Добивај вести на Viber
Идејата за формирање на нов Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир – “Дамјан Груев” која заглави на процедурална дискусија во Собранието и предизвика тензична дебата помеѓу власта и опозицијата е целосно антиуставна и антибезбедносна идеја - вели за Фактор, Иван Бабановски- професор по безбедност и поранешен разузнувач.
Со неговото формирање како што објаснува професорот во пензија, би се довеле во прашање сегашните капацитети на Факултетот за безбедност при Универзитетот “Св.Наум Охридски” од Битола кои за оваа област како што вели се сосема доволни. Дополнителен проблем за кој сеуште нема решение се и невработените 267 дипломирани студенти по безбедност и криминалистички науки како и повеке од 55 магистри на истите науки.
“Основањето на овој “задругарски универзитет” требаше да биде акт на купената милост и задолжница за предаторската верност кон лидерот. Едни што ке добијат катедри, а другите, со улични свидетелства купени на сомнителни пазари, да си обезбедат покритие за земените позиции со партиски сертификати и потписи. Универзитетот ќе се гради на песочна основа, со слама, керпич и трска. Од градба ке нема ништо. Некој, кој ужива добар глас во јавноста, мора да го крене гласот секогаш кога е во прашање интересот на јавноста - инаку го губи. Оваа состојба е пропуст и слабост на “Одборот за комерцијализација на незнаењето” кон клептократијата во едно недемократско општество, какво е ова денес во Република Македонија” -вели професорот Бабановски.
Уништени стандарди
Одлуките на Владата за основање на нови државни универзитети според него се погрешни и сериозно проблематични бидејќи со нив може да се разорат постоечките универзитети и високообразовни институции кои со децении создаваат квалитетни кадри. Дополнително вели поранешниот професор по безбедност постои опасност да се уништи традицијата на воспоставување стандарди во високото образование но и вештачко подигнување на квалитетот .
Досега и голем дел од академската заедница укажа дека е неопходно сериозно да се зајакне финансирањето на веќе постоечките високообразовни и истражувачки установи кои веќе со децении се изложени на срамно живуркање и несоодветно финансирање.
“Одборот за акредитација и евалуација е инструмент на владеачката елита кој е едно-насочен - работи како џубокс - шерифот става монети и желбите се исполнуваат на трошок на граѓаните. Никој и незнае, од оние кои ги туркаат науката и образованието, во името на Владата на РМ, дека основен елемент на секоја безбедност или безбедносна проценка и безбедносна култура е јазикот. Нашиот македонски мајчин јазик. Без македонскиот јазик нема ниту државен суверенитет, ниту територијален интегритет, ниту национална самобитност.Нема национална историја, национална црква и национална култура.Во светските Антологии за јазикот е познато Завештанието за јазикот, упатено во 12-ти век од Стефан Немања кој вели -Чувај го, чедо мое , јазикот како земја. Зборот може да се изгуби како град, како земја, како душа. А, што е народ ако го изгуби јазикот, земјата, душата.Земји и држави не се освојуваат само со мечеви, туку и со јазици. Знај, дека непријателот толку те освоил колку зборови ти поништил, а свои подтурил. Народ, кој ги изгуби своите зборови, престанува да биде народ”-објаснува професорот Бабановски.
Власта во образложението вели дека целта на предложеното законско решение е задоволување на потребите од високостручни кадри од полето на националната одбрана, безбедност и мир, како и создавање на кадри за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, но од друга страна и справување со предизвикот од бегалската криза и бранот бегалци кои транзитираат низ земјава. Ова според поранешниот разузнавач Бабановски нема да ја реши комплексната ситуација во делот на безбедноста и протокот на мигранти бидејќи бегалците само транзитираат низ земјава, а нивна крајна дестинација се западноевропските земји. Оттука справувањето со кризата вели нема да се реши преку дополнително оптоварување на буџетот за отворање на нов универзитет чии први генерации на дипломирани кадри би излегле дури за неколку години, туку напротив како што вели овој проблем бара системско и институционално решавање согласно европските политики и практики.
“Актот за нов универзитет ако го донесе Парламентот без учество на опозицијата, ке биде врвно сведоштво, не само на налудничавоста на власта, безрбетничко подаништво на некои Институти туку и отворено антимакедонско и антицивизациско дејствување и одлучување на отуѓената елита на власта, која е архетип на клептократија и дивоградба составена од предавници и колаборанти, заседнати со криминал и изборни кражби на чело на РМ, која здушно ја разнебитуваат” -порачува професорот Бабановски.
С.Б.