по поплавата и земјотресот пресаден и одгледан насекаде во веќе големиот град-живо и со аптекарска доза на тага, но и огромна и неизмерна љубов,се сеќава на улицата 557.

Беше долго своевидна граница и последна значка на урбаниот дел на предземјотресното маало(натаму,кон запад беа офицерските згради од приземје и кат и основното училиште „Карпош“), кое скоро во недоглед се слеваше со нивите и бавчите на „Економија“,каде што царуваше Шакир,полјакот-чувар со двоцевката полна со сол место сачми и куршуми. Улица како и секоја друга тогаш, лете правлива на есен каллива до немајкаде.Не ме фаќајте за збор не се сќавам точно кога,но таа стана главна улица во тој дел на Скопје кога се пресоблече со асфалт и се наметна со тротоари и ивичници.

Вистинска уживанција и погодност за играње топка на мали голчиња,сервис и народна,но и за прескакање јаже и за школица со плочка и без неа.Автомобили ни за лек,по некој воен  камион (на Орце Николов,кај пумпата за полнење на прскалиците, имаше стационирани војници на ЈНА кои стражареа по разни објекти низ градот),  понекое возило од Поштенската гаража и неизбежната запрежна кола на Јастре и Јастреица.Уживавме да се качиме на рудата на запрегата без да не видат управувачите размавтани со камшикот за мотивирање на коњите за галоп.Никнаа од обете страни на 557 згради за колективно живеење како предвесници на подоцнежнта урбана населба Карпош(1,2,3 и 4) и донесоа жители од други делови на Скопје кои бргу се прилагодија,а и зошто да не, ако дошле на запад, не е див запад, туку маало како и секое друго.Сега скоро се сретнав со Влатко Стефановски и се потсетивме дека неговото семејство се досели тука и тој со брат му Горан по цел ден си играа пред зграда.Со мене во Карпош учеше еден Димче Антовски кој се досели од Автокоманда,Томе Аларов дојде во одделението до моето,а остана познат по свирката на контрабас во мандолинскиот оркестар, не беше познат музичар како Љупчо Самарџиски-Чалам,Алојз со својот велосипед и кој уште не.

Главната улога 557 ја доби кога срамежливо но се почесто и почесто навечер почнавме да се шетаме на Џавте корзо.Можеби тоа беше тренинг и подготовка за излегување на главното во центарот на градот.Всушност девојчињата фатени под рака,дотерани и исчешлани со мачкица фризури,дефилираа од Поштенска па се до крстосницата со Партизанска, која уште го немаше оформено денешниот лик и назад по десната страна, а ние стоевме по тротоарите и коментиравме(глеавме сеир,ретко кој се вклучуваше во шетачката процесија), кибење и симпатии колку сакаш, но и по некоја искрена љубов на децата кои веќе не беа тоа.

Како и секоја трета во Скопје, улицата од 557 преку ноќ стана Рузвелтова, скоро и не почувствувавме како стаса се до фабриката Треска. Полека но сигурно ни се расипа раатот, се повеќе автомобили и други сообраќајни средства по „нашата улица“ го подобруваа и забрзуваа движењето низ овој дел на градот. За еден 11 Октомври се организираше и трка со автомобили кои пролетаа и по Рузвелтова, татнежот и интензивниот мирис на издувните гасови, чиниш, забрзано не однесоа во иднината.

Денес Рузвелтова заличува на Ленинова (Аминта Трети) со кафулињата и летните бавчи со чадори и гласна музика, паркираните зауздани механички коњи, ни налик на шпедитерската од Поштенска гаража!

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок