14 Мај, 2024
0.0267

Вистински, наспроти наметнати потреби!

Објавено во: Колумни 16 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Што е она што ние потребно за да имаме еден нормален живот? Ќе се согласите за сите тоа е различно. Различните приходи, ниво на образование, посакуваниот статус, сите овие работи  влијаат  потребите да ни се различни. Но, тоа  што е заедничко за сите нас се наметнатите потреби, кои го мамат нашето око, и без кои како да неможеме да живееме! Капитализмот наметнува вештачки потреби, кои не прават да бидеме обземени од потребата да поседуваме различни предмети, правејќи не нивни робови. Често кога луѓето пазарат во продавница, поголемиот дел од производите што ги набавуваат и не им се потребни. Логиката е дека штeдат, затоа купуваат кога има некаква продажна акција, производите биле на попуст, или се излажале дека ако го купат производот ќе добијат некаков подарок. Иако поголем дел се свесни дека поклонот (гратис производ)  што ќе го добијат веќе е вкалкулиран во цената, сепак не размислуваат дали се измамени оти секој сака поклончиња. Постојано се лажат дека со купувањето  ја задоволиле вистинската потреба. И сето тоа е убаво, доколку сме скромни, урамнотежени и нормални во задоволувањето на своите потреби. Но за жал потребите стануваат сè поголеми, а индивидуата сè повеќе незаситна и незадоволна. Чувството за задоволување на потребите  е распнато на скалата на незаситност и алчност. Да се има што повеќе, за да се потроши што повеќе.  Ерих Фром напиша дека капитализмот го прави човекот Хомо конзумент. Се претвора во ненаситник, во вечно цицалче кое сака да консумира , се повеќе и повеќе и за кое се станува предмет на потрошувачка, цигари, алкохол, секс, филмови, телевизија, патувањаи др, на кого му се создаваат нови вештачки потреби и се манупилира со неговиот вкус. Моментално ја задоволува својата потреба, за да повторно по кратко време остане со својата самотија. Единката не купува тоа што и е неопходно, туку живеe во илузија дека колку повеќе троши ќе биде посреќна. Задоволенaта алчност станува смисла на животот, а стремежот кон неа нова религија. Интересно е и чувството дека преку изборот и задоволувањето на своите потреби ја изразуваме и нашата индивидуалност, вкус, животен стил,  покажуваме колку сме  поразлични од сите околу нас, наоѓајќи притоа оправдување за својата потрошувачка. Но задоволувањето на потрошувачката потреба наместо да не исполни со спокој и самозадоволство, уште повеќе не прави хаотични и незадоволни, изложени на влијанието на големите мултинационални компании и нивните производи, кои едноставно мораме да ги имаме! Не ретко ќе сретнеме изјава од типот, денес имав напорен ден, морам нешто да си купам, за да се смирам! И тоа не е само женскиот дел од популацијата, тоа е едноставно случај со сите. Разликата е само во предметот на купување. Живееме во време кога купувањето е најчестата стрес  терапија. Но како да се амортизира секојдневниот стрес и незадоволство, колку треба да се купи, и колку често?  Тоа е состојба, на која ако и се предадеме, секогаш ќе бидеме во дефицит, бидејќи ретко кој може да заработи повеќе, отколку што може да потроши! Ако веќе сме го прифатиле феноменот на Хомо конзумент. Понудата која денес ја имаме, колку што е добро од една страна, од друга страна поради неможноста да се задоволат одредени потреби знае да фрустрира. Полни очи, празни раце! Порано во минатиот систем луѓето немале избор, еден автомобил, една телевизија, еден дневен весник и поради тоа поедноставно живееле, и не биле изложени на предизвиците на големиот избор. Прашањето е денес кога постои избор, огромна понуда на што ти не, дали животот е поедноставен? Откако ќе се задоволи оптималниот праг на основни егзистенционални потреби, која е горната граница до која треба да одиме. Доколку се самоанализираме, ќе заклучиме дека многу повеќе трошиме на гардероба, на луксузни, статусни и нетолку потребни предмети, отколку да речеме на работи што го збогатуваат нашиот дух и интелект. Што е правилно? Одговорот е индивидуален, и тука нема правило “универзален калап”. Но она што несмееме да дозволиме  е предметите да владеат со нас. За крај, можеби е подобро повеќе да сонуваме, отколку да го трошиме тешко заработеното.  Бидејќи купеното денес, веќе утре е антика! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка