Добивај вести на Viber
Од 16 до 20 октомври на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи седмото издание на Вино Скоп. На него ќе се претстават најдобрите македонски винарии, најавени се вкусни закуски, како и музичка програма која е дел од манифестацијата. Љубителите ќе може да уживаат во повеќе од 100 различни видови вино.
„На овој традиционален фестивал љубителите на убавото македонско вино ќе имаат можност да вкусат над 100 различни видови вино од 20-тина најдобри и веќе докажани македонски винарии. Асортимански винариите ќе ги изложат своите производи, а најголема продажба и конзумација се очекува на црвеното вино кое одговара со есенските временските услови“истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Годинава дел од Вино Скоп ќе бидат винариите Тиквеш, Сковин, Стоби, Бовин, Шато Сопот, Попов,Пивка, Попова Кула, Картал, Шато Камник, Далвина, Визба Валандово,Вардарска долина, Брушани, Изворно, Дудин , Вековник и дестилеријата Бахус КМС- Алтан. Нивното учество е веќе потврдено.
„Иако виното е главниот протагонист на фестивалот – Вино- Скоп, не би било интересно доколку не е дополнето со квалитетна музичка програма. Годинава на фестивалот посетителите ќе имаат можност да уживаат во разновидна музика која ќе ги задоволи и најизострените вкусови. Жанровски се застапени повеќе музички правци, но оваа година најзастапени ќе бидат етно и рок музиката“, вели Фимка Темова член на организациониот одбор на Винотека „Темов“.
На манифестацијата ќе настапат од домашните изведувачи - Суперхикс, Кристина Арнаудова, Тумбао Салса бенд, Драган Мијалковски, Ајдаред, Владимир Четкар,Бени и Нон стоп, Бојана Атанасовска,Сара Мејз, Јаков Дренковски и други, а како гости: Клапа Искон од Хрватска, Монсиеур Доумани од Кипар, Скаддиа Ворлд Музик од Италија, Клапа Искон од Хрватска.
Најевтиното наливно вино во чаша ќе чини 50 денари, а посетителите ќе имаат можност да си купат чаши и други репрезентативни материјали со фестивалските купони.