24 Април, 2024
0.0252

Уште едно лето е зад нас

Објавено во: Колумни 23 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Седнувам пред компјутер да на пишам нешто, сосема случајно, на денот на есенската рамнодневница.Зад нас е лето по многу нешта поинакво од десетици поранешни-не според високите температури или врнежливоста туку по една несекојдневна здравствена појава со брановидни максимум и и минимуми (пикови таканаречени), со многу несакани епилози на боледувањето.......Ај што не и се знае крајот на короната,туку и на повидок не е лекот што ќе ја истреби......

Во некои понормални времиња сега започнуваше финишот на летната активност наречена подготовки за зима или поедноставно праење зимница.До крајот на септември се во подрум или шпајз разни ѓаконии, мајстории на домаќинките и на сите други помошници околу нив вклучувајќи ги мажиштата кои како цуле покорни стојат мирно пред командантот-запали оган нацепи дрва, испечи го пиперот, излупи го,стај го патлиџанот у тегла и уште што не.

Завршија мармеладите,џемовите,слатката,компотите,соковите,туршии од најразличен вид,барени,пеглани,мелени,лути и благи и некаде во октомври доаѓа кралот-ајварот наш.Гледам деновиве телевизија од соседството и ми дојде да пукнам-не од мака што ајварот стана со географско потекло многу посеверно од нас туку од смеење....прилогот се снима на манифестација наречена дојди ми на тегла! А и како секој новинарски прилог содржи и анкета меѓу мајсторките кои не ја кажуваат формулата како прават ајвар,а една индивидуа дури фрли тврдење дека вистинската дама-убавица мора да мирише на ајвар.

А тоа што генерации израснавме на леб и мас и ајвар со малку сирење не значи ама баш ништо. Преживувавме кркајќи парамани со дебел слој ајвар, а не со прасетина и сланина,па и чварки....мислена именка! Можеби затоа во 90-тите кога го запрашале во Кина тогашниот претседател на претседателството на покојна Југа Борисав Јовиќ што ги пуштивте македонциве да излезат од федерацијата визионерски изјавил-тие се толку економски слаби што за 6 месеци сами ќе се вратат назад....не знаел кутриот дека македончето не живее за да лапа туку за да преживее секоја немаштија и болештина. Не толку одамна во секој двор, пред секоја куќа чадеше огниште на кое се печеа тони црвен пипер кој според одредена технологија по дводневна работа и усталена технологија стасуваше до лупење, мелење, цедење, вриење на зејтин, ставање во тегли и врзување весник или пакпапир-како кој и качување на висока полица за да биде што понедостапен до децата за да стаса се до пролет. Не сум баш сигурен дека поради пандемијата праењето ајвар нема да добие посебен протокол-тој не признава комшики на помош,ниту комшии околу огнот на по една......ама којзнае можеби и лекот лежи во пиперот оној лутиот или во куртовската капија. Да сме живи и здрави ние пак ќе праиме ајвар за инат на лошите сили и на радост на Свевишниот!!!!!

Мојсо Мојсовски 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок