Владата бара творец на прославата на 11 Октомври, ќе биде само на македонски јазик!
Објавено во: Мои пари 28 Септември, 2013
Од понудувачите се бара до 01 октомври да достават дизајн на знак / лого со слоган и дизајн за краток информативен ТВ спот
Според информациите до кои дојде Фактор, Владата, односно генералниот секретаријат во детаљи објаснуват што значи празникот 11 Октомври за творците на логото со слоган и телевизискиот спот ќе знаат што треба да изработат, а да биде по вкус на нарачателот.
“При подготовка на креативните / идејните решенија треба да се има предвид дека 11 октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Имено, овој ден го означува почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот,италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата, кога во Прилеп, 1941 година, борците на Првиот прилепски партизански одред извршиле напад на бугарската полициска станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско – телеграфската мрежа.
Следниот ден, на 12 Октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Почнала четиригодишната Народноослободителна војна на македонскиот народ за конечно ослободување на земјата, која завршила со успех само во еден дел на Македонија.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе“, пишува во тендерската документација на Владата за осмислување на лого и телевизиски спот за прославување на 11 Октомври годинава. Според тендерот, идејните решенија треба да имаат само македонска верзија.