Владата со нови предлози за законите за медиуми
Објавено во: Мои пари 12 Август, 2013
Со цел подобрување на законите за медиуми, што се во собраниска процедура, Владата до Собранието на Република Македонија доставила повеќе амандмани, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Амандманите, како што рече Ивановски на прес-конференција произлегоа од двете јавни расправи што неодамна се одржаа во Парламентот за Предлог-законот за медиуми и за Предлог-законот за аудио и аудивизуелни медиуми, како и од забелешките што до предлагачот на законите ги доставија претставници пред се на Советот на Европа и на ОБСЕ.
Утре, во хотелот „Холидеј ин“ со почеток во 10 часот, ќе се одржи уште една јавна расправа по овие предлог текстови на која ќе присуствуваат претставници на Советот на Европа, на ОБСЕ и на TAIEX.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ивановски рече дека очекува квалитетна дебата и оти на тоа нема да влијае што амандманите се објавени само 24 часа пред почетокот на расправата и фактот што сеуште се годишни одмори.
Ивановски вели дека токму од утрешната дебата исто така очекува да произлезат и размислувања коишто би довеле евентуално до нови амандмани кои би биле доставени до Собранието пред законите во втора фаза да бидат разгледувани од страна на собраниските тела.