ВАКЦИНИТЕ ОД СРБИЈА НЕМА ДА ПРИСТИГНАТ ДЕНЕСКА: Властите ја усогласуваат документацијата за достава
Објавено во: Македонија 11 Февруари, 2021
Најавената
донација од Србија на 8.000 дози од производителот Фајзер/БионТек, која денеска
требаше да пристигне во Македонија е одложена за наредните денови. Во кусото
соопштение од Владата се наведува:
-Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре, 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме, соопштуваат оттаму..
Инаку, според најавата на Владата, денеска на граничниот премин Табановце точно во 14.00 часот, донацијата лично требаше претседателот на Србија, Александар Вуќиќ, да му ја достави на премиерот Зоран Заев.
Истовремено, пак заинтересираноста за примање на вакцината против Ковид-19 е навистина огромна меѓу македонските граѓани, бидејќи само неколку часа по профункционирањето на страницата vakcinacija.mk, беа пријавени повеќе од 8.000 граѓани. Во оваа насока, министерот за здравство, Венко Филипче, на својот профил на Фејсбук напиша:
-Преку пополнување на апликација искажувате интерес за вакцинација против КОВИД-19. Сите апликации ќе бидат внесени во системот Мој Термин и нема потреба дополнително да го ажурирате податокот или да го барате и информирате својот матичен лекар дека сте се регистрирале. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ве повика и ќе ве информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот кој ќе го изберете при регистрацијата. Во прва фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и граѓаните над 70 години. Сите останати кои се регистрирале ќе бидат контактирани од матичниот тогаш кога нивната група ќе биде на ред за вакцинирање согласно националната стратегија. Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација во нашата земја. Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против коронавирусот, посочи Филипче.
Премиерот Зоран Заев, пак на вчерашната прес конференцијата информираше дека сете вакцини се очекуваат да стигнат многу брзо во Македонија.
- Она што го очекуваме за кинеските вакцини е 15-16 февруари, секако денеска очекуваме да се случи плаќањето од страна на Македонија за да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето од страна на нашата земја, бидејќи сите овие 200.000 вакцини треба да стигнат со авион од Кина. Така што, денови се пред нас кога ќе стигнат вакцините. Системот ни е целосно подготвн, знаете дека одиме прво со здравствените работници во ковид центрите, тие вакцината ќе ја примнат во самите нивни здравствени установи, а потоа тоа што е според протоколот. Така што, очекуваме вакцините од Фајзер и од Синофарм да дојдат најбрзо. Исто така ги очекуваме вакцините од Фајзер и АстраЗенека преку Ковакс механизмот, а оние кои се во директен договорот со Фајзер ќе ги имаме во втората половина на февруари, изјави премиерот Заев.
А, како што претходно пишуваше Фактор, аплицирањето на вакцините против корона вирусот ќе се врши во пунктови во сите седум поликлиники во Скопје. Директорот на Здравствен дом-Скопје, д-р. Виктор Исјановски за Фактор изјави дека се целосно подготвени за масовната вакцинација на населението, нагласувајќи дека имаат доволно искусен кадар, кој поминал и обука за аплицирање на фајзеровата вакцина. Очекува дека во поликлиниките ќе бидат дистрибуирани 100.000 вакцини од оние 200.000 кои ги чекаме да пристигнат од Кина.
-Стартот на вакциналниот процес, како што веќе е утврдено и кажано во јавноста е токму со вакцината од компанијата „Синофарм“, а Здравствен дом-Скопје ќе има носечка улога во имунизацијата на населението. Од понеделник до сабота, значи шест дена, во три поликлиники, односно во „Јане Сандански“, „Букурешт“ и во „Чаир“ ќе се работи во две смени, и таму ќе бидат лоцирани по три вакцинални пунктови. Или поконкретно кажано, во 10 минути ќе бидат вакцинирани по 6 граѓани. Во останатите четири поликлиники, „Ѓорче Петров“, „Идадија“, „Ченто“ и „Бит Пазар“ имунизацијата против Ковид-19 ќе се спроведува од 13.30 часот, односно во една смена, бидејќи таму во утринските часови треба да се аплицираат и останатите вакцини кои ги примаат децата од претшколска и школска возраст, вели д-р. Исјановски.
Тоа што посебно го потенцира е дека уште по примањето на првата доза, на секој од граѓаните му се издава картонче во кое ќе бидат впишани сите податоци за пациентот, како и датумот кога треба да ја прими втората доза од вакцината. По примањето на втората доза ќе бидат издавани посебни сертификати кои се во подготовка во Министерството за здравство.
Здравствените власти очекуваат зголемен интерес за вакцинација, особено во мај, пред годишните одмори и особено ако нашиот јужен сосед, односно Грција вакцинацијата против Ковид-19 ја постави како услов за влез во земјата.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.