03 Мај, 2024
0.0319

Интервју со Гоце Вангеловски, генерален директор на Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување Скопје

Вангеловски: Пазарот за осигурување ќе расте со самата економија и едукацијата на граѓаните

Објавено во: Економија 26 Март, 2018

Добивај вести на Viber

2017-та беше година на големи предизвици за речиси секоја индустрија во Македонија, вклучувајќи го и бизнисот со осигурување. По долгата политичка криза соочени сме со нови општествени предизвици, како и надеж дека ќе има напредок во евроинтеграциите. Во меѓувреме сите компании ги прават плановите за настап во 2018 година, ги пресметуваат буџетите, ставките на раст и потенцијалните можности. Што поточно се случува во осигурителниот сектор правиме своевидно интервју-анализа со Гоце Вангеловски, генерален директор на Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување Скопје, какви се шансите за раст, за нови производи, за дополнителна финансиска едукација на македонските граѓаните и за многу актуелни теми од осигурителниот бизнис.

Фактор: Со какви предизвици се соочи македонската осигурителна индустрија во изминатата година и какви се перспективите за 2018 година, имате ли анализи во кој правец ќе се развиваат работите кои се вашите очекувања?

Вангеловски: Минатата година, растот на домашната осигурителна индустрија, особено во сегментот на неживотното осигурување, изнесуваше нешто помалку од 2%, што е под просекот од изминатите неколку години кога во овој сегмент пазарот растеше и над 3% годишно. Главната причина за ваквата, да ја наречам – стагнација, е неповолниот амбиент во земјава предизвикан од долготрајната политичка нестабилност. Сепак, и во такви отежнати услови, нашата компанија - Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување, оствари солидни резултати. Во 2017-та остваривме раст на бруто полисираната премија над 8%, што е меѓу првите три најдобри остварувања на домашниот пазар. Успеавме да го зголемиме и нашето процентуално учество на пазарот во сегментот на неживотното осигурување што е показател дека се движиме кон остварување на нашата стратешка цел – да бидеме меѓу ТОП 5-те осигурителни компании во Македонија.  Очекуваме дека подобрувањето на вкупниот деловен амбиент во земјата и достигнувањето на поголеми стапки на економски раст, ќе го придвижат и осигурителниот пазар. Податокот дека и во услови на стагнација, како што беше минатата година, бројот на продадени полиси континуирано расте, нѝ влева оптимизам и нѐ охрабрува дека сѐ уште постои голем потенцијал за натамошен раст на сегментот на неживотно осигурување во Македонија. 

Фактор: Доста често кога е во прашање осигурувањето како еден од најголемите недостатоци се споменува недоволното информирање за предностите и бенефитите кои им се на располагање на македонските корисници. Се менува ли таа слика, постои ли подобра перспектива дека неживотното осигурување во различни категории е доста важно за македонските граѓани?

Вангеловски:Финансиската едукација на населението во земјава сѐ уште е на многу ниско ниво, што секако е еден од факторите кои не дозволуваат подинамичен раст на финансиските услуги во земјава. И тука не станува збор само за осигурувањето. Со овој проблем се соочуваат и банкарскиот сектор, пазарот на капитал и останатите пазарни сегменти кои нудат финансиски услуги. Имам впечаток дека голем број граѓани сѐ уште го сметаат осигурувањето како трошок, а не како влог во нивната сигурност и инвестиција што ја зголемува вредноста на нивниот имот. Коренот на проблемот се наоѓа во нашиот образовен ситем кој не обезбедува доволно корисни информации и познавање на основните поими за пазарната економија, претприемништвото и финансиите. Сепак, и покрај тоа, благодарение на развојот на комуникациите и дигиталните технолигии, сѐ поголем број граѓани стануваат свесни за придобивките од осигурувањето . Во тоа секако помогнаа и осигурителните компании кои преку своите понуди и начин на комуникација со корисниците успеваат да разбијат некои стареотипи дека осигурувањето е луксуз, а не неопходност. 

Фактор: Колку е важно за една компанија како Кроација Осигурување постојано да воведува иновативни алатки со кои ќе им го олесни пристапот на корисниците до пакетите за неживотно осигурување?

Вангеловски:Ако сакаме да ги убедиме граѓаните дека осигурувањето е неопходно и носи големи придобивки и вредност, тогаш треба постојано да им  нудиме свежи, оригинални и привлечни осигурителни производи и услуги. Истовремено, треба да бидеме и различни и подобри од останатите компании на пазарот на кој владее исклучително остра конкуренција. Токму ова нам како компанија ни дава насока каде треба да се движиме при креирање на нашите осигурителни продукти и за нивната достапност до корисниците. Во процесот на креирање на нашите понуди ги следиме светските индустриски трендови и паралелно се трудиме да го олесниме пристапот на корисниците до нашите продукти, односно да им понудиме нови канали на продажба и комуникација со нив. Ваквиот приод го применивме и при креирање на нашата нова он-лајн платформа: moja.croatia.mk , која на корисниците им овозможува на брз, еднoставен и безбеден начин, преку интернет или паметен мобилен уред, да купат полиса за осигурување на домаќинството или патничко осигурување, или да ја обноват постојната полиса за осигурување од авто-одговорност. Дополнително, оваа платформа нуди можност да се плати преостанатиот долг по постоечките полиси, да се пријави штета на осигурано возило или имот и незгода при патување, како и да се добие понуда за каско и осигурување од пожар. Сето ова претставува големо олеснување за сите клиенти со тоа им заштедува време и истовремено нашите осигурителни производи и услуги ги прави попривлечни и подостапни за сите граѓани и компании.

