29 Март, 2024
0.0240

Уште долго време, крајот нема да ни се наоѓа!

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Немаат ни грам срам, ни образ, за да не го прават тоа. Триесет години го дезавуираат ова општество. Го разградија, го руинираа, го декапацитираа, го обездржавија. Суштински го испразнија,  и вредносно и физички. Не постои морален ориентир, не постои посока- правец, некоја државна стратегија со план како оваа држава ќе изгледа во наредните неколку децении, не дај боже па сто години. Физички го упропастија, со тоа што во буквална и преносна смисла на зборот, ги избркаа младите, најработоспособната сила, која е главен двигател на брутодомашниот производ. Говорам за политичките елити. Истите кои триесет години, се менуваат на власт, се обвинуваат помеѓу себе си, кој повеќе ја искрал Македонија, кој повеќе го осиромашил народот, кој повеќе ги продал националните интереси. Ако се направи пресек , во скоро тридецениското независно функционирање, скоро по половина власт ја делеа и левицата и десницата, па така одговнорноста е двострана. Резултатите се и повеќе од шампионски: најзагаден воздух секоја зима, најниски плати на Балканот, највисока невработеност. Еден од најмалите БДП по глава на жител, најкорумпирана во соседството, со најголем јаз меѓу богатите и сиромашните. Убавина невидена. Аналог на сето ова се  петстотини илјади трајно иселени граѓани од сите национални и етнички заедници во Македонија. 

До кога, до кога,  истата па истата мизерија ќе ја гледаме?!

Во екот на Корона кризата, ние сме навидум пред нова политичка или пак уставна криза, кој знае по кој пат. Колку пати сум пишувал и јас, и стотици други луѓе, дека токму перпетуирачките политички кризи , кои намерно ги произведуваат политичките елити за да ги задоволат нивните ситнопартиски интереси и лидерски суети, се можеби едни од најголемите кочничари на севкупниот развој на општеството и државата како целина? Како оваа држава да постигне економски раст и развој, како целокупната енергија  на општеството да се насочи кон решавање на економските проблеми, како да креираме позитивна клима во општеството кога ние речиси секоја година произведуваме наши, автентични македонски политички кризи, во кои откако ќе се заплеткаме во јазол, напомош ни доаѓаат „ стратешките пријатели “ од меѓународната заедница, за да не отплеткаат и да не стават во колосек? Нели им е срам на македонските лидери од тоа свое поведение? Инфантилни ли се, деловно неспособни ли се, или пак толку ги води простачката и провинцијална суета , па да не сфатат дека со тој начин на функционирање најмногу штета и  нанесуваат на сопствената држава како меѓународно-правен субјект? Тогаш, зошто се чудиме, кога Македонија во сите тие меѓународни извештаи е третирана и класифицирана како „ неконсолидирана демократија“, недовршена, и земја во која институциите на системот се заробени? Џабе се и сто  членства во НАТО и ЕУ, доколку не создадеме ние ефикасни  и независни институции на системот. Тоа е вистинска и функционална држава, во правата смисла на зборот, а се друго е импровизација и фасада, глумење лудило, глумење држава. Какви се тие  помочани „ лидерски средби“, и што од нив можеме да очекуваме? Кој е тој институт, па секогаш кога нешто ќе зачкрипи, ајде се собрале лидерите на поголемите парламентарни партии, па ќе ја оправаат работата.Видовме колку ја оправија  , и до кај не доведоа.  Има ли оваа полудржава Собрание, има ли претседател, има  ли Уставен суд, има ли воопшто реални институции?! Све  живо и диво чека „ амин“ од лидерите, за процесите да се откочат , и останатите институции да продолжат да функционираат.

Надежта последна умира, ама прашање е дали е жива и таа, за да се смени нешто на подобро?!

Велика Британија, и британскиот народ, може најправија ступидна одлука  и национален самоубиствен потег со излегувањето од ЕУ и брегзитот. Можеби и не, како и да е, времето ќе покаже. Но едно е сигурно,Обединетото Кралство  ќе си остане вистинска функционална парламентарна демократија. Упорно и упорно конзервативните пратеници се спротиставуваа на плановите и одлуките на својата лидерка  Тереза Меј во однос на прашањето за Брегзит, и на крајот, кутрата мораше да се повлече и од премиерската и од партиската лидерска функција. Тоа е моќта на парламентарната демократија, не нашите мизерни лидерски средби. Всушност така и фројдовски се себеоткриваме кои сме: гревови кои зависат од авторитарното јас на партискиот лидер, и без него не смее да се помисли ништо да се повлече како потег. Затоа сме не на дното, туку копаме уште надоле, да допреме нови дна, и затоа никогаш нема да не биде! Не е ова дефетизам и песимизам, ова е само прост заклучок на очигледот , колку Македонија се променила на позитивно после триесет години независност. Напротив, само на полошо и полошо иде! 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?