19 Април, 2024
0.0293

Влечките и лидерот

Објавено во: Колумни 27 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Влечките и лидерот

Многу е тешко кога ќе почнеш да го здогледуваш сопствениот крај, посебно доколку крајот не е розов. А таков ќе биде зошто и неможе да биде поинаков. И тогаш, сите ти се виновни и оние кои си ги поткупувал и оние кои ти се плашеле и оние кои ти се чуделе на паметот. Штом  дојде во ситуација преку медиумите да го повикуваш народот да не седи по влечки пред телевизорите и да чека некој друг да ја заврши работата за одбрана на државата, значи навистина ти гори под нозете. Од кого ја браниш државата, кој ќе ја растура и кој може поголемо зло да и‘ нанесе!

Дека конците полека, но сигурно се испуштаат се и трагикомичните понуди, ВМРО ќе ја подржи и владата на СДСМ, само да не се прифати платформата на Албанците,  па ако требало и лидерот ќе ризикувал во затвор да го пратат. Не знае човек дали да плаче или да се смее. Нема потреба од толкави жртви и душегрижништво, посебно доколку се има предвид фактот дека никаде не станува збор за промени на Уставот, туку за целосна имплементација на постојните уставни решенија. Македонија недвосмислено останува унитарна држава на рамноправни граѓани.

Значи работите се одвиваат според утврдената динамика. Опструкции ќе има, но прашање на време е кога ситуацијата ќе се стави под контрола. Народот веќе почна полека, но сигурно  да не реагира онака како што очекува лидерот. На потег е  Иванов. Тој ќе го направи она што ќе му го кажат неговите ментори. Како и секогаш, има шанси и да изненади. Познат е по потези кои и најголемите визионери не можат да ги предвидат. Не сакам да навлегувам што се може да стори, но знам дека времето работи против криминалот. А ако се обиде да опструира, знае Претседателот дека во догледно време може да биде обвинет и за соучесништво.

После пораката на еврокомесарот Јоханес Хан, Иванов и да сака да прави проблеми, нема да може или доколку се обиде, отпорот за доделување на мандатот ќе биде со краток „здив“. Никогаш појасен, Хан на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски им порача, владата да ја формира кандидатот на партиите кои имаат мнозинство во Собранието.

За воља на вистината и врмровците беа повеќе од јасни дека имаат исковано повеќе планови со цел да не дозволат напуштање на власта, но, пак,  еврокомесарот им порача, промените во демократски општества се природни, и треба да се поздрават кога се резултат на кредибилни избори. Опструкциите и поткопувањата на напорите да се формира влада немаат место во демократскиот процес. Во тој контекст Хан ги повика сите релевантни фактори, вклучувајќи ги Претседателот и Собранието да се придржуваат до словото и духот на Уставот и на одговорен начин да овозможат брзо формирање влада која ќе работи на заостанатите реформи. Овие укажувања се директни одговори на „забеганите“ најави за опструкции, по објавата дека Заев ги собрал потребните мандати за формирање нова влада.

 И националистичката карта на која заигра Груевски не ги дава очекуваните резултати. Како што видовме лидерот веќе е незадоволен. Народот наместо на улица, седел во влечки пред телевизорите. А во таква ситуација на „неосвестен “ народ, лидерот не знае кој му е повеќе виновен, дали народот или опозицијата. Впрочем веќе ја оптужи опозицијата дека со ДУИ сака да направи дефакторизација на македонскиот народ и да ја редефинира Македонија. А само пред месец дена не му сметаше да преговара со истата албанска партија за да формира влада, на кои преговори сите барања поради  кои сега се подгреваат националните страсти беа беспоговорно прифатени, освен СЈО. Значи не двојазичноста, туку СЈО е пречката која вмрвовците неможат да ја прескокнат.

Задоцнетото демантирање на овој факт , особено откако се виде дека напредуваат разговорите со СДСМ, целосно ја демаскира заднината на подоцнежните „патриотски“ изливи за цврсто застанување на браникот на одбраната на националните и државните интереси. И не остава никаков простор и потреба за поттикнување  на немири против новата власт. А споменувањата на евентуални крвопролевања за одбрана на државните и националните интереси, во овој контекст, само го соголуваат лидерот на ДПМНЕ во човек на кого му е поважно да ја зачува својата кожа отколку иднината на партијата и на земјата.

Спинувањето на опасности од договорот на СДСМ и ДУИ, и без да се знаат деталите, има за цел да ги заострува тензиите во општеството  и да предизвика немири кои би го закочиле започнатиот процес на формирање на нова, реформска влада чии цели ќе бидат фокусирани на ослободување на заробената држава (органи, институции, медиуми), на заздравување на стопанството и обезбедување на одржлив развој на повисоко ниво од остварениот во изминатата декада, на процесуирање и завршување на обвиненијата кои ќе ги поднесе СЈО, кои, меѓу другото, се и претпоставка за остварување на нашите определби за приклучување во НАТО и ЕУ.

Доброто е што од ова зло излегуваме посилини. Доброто е што и Македонците , Албанците и другите најпосле се разбраа.Поделбите меѓу етничките заедници и меѓу нив се само средство во рацете на врхушките на власт за непречено остварување на личните и/или партиските интереси, а не на интересите на сите граѓани. На граѓаните веќе им е преку глава да им служат на таквите интереси заради остварување на некоја нивна потреба. Сакаат систем со критериуми за вработувањата, за стимулациите, за социјалните надокнади и тн., па кој ги задоволува, по сила на закон да може да ги оствари своите интереси.

Заинтересираните за иднината на Македонија нема да се колебаат  која насока да ја „фатат“, бидејќи навистина нема причини за колебање. За Груевски е јасно. Тој е човек кој се доведе во ситуација не само да биде симнат од власт, туку и да се соочи со правдата за веќе покренати обвиненија. Од него, по се‘ што направи и пред и по изборите, не може да се очекува да се надмине. Ќе се обиде да лови во матно, но без изгледи на било каков успех, освен да нанеси нови штети на државата и на народот, било со или без влечки. А Ахмети ќе мора да одбере меѓу амбивалентните цели, во влада или само со поддршка на нова влада. Со тоа ќе покаже чии интереси му се поважни. Одлуката му ја олесни Груевски, кој веќе го отпиша и во едниот и во другиот случај.

д-р Крсте Шајноски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок