30 Април, 2024
0.0230

Универзитетот како енклава на слободата

Објавено во: Колумни 03 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Иако универзитетските реформи веќе одамна не се во фокусот на случувањата во државава, сепак од време – на време ќе слушнеме за некој случај во академската заедница, кој ќе не поттикне повторно и повторно да го промислуваме овој проблем. Денешнава колумна има една директна провокација и една инспирација. Првата провокација е во случајот на Правниот факултет во Скопје, каде и покрај сета галама што  ја дигнавме разно-разни пленумци, правдољубци, научници...контрапленумци, сепак универзитетот продолжи да си тера по свое – си примија човек за доцент, со неисполнети услови и прекршена постапка, како што тврди во приговорот колегата Д. Апасиев, Втората инспирација ме најде на ФБ. Имено, деновиве на „тајмлајн“ на ФБ ми се појави статус на мојот ФБ-пријател, Драган Б. Костиќ, во кој со „нескриено задоволство и гордост“ тој објавува дека се прифатил да предава на Музичката академија во Скопје, како наставник по Историја на популарната музика. Тоа е она што мене „ми фати око“ и што би сакал да го продискутирам овде со вас, иако во тој ФБ-статус тој изнесе уште неколку други информации, кои заслужуваат внимание и се навистина вредни за дискусија. Како на пример, дека тие славни емисии на МРТВ со кои растевме и учевме за музиката, ги работел како хонорарец! Да, драги мои, еве што самиот вели: „...бев најдолговечниот хонорарец во МРТВ со стаж од 22 години и осум месеци.... со неможност да бидам вработен во куќата за која изведов повеќе од десет илјади емисии, со преку 15.000 часови пред микрофонот и со децении еден од нивните најпрепознатливи брендови, а која ме испрати како куче бездомник од неа...“ Драги мои читатели, вратете се на една од моите претходни колумни во кои говорев за нашиот однос кон професионалците, за нашето немање почит кон сè што во оваа држава е вредно и што значи нешто, кон сè што вложило камче во мозаикот на заедничкото живеење. Но, за тоа веќе говоревме. Она што овој пат ми привлече внимание, е неговата обзнана дека: „од денес на Факултетот за музичка уметност, предавам - Историја на популарната музика. Без титулирања, без звања...едноставно она што сум бил сиве овие години: ЕДУКАТОР“. Оние кои се упатени во универзитетските закони знаат дека за да бидете ангажирани на високо-образовна институција мора да имате научна титула – магистер или доктор на науки. Во друг случај би можеле да бидете ангажирани само како „стручно лице од пракса.“ Значи, според актуелните закони вредна личност од било која област не може да биде трајно ангажирана на универзитет, доколку нема научна титула. И при ова веднаш се сетив на еден сличен пример од историјата на философијата. Имено, еден од најмладите професори можеби и во досегашната историјата на универзитетите воопшто, е познатиот Фридрих Ниче. На само 24 години тој станува најмладиот професор по филологија на Универзитетот во Базел! И не само тоа, станува професор без никаква научна титула – без докторати, без магистратури! Без сертификат, лиценца за професура. Само со ургенција! Да, добро прочитавте, драги мои – со ургениција! Со врски! Имено, Ниче бил студент на, тогаш влијателниот, професор Фридрих Вилијам Рич, кој после дипломирањето на младиот филолог веднаш го препорачал за професор на универзитетот во Базел. Ниче ја прифатил понудата, универзитетот ја прифатил ургенцијата– и Ниче станува професор. Без „титулари, без звања“ – како што би рекол Драган Б. Костиќ. Наречете ме старомоден, драги мои, ама јас вака го разбирам универзитетот, т.е. неговата автономија. Во овие два, погоре споменати примери, јас го гледам универитетот онака како што јас го разбирам. Универзитет кој ја има слободата, каде што ќе го види исклучокот - талентот да го прими во своите редови, независно од сите титули, звања, закони и правила. Ако универзитетот е отелотворување на највисоките вредности во една заедница, тогаш треба да ја има и слободата како врвна вредност. И мене, како член на академската заедница и на самата академска заедница, слободата ни треба за да ја употребиме, за да растеме, а не да ја злоупотребиме! Впрочем затоа му е слободата на универзитетот - за да расте и да се развива. Тоа би бил универзитетскиот идеал. И при тоа да ги отера „по ѓаволите“ не само сите власти и влади, ами и сите закони, закончиња, правила и правилничиња, ако мисли дека некој „Ниче“ вреди да предава на универзитет – има и да предава! Независно што нема титули и звања, независно што не бил „запишан на докторски студии“, или „што нема најмалку петгодишно искуство“, или што не „поминале пет години од неговото магистрирање“... и какви ли уште не правила кои можете да ги најдете во денешните закони за високо образование. А каде се загубивме во меѓувреме? Во злоупотребувањето на слободата! Во првиот пример, со кој ја започнав оваа колумна. Во изборот кој, како што вели Апасиев во приговорот, е и од содржинска и од формална смисла, прекршување и на закон и на статут и на правилник, но и на академското достоинство. Универзитетската, академската заедница, во изминатите години си дозволи да ја злоупотребува, наместо да ја употребува својата слобода. Па така, наместо „Ничевци“ и „Костиќи“, во своите редови вдомуваше „мамини и татини синови“! Разно-разни „ојлевци - дојлевци“, „контра-пленумци“, но бога ми и „пленумци“, со сомнително стекнати титули и само заради тоа што имаа титули, а не и знаења и страст, се вдомија во универзитетите. Дури уште повеќе - формата ја порази суштината. Форално, тие ги поседуваа титулите, суштински не беа за таму. Универзитетите си ги изневерија сопствените вредности, сопствените идеали, се откажаа од сопствената слобода што им беше дадена за да растат! И кога така се однесувате, немате право да пледирате на слободата. Уште повеќе - кога така се однесувате, едноставно отворате можност на политиката да ви го освои просторот на слободата, оти самоволно сте се откажале од на неа. Кога еден простор е слободен, тука е „метастазата“ наречена политика, да го окупира – тоа е принцип, и во тоа се состои вечната борба во една заедница: да си го враќа освоенито простор. Но, виновен е повеќе оној што тој простор во прв ред и го отстапил; да си признаеме - колкумина „Костиќи“, „Влатка Стефановски“, „Милча Манчевски“„Маџирови“... сме испуштиле до сега, колкумина сме ги набркале по белиот свет, оти „немале титула“, а на нивно место сме вдомиле незнајковци со титула!? Затоа и си дозволија да ни „упаѓаат“ со „мае гери“, како фраери во биртија, оти нè доживуваа како биртија. Си дозволија да кажуваат не само што е право, што е криво, ами и што е наука, што е култура, што е уметност. Се охрабрија, оти им го отстапивме просторот за кој ниту се повикани, ниту се дораснати! Влегуваа дури „без да тропнат“, без да чувствуваат потреба да се консултираат, да побараат експертиза и помош. Не им требавме барем со заеднички напори да се промениме. Оти и мислеа дека сме биртија, а не универзитет! Затоа, мораме да се вратиме, да се вратиме и тоа со „со гризање“ - и тоа од внатре. Промената е во нас. Како што веќе во претходните колумни споменав, јас верувам во иманентните потенцијали на една заедница за саморазвој. Затоа и верувам дека универзитетите мора сами да најдат сили оваа битка да си ја извојуваат во сопствените редови. Да се трансформираат во енклави на слободата за да ја употребат за сопствениот раст, како и за растот и развојот на заедницата. Оти универзитетите се навистина повикани да служат, но не на владата, не на властите, дури не ниту на државата, ами на народот, науката и вистината! Таа свест „да се служи“, впрочем е највисок израз на слободата. Јас сакам да верувам во таков универзитет, универзитет кој „не ферма“ ни власти ни влади кога станува збор за наука, култура и уметност. Не моли ни Бога, ни закони, оти законите ги правиме ние и тие се само форма, никако суштина. Оти нема таков закон што ќе ни овозможи да бидеме подобри, законите не се тука да направат квалитет - ниту еден „Ниче“ сè уште не се родил благодарение на некој закон! За ваквото разбирање на заедницата и законите, драги мои, во следната колумна. А до тогаш...вардете си ја слободата. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД