30 Април, 2024
0.0251

ВЛАДИМИР ПУТИН: „Диктаторот“ што го врати меѓународното влијание на Русија!

Објавено во: Колумни 06 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Пред два дена, во средата, американското списание Forbes ја објави листата, според негова верзија, на највлијателните луѓе во светот за оваа година. Списокот од 73  позиции, трет пат по ред го возглави рускиот претседател Владимир Путин. Првата петорка, заедно со Путин, ја сочинуваат германската канцеларка Ангела Меркел, па американскиот претседател Барак Обама, па Папата Франциско и кинескиот претседател Кси Џинпинг. Како што забележува Forbes, 73-цата од листата се само 0,00000001% од населението на планетата, но токму тие „управуваат со тој свет“. Списанието Forbes, блиско до републиканците во САД, изборот на највлијателните луѓе го прави според  четири параметри. Бројот на луѓето врз кој влијаат нивните решенија, обемот на финансиски ресурси, кои што им припаѓаат или управуваат со нив,  потоа колку се моќни учесниците во рејтингот во различни сфери од животот, во кои се чувствува нивното влиание, и на крај, колку активно ја користат нивната власт или влијание. Редакцијата на списанието признава дека станува збор за субјективен избор на поединци од областа на политиката, религијата, финансиите, претприемаштворо, филантропи и ѕвезди од шоу-бизнисот. Листата на највлијателни луѓе се составува од 2004 година. Според оценката на Forbes Владимир Путин, според вкупно анализираните параметри нема рамен на себе. Во образложението се вели дека рускиот претседател продолжува да докажува дека тој е еден од малкуте луѓе во светот, доволно влијателни, за да го прават она што тие го сакаат. „Меѓународните санкции, воведени по освојувањето на Крим и започнувањето на прокси-војната во Украина, ја урнаа рубљата и ја фрлија земјата во длабока рецесија, но не му наштетија на самиот Путин. Во јуни неговиот рејтинг порасна до рекордни 89 проценти (89,3 заб.авт). Во октомври почна да ги бомбардира позициите на ИД во Сирија и се сретна со сирискиот претседател Башар ал Асад, ослабувајќи ги позициите на САД и НАТО во регионот и враќајќи и го на Русија меѓународното влиание“, вели списанието. Втор највлијателен човек во светот, а и највлијателна жена е германската канцеларка Ангела Меркел. Тааа лани беше на петтото место. За неа списанието вели дека е основа на ЕУ, дека презела решителни дејства во врска со бегалците од Сирија и грчката криза. Дека успешно ја спровела Германија низ глобалната криза, дека активно ја поддржува борбата против ИД и дека е важен учесник – посредник, заедно со Путин, како гаранти на мировните договори  во украинскиот конфликт. Американскиот претседател Барак Обама е на третото место. „САД, безусловно, остануваат водечка светска сила во економијата, културата, дипломатијата, технологијата и воената и други области. Меѓутоа Обама во последната година од своето претседателствување, очигледно го изгубил своето влијание. Во земјата неговиот рејтинг ретко надминува 50 проценти, а на глобалната арена американскиот лидер во сенка го ставаат Ангела Меркел, како газдарица на единствената Европа и Владимир Путин како нов главен херој на блискоистичниот конфликт“, се вели во образложението за него. За Папата Франциско, кој што е лидер на 1,2 милијарди католици, списаниетио смета дека за неколку години на своето управување го сменил конзервативниот имиџ на црквата. Во септември имал триумфална посета на САД, ги зачнал проблемите на климата, имиграцијата,  прекршувањето на правата на  религиозните малцинства на Блискиот Исток и др. Исто така посетил затвор во Филаделфија и се сретнал со жртви на сексуално насилство, истовремено барајќи прошка за сексуалните скандали во црквата, а исто така посветува многу време на бедните. Кинескиот претседател Кси Џинпинг внимателно го користи своето влијание во втората по големина економија во светот, вели списанието. Тоа ги нагласува неговите пазарни реформи, потоа отворениот начин на живот, за разлика од неговите претходници, па напорите за борба со корупцијата и воспоставувањето на добри односи со многу држави и од Запад и од Исток. Според списанието кинескиот лидер е највлијателен лидер во земјата после Мао Цетунг. Во Русија ваквото „признание“ за Путин не крена многу возбуда. Веста беше одбележана, а во еден од малкуте коментари се вели дека Forbes го става Путин на прво место играјќи на неговото самољубие. Според авторот рејтингот на Путин го создаваат вештачки, за да го натераат да биде поактивен на Блискиот Исток и да направи грешка. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, вели дека претседателот спокојно се однесува кон рејтингот. Интересно е да се наврати човек на претходните две години кога Путин, според американски Forbes беше исто така највлијателен човек на светот. Во 2014 година Путин беше прв, Обама втор, а кинескиот претседател Џинпинг трет. Списанието тогаш го нарече Путин „руски автократ“ и забележа дека претседателот на Русија „често ја демонстрира својата моќ во татковината и на светската арена“. Тогаш Forbes напиша дека лидерството на Путин во 2013 година предизвикало бурни дискусии, „Но за една година, кога Путин го присоедини Крим, направи посредна војна во Украина и потпиша зделка вредна 70 милијарди долари со Кина за изградба на гасовод, нашиот избор се покажа како пророштво“, изјавија тогаш од списанието. А што беше во 2013 година? Тогаш Путин за прва пат беше проглесен од страна на Forbes за највлијателен човек на планетата. Обама, кој дотогаш беше лидер, падна на второ место, а Џинпинг беше на трето. Во тогашното образложение се вели дека лидерот на рејтингот, Путин, минатата година ја зацврсти власта во својата земја до тој степен што терминот „диктатор“,според Forbes, веќе не е преувеличување. Путин таа година имал забележителни резултати  во два големи дипломатски „скандали“, пак според списанието. Првиот е давањето политичко прибежиште на пребегнатиот американски „свиркач“ Едвард Сноуден, кој создаде голема главоболка на многу држави во светот. А вториот беше општоприфатениот компромис за сите страни во сирискиот конфликт. Се мисли на дипломатската победа на Русија околу хемиското оружје во Сирија. И како сега, за три години, според образложенијата на Forbes, Владимир Путин од „диктатор“ во 2013 година, во 2015 стана лидер што и го врати меѓународното влијание на Русија. А во 2014 беше „автократ“.  Одговорот веројатно е во субјективноста на оценувањето, односно на изборот. Но едно е сигурно. Путин не е личност на годината било како „диктатор“ или „автократ“ по сопствен избор. Него го породија токму Американците. За време на неговиот прв мандат тие не ја искористија неговата подадена рака по 11 септември 2001 година. Дури и денешниот лут противник на Путин, некогашниот премиер Михаил Касјанов, има изјавено дека рускиот претседател сериозно размислувал за приклучување на Русија кон НАТО. Целиот прв мандат на Путин беше проактивен кон Запад. Но, очигледно „кремљолозите“ од Вашингтон тогаш несериозно се однеле кон потезите на Путин. На крилата на „победата“ во „Студената војна“ тие мислеа дека со него ќе се однесуваат како со Борис Елцин. Доколку Западот малку посериозно се зафатеше со Путин и Русија, ако ги вовлечеше во своите прегратки, ако беше искрен и јасен во намерите за поставување на противракетен штит, денес не ќе се зборуваше за Русија како автократска држава во која царува корупцијата, со недоволно демократија. Путин, во вториот мандат, процени дека Западот, читај САД, за да суштествува, мора да има непријател. Најлесно во тој момент беше непријателот да биде Русија. А, бидејќи „слабите ги тепаат“, тој почна наголемо да троши на зајакнувањето на воената моќ на земјата. Путин го крена рејтингот токму на „борбата“ со Западот во Украина и  по интервенцијата во Сирија. Тоа се тие речиси 90 проценти, кои и го ставија на врвот на овогодишната листа на Форбс. А секако и неинвентивноста на Западот во најновите случувања на Блискиот Исток. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД