28 Април, 2024
0.0275

VIVAT LIBERTAS

Објавено во: Колумни 30 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Слобода - о колку возвишено и гордо звучи, восклик на индивидуа во едно демократско и слободоумно општество. Слобода на мисла, слобода на говор, слобода на светоглед, слобода на комуникација, слобода на избор, слобода на игра, слобода на идеологија, слобода на движење, слобода пред се и над се. Збор кој мошне често бил експлоатиран и тоа  уште од најмалите - најмилите, до оние повозрасните, од адолесцентите до изградените, од обичните до елитните, од селаните до граѓаните, од питачите до богаташите, од необразуваните до докторите, секој на себесвојствен начин, зборот слобода го извикувал и милувал. Првите зборови уште од  мојата најрана возраст беа врзани за зборот слобода Првите зборови, првите учења, првите напишани и отпеани стихови уште од  мојата најрана возраст беа врзани за зборот слобода. Моите родители, воспитувајќи ме во духот на демократијата, постојано ми ја нагласуваа слободата во мојот избор, без оглед за која активност да станува збор. Симплифицирано - со која играчка сакаш да си играш - ти слободно избери, што сакаш да јадеш  -ти слободно избери, што сакаш да правиш во времето предвидено за себе - ти слободно избери, со кого сакаш да поминуваш најголем дел од времето - ти слободно избери. И подоцна во животот, кога бев ставена пред посериозни животни предизвици никогаш не ми беше наложено нешто, ниту наметнато, никогаш не бев насочувана ниту пак користена за остварување на нечии амбиции, напротив, слободата на избор беше мој прв и единствен чекор - избор на студии, избор на професија, избор на пријатели, избор на брачен партнер. Сума сумарум постојано јас го правам сопствениот избор, лично, незаменливо и слободно и затоа слободата, како поим, како начин на битисување, како начин на делување е длабоко вткаена во мојот вредносен дискурс. Непоимливо е за мене, денес во 21 век, слободата да не биде на пиедесталот Годините минуваат, човекот созрева, се учи, надградува, но сепак останува моралниот кредибилитет кој се градел и надградувал со текот на времето. И кај мене, покрај минливоста на одредени младешки лудории, идеи и сфаќања кои биле во одреден период актуелни, сепак останале втемелените вредности кои се мој животен патоказ и ѕвезди водилки. Една од нив е слободата, во секое време, во секоја ситуација, при секој избор.\ Непоимливо е за мене, денес во 21 век, во ерата на напредок, прогрес и експанзија на низа општествени феномени, слободата да не биде на пиедесталот на најзначајните придобивки на совремието и на демократијата. Но гледајќи како таа се гуши, како таа се прикрива, како таа се маргинализира, истиснува и гази, навистина ме става во една позиција на длабока мисла и размисла - дали нашево совремие, кое денес го битисуваме ја ограничува слободата и не заробува нас во граници во кои не можеме слободно и нормално да живееме? Секоја здрава демократија се базира на слобода Искрено, тешко може да дадам едноставен одговор на прашањето кое се почесто себе си си го поставувам, но дефинитивно, и да не правам сложена социолошка анализа, од она што може да се види и чуе, со право можам да кажам дека нашата демократија е малку поинаква од останатите или пак ние ја перцепираме и практицираме поинаку. Секоја здрава демократија се базира на слобода и право на избор, а кај нас таа слобода е ограничена. Можеби пресурово ќе звучи, но во одредени случаи и закована во пранги. Фрапантно е да се одзема слободата за јавно искажан став, кој е поразличен од ставот на мнозинството, фрапантно е да се одзема слободата за дела и активности кои не се ниту против нечиј живот, ниту против нечие стекнато богатство, ниту против интересите на државата. Загрижувачко е да се одзема слободата заради напишан збор, па колку и тој да е прејак, а сепак во себе содржел одредена идеолошка мисла или став по одредено прашање. Болно звучи да одземаш слобода заради изложување или приклонување кон некој фиктивен противник или замислена афера, која се родила и вирее во нечиј ум. Да не е трагично ќе биде смешно да се одзема слобода само затоа што некој помислил и смислил дека не му се допаѓаат нечии ставови и конструкции. Па луѓе божји тоа е враќање кон средниот мрачен век, кој подразбира потполно гушење на слободата и поимање на се што постои со речникот на теологијата. Македонија слободна, слободно живее! Уште во ушите ми зујат пискотите и молниците на едно девојче чиј родител беше лишен од слобода само заради напишан текст кој не бил многу поразличен од други текстови, кој зборувал за нешто сомнително и прикриено, текст кој излегол одамна, од многумина заборавен и потоа излегол повторно на површина и се зел како нужно зло на авторот. Срцето забрзано на секому ќе му бие и грутка во грлото на секој добронамерник ќе му застане, на оние  кои  слобадата ја поимаат во вистинска смисла на зборот, кога ќе ги видат плачните очи на девојчето - тинејџер кое само се запрашува што згрешил нејзиниот родител. И не случајно толку ука и бука се креваше сиве овие изминати денови, бидејќи беше одземена слободата на едно невино и искрено дете да си го прегрнува родителот кога сака, да си разрешува дилеми со него и да се консултира за значајни животни прашања. И не случајно маса на луѓе се крена гласно да кликне и воскликне: Vivat Libertas. П.С. Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата...Македонија слободна слободно живее....стихови дел од нашата национална химна, стихови кои го разнежнуваат и најтврдиот човек, стихови кои со гордост се пеат и со високо кренати глави се слушаат, стихови кои вдахновуваат позитивност, љубов и енергија која може и планини да премести. Во овие стихови е вткаена и сета суштина на постоењето и живеењето, и со право може да ја карикирам Декартовата - мислам значи постојам, со слободно живеам значи постојам. Патриоти, кога ги пеете овие стихови, кои толку ги љубите, не ги пејте без да ја поимате нивната содржина, размислете, бидејќи самата песна и ставена рака на срце кога интонирате,а без да ја практицирате нејзината бит, не ве прави луѓе во вистинска смисла на зборот. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД