28 Март, 2024
0.0255

Влијанието на „жените“ на американските претседатели врз односите со Русија

Објавено во: Колумни 24 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Сториите на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со настани од пред повеќе од десетина години исфрлаат на површина сеќавања и за друг негов дамнешен претходник. Претседателот Бил Клинтон. Заедничкото за нив е што обајцата, што би рекле Русите, биле „љубвеобилни“. И што нивните љубовни авантури се одразиле и врз односите со Русија, Клинтон, или ќе се одразат допрва, Трамп.

Бил Клинтон, американски претседател, насмеаниот саксафонист, кого тогашниот руски претседател Борис Елцин го нарекуваше „мојот другар Бил“ во средината од далечните деведесетти години имаше, ај да речеме, блиска врска, со младата приправничка во Белиот дом, 22 годишната Моника Левински. Клинтон тогаш беше на прагот на 50 години. По нешто подолго од две годишно „дружење“, пукна аферата „Левински“.  Секс-скандал во Белиот дом. Се крена на нозе цела пуританска Америка. Медиуми, поедници и јавни личности го осудуваа однесувањето на претседателот со Левински. Во Сенатот и Конгресот почна да се зборува за импичмент на „неморалниот“ претседател.

Но врева не се крена само во САД. Ништо помала не беше и во Русија. Но за разлика од американските пуританци во Русија јавноста со благонаклоност гледаше кон настаните во Белата куќа. Еден од најтиражните руски весници отвори простор за писма од читател(к)ите. Во нив огромното мнозинство даваше поддршка на Клинтон. Редакцијата на весникот вети дека еден од читателите ќе патува во САД да му ги даде на Клинтон писмата со поддршка од Русија. Ако не ме лажи сеќавањето беа собрани две огромни вреќи со писма и една читателка замина за САД.

Веројатно поддршката од Русија даде придонес во разврската на „секс-скандалот“. Како што подоцна се утврди во истрагата, а пишуваа светските медиуми, романсата меѓу двајцата се одвивала во Овалната соба. На почетокот на истрагата Клинтон под заклетва тврдеше дека „Сексуални односи со оваа жена, госпоѓица Левински, јас сум немал“. Но кога во истрагата се појави синото здолниште на Левински и резултатите од ДНК анализата на спермата најдена на него, работите тргнаа во несакана насока за Клинтон. Беше побарано негово отповикување-импичмент. За лажење под заклетва. Тогаш Клинтон изјави дека со Левински имал орален секс, а тој оралниот секс не го смета за секс!

Тој и неодамна, по појавата на движењето против сексуално насилство MeToo, изјави дека нема намера сега да и се извинува на Левински за скандалот. Дека тоа го направил пред 20 години, кога се извинил јавно на семејството, на Левински, на американската јавност...Тој вели дека новинарите биле пристрасни во известувањето, намерно пренебрегнувајќи ги фактите. Исто така, во поглед на импичментот изјави дека во 1998 година се обидувал да не го дозволи тоа, бидејќи го „заштитувал уставот“. Во февруари годинава Левински изјави дека интимната врска со Клинтон била со обострана согласност, но постоела злоупотреба на власта.

Како и да е, епилогот покажа дека напразни беа обидите на специјалниот обвинител Кенет Стар да го обвини Клинтон за давање лажни изјави и спречување на правосудството, а за што беше подготвен и обвинителен акт. До суд работата не дојде. По долги дебати обвинувањата беа отфрлени. Во јануари 1999 година се’ падна во вода. Клинтон, веројатно уште под влијание на секс-скандалот и се она низ што помина и спасот од импичмент, како да сакаше нешто да направи и настаните да заминат во минато. Па само два месеца потоа тој ги одобри нападите врз СР Југославија и бомбардирањето на Белград.  Истиот ден тогашниот руски премиер Евгениј Примаков, кој беше во авион на пат за САД, над океанот нареди авионот да се заврти назад кон Русија. Односите тогаш се заладија, но Русија не можеше никако да одговори на нападите. Затоа пак овој настан стана столб на политиката на идниот претседател Владимир Путин, кој тогаш беше директор на Федералната служба за безбедност. Како да му се потврди неговото сознание од детството дека „слабите ги тепаат“.

Владимир Путин во моментов, колку што дозволуваат условите, соработува со четвртиот американски претседател, Доналд Трамп. По Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама. И ако овие тројца поминаа без некоја љубовна афера за време на нивниот мандат, Трамп како да оди по стапките на Клинтон. Навистина неговото љубовно гнездо не била Овалната соба во Белиот дом со некоја млада приправничка, но одново во основа се’ произлегува од секс скандали. Но, кои се надградуваат и се создаваат приказни како од американските криминални филмови. Бандитот е многу богат, има многу женски, го сомничат за финансиски малверзации, но не можат ништо да докажат...Се’ додека не „пропеат“, најнапред женските, а потоа и неговиот близок соработник. Е тоа е приказната за Доналд Трамп. Неделава „пропеа“ и се предаде во рацете на ФБИ, поранешниот личен адвокат на Трамп, Мајкл Коен. Во истиот ден и поранешниот шеф на изборната кампања на Трамп, Пол Манафорт, беше прогласен за виновен по десетина кривични дела.

Секако ова не значи и дека Доналд Трамп сега ќе падне во рацете на ФБИ. Тој е претседател, со огромен имунитет...Но сепак над него се надвиснува опасноста од импичмент. Односот на Трамп кон соработниците зборува дека тој не знае да одбере вистински. Или пак одбира слични на себе. Манафорт е обвинет за криминали кои можат да го одведат во затвор десетици години. Коен пак одел до таму што ги снимал разговорите со Трамп, што е знак дека си подготвувал материјал за евентуална идна уцена на Трамп или пак за олеснување на ситуацијата во која ќе се најде во иднина. И таа дојде и тој доброволно склучува зделка со ФБИ, што му гарантира и некоја помала казна за делата за кои ќе биде обвинет.  А можеби ќе му дада поголемо ублажување ако знае и нешто друго за Трамп. Засега се објавени само деталите за „жените“ на Трамп.

Кои се тие? Едната е порноактерката Сторми Даниелс на која Коен пред изборите во 2016 година и платил 130 илјади долари за да не зборува за нејзината дамнешна, пред десет години, врска со Трамп. Втората е поранешниот модел на „Плејбој“, Карен Мегдугал, која исто така тврдела дека имала односи со Трамп. Се споменува дека Коен на овие госпоѓи, по налог на Трамп, им има платено на 400 илјади долари за нивно молчење. Се смета дека овие исплати претставуваат нарушување на Законот за финансирање на предизборна кампања. Но, адвокатот на Коен тврди дека тој може на истражителите да им даде информации за тоа што го знае за „очигледна можност за договор со цел да се поткопа американската демократија за време на изборите во 2016 година“. Со други зборови да даде докази дека Трамп соработувал со Русија за време на својата предизборна кампања. Тоа го тврдат и американските специјални служби, но се’ уште немаат цврсти докази за тоа.

Во триесеттите години од минатиот век во САД главниот гангстер Ал Капоне го гонеа за убиства, но го затворија за неплаќање данок. Сега Трамп го гонат за наводни врски со Русија во предизборието, а по се’ се чини дека ќе сакаат да го отстранат од функцијата заради „женските“ и плаќањата за нив.

Но, Трамп не би бил Трамп, ако лесно се предаде. Тој е во тесно и тоа му е јасно. Завчера дури изјави: „Ако некогаш ме отповикаат, мислам дека пазарот ќе се сруши. Мислам дека сите ќе бидат многу сиромашни“. Последна шанса му е Коен да нема опасна информација за негова соработка со Русија. Но, некои сметаат дека и по цена да има таква информација тој ќе направи се да остане на функцијата. Што би можел да направи во таков случај? Тој во моментов и така води војна со санкции кон Русија, економска со Кина, санкции кон Иран, кон Северна Кореја, Турција, најави за санкции за Европа...Може ли и тој, како Клинтон да посегне по некакво воено втурнување. Некаква воена авантура, ако биде побарано негово отстранување од власта. На пример, во Сирија. Или во Иран и покрај противење на Русија и Европа. Или пак се ќе се сведе на водење внатрешна борба. Што ќе биде доказ дека е во право Русија кога вели дека односот на САД кон неа е одраз на внатрешните состојби во САД.  Впрочем вчера и адвокатот на Трамп, некогашниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулиани, изјави за SkyNews дека во случај на импичмент на Трамп од политички причини „американскиот народ ќе организира востание“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?