Фактор: Кои се најчестите производи кои македонските корисници ги купуваат, кои видови на полиси на неживотно осигурување се најинтересни на македонскиот пазар, а кои според вас треба дополнително да се развијат и доближат до крајните корисници?

Вангеловски: Двата водечки сегменти во неживотното осигурување во земјава остануваат: осигурувањето од авто-одговорност и имотното осигурување. Тоа донекаде е и очекувано со оглед на спорото менување на општата перцепција за осигурувањето како трошок, наместо како инвестиција. Имено, во голем дел доминацијата на осигурувањето од авто-одговосност е резултат на тоа што овој вид осигурување е задолжително при регистрација на возилата, а осигурувањето на имот во најголем дел се корсити како дополнително обезбедување на имотот кој се купува со хипотекарни кредити. Во изминатите неколку години се забележува и пораст на бројот на полиси за каско осигурување на моторни возила и на полиси за осигурување на домаќинствата, што укажува на тоа дека кај одреден дел од населението се развива свесност дека треба да го заштитат својот вреден недвижен и движен имот од најразлични ризици. Сепак, сметам дека она во што треба да се вложи поголема енергија, како во делот на понудата, така и во делот на информирањето и комуникацијата со корисниците, се продуктите за осигурување од професионална огдоворност, за осигурување на кредити, за правна заштита, за финансиски загуби и побарувања, доброволното здравствено осигурување, како и за осигурување од ризици од природни катастрофи и климатски промени кои стануваат сѐ поприсутни.  

Фактор: Дел од интегративните процеси на Република Македонија е и усогласување на домашното со европското законодавство, а тука би ги броиле и напорите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. На кој начин Кроација учествува во овој процес, кои се вашите придонеси за подобрување на регулативата на осигурителниот пазар и што може да се направи повеќе за поголема хармонизација меѓу легислативата, надзорот, компаниите и самите корисници?

Вангеловски:Можам слободно да кажам дека нашата земја има добра регулатива во областа на осигурувањето. Таа овозможува услови за развој на пазарот, а истовремено дава солидни гаранции и заштита на корисниците. Во овој дел особено значајна е улогата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето која покажува дека е на висината на задачата и со која имаме одлична комуникација и соработка. Што се однесува до прилагодувањето на регулативата кон прописите на Европската Унија, мојот став е дека тоа е потребен и неизбежен процес, но треба да се одвива постепено и паралелно со приближувањето на земјата кон членство во ЕУ, со цел нашиот осигурителен пазар да има време и доволно сила за да ги издржи промените. Во овој дел, нам како дел од групацијата Croacija Osiguranje од Хрватска, на располагање ни се искуствата од работењето на пазарот на ЕУ, кои можеме да ги пренесеме и споделиме со надлежните домашни институции. 

Фактор:На кој начин ги менаџирате ризиците во работењето, кои се најголемите предизвици кога е во прашања деловниот успех на македонскиот пазар?

Вангеловски:Најголемите ризици во работењето на кој било деловен субјект генерално зависат од два фактора: стабилноста на опкружувањето и внатрешната кохезија. На првиот фактор ниедна поединечна компанија не може директно да влијае, но секако можеме да го прилагодиме нашето работење според условите што ги диктираат деловната клима, економскиот развој и политичката стабилност на земјата. Ние како компанија серизоно ги анализираме сите надворешни фактори и според нив внимателно ги планираме сите деловни краткорочни и долгорочни планови. Притоа се трудиме да не правиме компромиси кои можат да ја загрозат нашата стабилност или да им наштетат на интересите на клиентите. Во овој процес од особено значење е внатрешната кохезија што ја негуваме во компанијата и на која сме особено горди. Убеден сум дека кога постои јасна патека и цел за развојот на компанијата која ја следат сите вработени, тогаш таа компанија е многу поотпорна на можните потреси и предизвици кои се составен дел од бизнисот. 

Фактор: Исто така често осигурителните компании велат дека не целосно е искористен пазарниот потенцијал на Македонијаво споредба со регионот и со европскиот пазар. Што се е потребно да се постигне таа синергија која ќе влијае на подобри резултати како за компаниите меѓу кои Кроација осигурување, така и за благосостојбата на корисниците на кои им се потребни ефикасни и квалитетни полиси?

