19 Април, 2024
0.1341

Ваучер или К-15?

Објавено во: Колумни 20 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Летната туристичка сезона полека, но сигурно се приближува кон својот крај. Многумина од нас веќе го искористија својот годишен одмор или ги трошат неговите последни денови. Се приближува септември, а тоа по правило значи дека сите се прибираат дома. Со себе ги носат впечатоците од посетите на околните мориња. Охрид, Преспа или Дојран за многу наши граѓани се само попатни или викенд дестинации, а главниот дел од одморот се поминува на море.

          Од тие причини, по малку се најдовме затекнати од идејата регресот за годишен одмор, односно популарниот К-15 да се исплаќа преку ваучери за одмор во Македонија. Една навистина интересна идеја на која треба да и биде посветено соодветно внимание. Пред се, доделувањето на ваучери на вработените ќе придонесе за развој на домашниот туризам. Сите ние сме свесни за природните убавини на нашата земја, а кога се одлучуваме каде ќе одиме на одмор (или барем викенд), секогаш им даваме приоритет на туристичките центри во нашето соседство. Секогаш со истите аргументи – дека соседите имаат море, дека таму било поевтино, дека услугата била на повисоко ниво итн. Притоа, многумина од нас не ни помислуваат да ги посетат хотелите и апартманите во нашата земја, па да можат да направат споредба на услугата и цените. Туѓото е секогаш поубаво и послатко! Ваучерите за одмор во земјата ќе ја променат таквата слика. Можеби ќе ги променат и нашите навики. Ќе сфатиме дека и ние имаме „коњ за трка“. Ќе сфатиме дека нашите сместувачки капацитети по ништо не заостануваат зад хотелите и апартманите во регионот. Покрај тоа, доделувањето на ваучерите ќе значи и продолжување на туристичката сезона. Сезоната во нашата земја веќе нема да трае од десетти јули до дваесетти август. Ќе започнува многу порано и ќе завршува многу подоцна. Никому од нас нема „да му се слоши“ ако во текот на април или октомври помине една седмица во Берово или Крушево. За Охрид или Струга и да не зборуваме... Ваквата пракса треба да доведе до намалување на цените на туристичките услуги. Самите хотелиери веќе нема (или барем не би требало) да се трудат за два месеци да заработат колку за цела година. Ако имаат гости надвор од сезоната, тоа секако ќе влијае и на квалитетот и на цената на нивните услуги. Во крајна инстанца, оваа идеја, доколку се реализира, позитивно ќе влијае и на вработеноста во нашите туристички центри. Сезонската работа ќе биде заменета со подолготраен ангажман, што ќе отвори нови перспективи за граѓаните кои живеат во тие краишта. Некои од нас можат да истакнат дека во услови на низок животен стандард, подобро е К-15 да се исплаќа во пари, отколку да се даваат ваучери. Оние кои тешко составуваат крај со крај и со нетрпение го очекуваат секој први во месецот, ќе кажат дека регресот за годишен одмор ќе им послужи „за да закрпат некоја дупка“ во семејниот буџет. Тие луѓе не одат на одмор, ја ценат секоја пара и строго внимаваат на своите трошоци. Ова се сосема издржани аргументи на кои мора да им се пристапи со целата сериозност. Па сепак, кога се ќе се собере и одземе, се чини дека станува збор за добра идеја. Идеја која може да ги мрдне работите од мртва точка. Идеја чија реализација ќе доведе до остварување на дополнителни приходи за домашниот туризам и која може да отвори нови работни места. Токму поради тоа, ваквата идеја заслужува поддршка од пошироката јавност. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок