Владиката Пимен: Со Фејсбук до подобар контакт со верниците
Објавено во: Мои пари 27 Октомври, 2013
Социјалните мрежи не се баук, туку дел од секојдневната култура на живеење. Во каков тренд би се вклучиле доколку целосно ги екскомуницираме. Ова го изјави митрополитот европски Пимен, кој вчера присуствуваше на одбележувањето на 40-годишнината од основањето на МПЦО „Св.Кирил и Методиј“ во Гетеборг.
Одлуката за забрана за свештениците, монасите и владиците на МПЦ да ги користат социјалните мрежи, актуелизирана деновиве по иницијатива на владиката Петар, не е особено продуктивна кога станува збор да се има сенс за духот на современиот миг на живеење,смета владиката Пимен.
- Сакаме да имаме подобар контакт со верниците, особено со младите, да ги слушнеме нивните размислувања. Зошто тогаш да се исклучиме од Фејсбук, вели тој.
Свеченостите по повод одбележувањето на 40-годишниот јубилеј на двете македонски православни црковни општини во Шведска, „Св.Кирил и Методиј“ во Гетеборг и „Св.Наум Охридски“ во Малме, првоосновани во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа, денеска завршија со света божествена литургија.
И двете прослави на македонските црковни оштини, во минатата недела во Малме, и викендов во Гетеборг, со свое присуство ги удостои архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој и денеска чиноначалствуваше со светата божествена литургија во православниот храм „Св.Кирил и Методиј“ во Гетеборг.