Вангеловски: За да се искористи потенцијалот за раст што го има домашниот пазар за осигурување во игра се неколку фактори. Прво, неопходно е да се случи поголем и континуиран економски раст на земјата којшто ќе ја зголеми економската моќ на граѓаните и на бизнис секторот. Едноставно, во услови на ниска платежна моќ, вложувањето во осигурување не е меѓу врвните приоритети на граѓаните. Второ, потребно е да се вложи во едукација и комуникација со граѓаните за придобивките од осигурувањето. Трето, неопходно е континуирано да се гради и одржува високо ниво на доверба на корисниците во функционирањето на осигурителниот систем, а во тие рамки на осигурителните компании. Таа доберба се гради преку ефективна комуникација со корисниците и секако со доследно почитување на договореното. Се разбира, од огромно значење за развој на пазарот е понудата. Компаниите постојано мора да нудат атрактивни производи и услуги кои на клиентите ќе им носат дополнителна вредност и придобивки. Комбинацијата на сите овие фактори се гаранција дека домашниот осигурителен пазар ќе продолжи да се развива.

Фактор: Изминатите години за жал бевме сведоци на повеќе катастрофални природни непогоди кои нанесоа огромни штети врз животот и имот на граѓаните на Македонија. Дали тоа придонесе за поголем број на корисници на неживотното осигурување и како вие придонесувате во едукација на македонските граѓани за достапните полиси?

Вангеловски:Според голем број истражувања на реномирани светски иституции целиот наш регион, вклучувајќи ја и Македонија, е означен како подрачје кое е подложно на зголемени ризици од природни катастрофи, како што се земјотресите, и секако на влијанијата од климатски промени кои носат долготрајни суши, поројни дождови, поплави и други појави кои нанесуваат штети врз имотот на граѓаните и на компаниите, како и во земјоделството. Сепак, и покрај зголемените ризици, како и сѐ почестите појави на елементарни непогоди кои имаат големи последици врз имотот на граѓаните и бизнис секторот, интересот за ваков вид осигурување во нашата земја сѐ уште е низок. За тоа влијание имаат повеќе фактори, но сметам дека од клучно значење е ниската економска моќ, токму на оние категории корисници, како што се земјоделците, кои можеби се и најизложени на ризиците од природните непогоди. Втор фактор кој делува дестимулативно за растот на осигурувањето од природни непогоди е приктиката на државните институции да вршат обештетување од буџетот, на сите граѓани и деловните субјекти во погодените подрачја. Свесни за ваквите состојби, ние како компанија се обидуваме на најразлични начини, преку директна комуникација, да ги запознаеме корисниците за предностите што ги нуди осигурувањето од природни катастрофи. Ваквиот напор дава конкретни резултати. На пример, Кроација осигурување е лидер според бројот на полиси за земјоделско осигурување кои се дизајнирани и реосигурани во соработка со Европа Ре – професионална реосигурителна компанија во која свој основачки влог има и државата.   

Фактор: Што може да се промени во делот на осигурување од авто одговорност како едно најчесто застапените неживотни осигурување, дали долго дебатираната либерализација на пазарот ќе донесе промени во однос на цените и квалитетот на понудата на самите осигурителни производи?

Вангеловски: Искуствата на некои држави во нашиот регион, како што се Хрватска или Албанија на пример, упатуваат дека со либерализацијата мора да се оди постепено и многу внимателно. Во Хрватска, која поради обврската за усвојување на законодаството на ЕУ мораше дополнително да го либерализира осигурителниот пазар, предизвика остар пад на цените на полисите за авто-осигурување кој предизвика дисторзија и финансиска нестабилност на целиот пазар што ја доведе во опасност и подготвеноста на системот да ја гарантира исплатата на сите настанати штети од ризиците кои ги покрива ваквиот вид осигурување. Поради сличните последници од брзата либерализација, Албанија беше приморана да се врати неколку чекори назад и повторно да ја воведе регулацијата на пазарот во делот на осигурувањето од авто-одговорност.  Од ваквите негативни искуства треба да извлечеме поука и ние во Македонија, особено затоа што цената на полисите од авто-одговорност во земјава се далеку пониски од сите останати земји во регионот. Евентуалната брза либерализација во овој осигурителен сегмент во земјата дополнително ќе ја заостри конкурентската битка меѓу големиот број осигурителни компаниии во земјава, а тоа пак може да доведе до пад на цената на ова осигурување под границата која обезбедува рентибилност, што секако ќе ги доведе во ризик и компаниите, но и самите корисници. 

Фактор: Кои производи на осигурување според вас имаат најголем потенцијал за развој и што следно планирате да понудите на македонскиот пазар кој треба да се придвижи во обемот и опсегот?

Вангеловски:Веќе споменав дека голем потенцијал за развој во иднина гледаме во неколку продукти, меѓу кои секако се: доброволното здравствено осигурување, осигурувањето на кредити, осигурувањето од финансиски загуби и побарувања на компаниите, како и за осигурување од ризици од природни катастрофи и климатски промени. За дел од овие ризици ние и сега нудиме пристапни и оригинални продукти, но сметам дека треба да вложиме дополнителна енергија тие да ги приближиме кон граѓаните и бизнис секторот. На тоа работиме интензивно и мислам дека наскоро ќе бидеме подготвени да излеземе на пазарот и во јавноста со убави новини и решенија.   

Автор: Христијан Станоевиќ       


Можеби ќе ве интересира

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски