19 Април, 2024
0.0411

Висока е цената на неискуството и уцените во политиката

Објавено во: Колумни 27 Април, 2018

Добивај вести на Viber

После цели единаесет години суверено владеење на ВМРО - ДПМНЕ, диригентската палка ја презеде едно климаво мнозинство предводено од СДСМ на чие чело е и актуелниот премиер Зоран Заев.

Во предизборната кампања се ветуваа многу работи кои требаше и до сега на подобро да го променат животот на граѓаните на Република Македонија. Меѓутоа некаква драстична промена не се случи, само се променија играчите. 

Сепак тоа што најмногу зачудува е што сиот фокус владата на чело со премиерот го ставија на неколку пункта кои ниту можат, ниту ќе донесат подобар живот за граѓаните на земјава, барем не во догледно време. Имено, клучниот фокус се стави на совладување на пречките на патот кон евро-атланските интеграции на Република Македонија, а за да се добие подршката од албанскиот политички блок, по секоја цена, на сила, спротивно на уставните одредби за постапката и роковите кои во случајот се преклузивни (исклучиви, доколку во утврдениот рок не се отвори расправа и изгласа вратениот закон, постапката за негово донесување треба да се врати на самиот почеток) за изгласување на закон вратен во Собранието од претседателот на државата, наводно се изгласа и сега без потпис од претседателот, ќе се објави во Службен весник Законот за употреба на јазиците. Се добива впечаток дека за сиов овој период од владеењето на новото парламентарно мнозинство преукупација беше како да свиткаме кичма и самите да си го смениме името на државата под уцена од ЕУ и НАТО; и втората, како да се остане парламентарно мнозинство во љубов со партиите од албанскиот блок, кои заслужуваат искрени честитки за својата упорност и задртост во остварувањето на своите зацртани цели. Дефинитивно, СДСМ на македонската политичка сцена е во скутот на вештиот Али Ахмети, кој мајсторски играше цела деценија со ДПМНЕ, а сега велемајсторски влечи потези во своја полза, знаејќи дека без нивниот број пратеници, СДСМ ќе нема мнозинство во парламентот. Длабоко верувам дека истата игра ќе се развиваше и ДПМНЕ да останеше на власт, сигурно ќе беше и полошо ако останеше Груевски за премиер.

Меѓутоа, за сиов овој период, од тоа што граѓаните очекуваа, ништо не се случи. Се очекуваше дека гласно најавуваниот криминал на претходната власт и корупцијата ќе се расчистат. Ништо од тоа, сведоци сме на судска пародија во која заради разно разни процесуални забелешки рочиштата се одлагаат, постапките се развлекуваат, а освен тоа што го работи СЈО не слушнавме дека е поведена друга постапка за криминалот и корупцијата на претходните. Позицијата говори за криминалот на ДПМНЕ, говори за наследени празни каси во министерствата и фондовите, говори и се однесува како да е во опозиција, како да не им текнува дека се позиција, дека тие раководат со институциите на извршната власт. Господа, дајте ангажирајте се, докажете го криминалот и корупцијата на претходните и тогаш информирајте ја јавноста дека одговорните, макар и со иницијали, кривично се гонат. 

Следна лакрдија е што ДПМНЕ не беше сама во криминалното практикување на власта, беа заедно со ДУИ, а во едно такво двојство, ни теоретски не е возможно вината да биде само кај експонентите од ДПМНЕ, вината е подеднаква и кај нивните другарчиња од ДУИ. Ова води до заклучок дека правдата и примената на законите се селективни, дека едни за одредени работи се анатемисуваат и обвинуваат, а другите играчи кои останаа во коалиција и го сочинуваат мнозинството во Собранието, за истите работи се комотни и заштитени како бели мечки. Во таа смисла и натаму се продолжува со истите процеси на фаворизирање и делење тендери на фирми блиски до власта.
Граѓаните на Република Македонија очекуваа и подобрување на животниот стандард, но не со еквилибристиките на Државниот завод за статистика, туку реално покачување на платите и пензиите; очекуваа инвестиции; нови работни места; сопирање на трендот на исселување на младите стручни кадри; сопирање на непотизмот. Што имаме од тоа?! Само едно големо ништо, дупло голо и пак ќе повторам, само промена на играчите чија работа граѓаните ја доживуваат како без идејна; изнудена; некреативна и над се, високо коруптивна.

Токму од тие причини, наместо меракот за виткање кичма под уцена на белосветските непринципиелни авторитети, клучниот фокус во работата на премиерот и владата нужно или морално беше да бидат внатрешните проблеми и прашања. Премиерот и владата се репрезенти на граѓаните на Република Македонија и многу позначајно е пофалбите и задоволството од нивната работа да го почувствуваат токму тие, а на тој начин всушност самите ќе ја европеизираме нашата татковина, бидејќи во ЕУ ако влеземе, ќе влеземе сите и тие кои имаат по неколку илјади евра месечни примања, оние кои дневно буричкаат по контејнерите барајќи корка сув леб, до кучињата од Вардариште.
Убаво е да се слушнат пофалби од надвор, убаво е да се гледаат снимки и фотографии со широки насмевки од нашиот премиер и министрите во прегратка со европските авторитети, но навечер, кога се ќе стивне, натежнува мислата за новиот ден, за тоа како и што понатаму.

Токму затоа, колку болно да изгледа вистината, нужно или морално што би рекле некои, е да и се погледне во очи, а таа и не е баш многу пријатна, особено што прагот на дадените ветувања, а со тоа и на очекувањата на граѓаните беше мошне високо поставен. Сега кога е извесно дека нема решение на проблемот на Гр со нашето уставно име Република Македонија, редно е премиерот и останатите властелини да се посветат на своите граѓани, бидејќи очигледно многу висока цена платија граѓаните за лошо поставените приоритети, неискуството и перманентните уцени кои доаѓаат од сите страни.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок