20 Септември, 2020
0.0447

Универзална

Објавено во: Колумни 02 Август, 2020

На многумина им е повеќе од јасно дека истекува неповратно времето нешто да се стори со еден од највпечатливите симболи на светската солидарност со Скопје и неговите жители. Пред години објавив текст во рамките на серијата колумни се до замирањето на весникот Вест. Тоа е мојот дамнешен придонес за зданието што не смее да пропадне или не дај боже да се урива..........

Солидно долго време ни беше потребно за да осознаеме дека Универзалната сала во Скопје не била бугарска помош за настраданиот град во 1963-та година, туку била изградена од парите на над 30 земји кои несебично ги даруваа жителите на главниот град на РМ.  Проектот бил бугарски,навистина, а средствата солидарни.Долго по нејзината изградба,но и по завршувањето на гимназијата Георги Димитров, попозната како бугарска гимназија,туристи од источниот сосед на пропатување кон б,лгарски Охрид или специјално дојдени на шопинг, со автобуси од претпотопско производство, ги посетуваа овие два објекта и се фалеа со нив. Некои одеа дури дотаму што преспиваа  во гимназијата! Не знаевме дали спиеле на клупи или по подови, но ги среќававме пред почетокот на првиот час како левтерно се мијат и бричат во школските клозети.

Но, како и да е непобитен беше фактот што Универзални сали, исти како скопската, имало во Софија и во Прага.Тоа не правеше горди, живеевме во град, довчерашна балканска касаба, демек со европски шмек.

На овие веќе подзаборавени моменти ме вратија најновите информации, според кои претстои детаљна обнова и реконструкција на гордиот објект и споменик на светската солидарност што се уште доминира на границата меѓу Дебар Маало и Колонија. Навистина, објект се уште e во употреба, но со сериозни недостатоци во секој поглед. Сепак, времето си го прави своето.

Универзална беше едно од местата каде што долго по земјотресот се одвиваа приредби-концерти, театарски претстави и спортски натпревари во рамките на Средбите на солидарноста. Нашата небрежност или немањето пари, сеедно, ги згаснаа средбите,но салата работеше и работи под полна пареа.

Беше претесна да ги прими посетителите на концертите на Шарл Азнавур, Антоан, Мат Колинс, Ѓорѓе Марјановиќ и Мики Јевремовиќ, на Песма лета, на фестивалот на забавни мелодии Скопје 68, на претставите на белградско Атеље 212, на мјузиклот Коса, на настапите на Танец и безброј странски фолклорни ансамбли, на кошаркарски средби и на боксерски мечеви, на шаховски симултанки, на Џандар збира со Игор Џамбазов.....Универзалноста беше токму во тоа што за кратко време  партерот се претвораше и во лизгалиште за хокеј, паркет за танцови натпревари, циркуска арена и што уште не...уште да можеше да биде пливалиште и се ќе беше комплет, се шегувавме ние, сведоците на се што се случуваше во објектот на Партизанска. А рака на срце си мислевме дека е небаре Медисон Сквер Гарден, во најмала рака.

На доброосмислените настапи и настани доаѓаше секој што си наоѓаше барем малку интерес да види нешто поинакво и помодерно, но и да биде виден, сам или во друштво. Безмалку незнаевме кои се и што претставуваат во таа 67-ма Зубин Мехта и оркестарот со кој дирижираше, уште помалку како треба да се облечеме за тој настап,аплаудиравме кај што треба или не,но отидовме во огромен број, зашто тоа за нас беше историја, бевме свесни за нивното значење за Скопје и неговите жители. Врвот на повеќекратната намена беше достигнат во раните 70-ти кога салата беше употребена како амфитеатар за предавања на Правниот факултет. Таа година се беа запишале многу студенти на право, а друг простор немаше.Можете да замислите како изгледаа предавањата, но и паузите меѓу нив....

Обновената Универзална, несомнено, секогаш ќе биде преполна, интереситањето ќе го предизвикуваат се нови и нови генерации исполнители, но возбудата на посетителите ќе биде секогаш голема и свежа,како онаа на генерацијата од почетоците на култниот скопски објект. 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Македонија одумира на рати - еве веќе 30 години

Македонија одумира на рати - еве веќе 30 години