23 Април, 2024
0.2650

Влогот на Народната банка во стабилноста на банкарскиот систем и неговата кондиција

Објавено во: Колумни 09 Март, 2021

Добивај вести на Viber

На 26 март, 2020 година на самиот почеток на кризата, напишав еден текст, кој беше јавно објавен со наслов: „Анти-корона економска превенција“. Оттука, како главна цел на таквата анализа беше да се укаже на забрзана мобилизација на целиот финансиски систем во македонската економија, што и се случи, со особен осврт на пазарот на обврзници и банкарскиот систем. Како што беа моите предвидувања, така, денес сме во состојба на зголемен јавен долг, што, ако се погледне објективно, од експертска гледна точка, ваквата состојба е оправдана и истата може да се компарира со воената состојба од конфликтот во 2001 година. Во поглед на личните ставови за кризата со пандемијата, можам да кажам дека се константни во текот на целиот овој изминат период на една година (од 9 март, 2020 година, до денес), но со мали осцилации или благи варијации во поглед на оптимизмот за временската рамка на излегувањето од ситуацијава. Од денешно стојалиште, состојбата ќе се подобрува во текот на втората половина на годинава, но, ние треба да сме претпазливи. За таа цел, подолу, во анализата ќе се задржам на важноста и улогата на Народната банка во функција на заштита на банкарскиот систем, а со тоа, и нејзино активно влијание врз стабилноста на целата домашна економија.  

Најнапред, да пренесам став, во разговор со моите претпоставени од Хајделберг и членови на Бундестагот, од кој, се добива јасна слика за германската економија во пост-ковид периодот. Според тоа, тамошните размислувања одат во правец, кој дава слика на стабилност и раст во економијата на ЕУ, со особен осврт на С.Р. Германија, но во 2022 година. Имено, ваквите размислувања на колегите од Германија, покажуваат дека состојбата со негативните ефекти од пандемијата врз македонската економијацелосно ќе се стабилира во втората половина на 2022 година, така што, економијата, тогаш, ќе иматенденција на закрепнување со преовладување на позитивни стапки на раст, и ќе биде ослободена од некои негативни ризици кои сега преовладуваат (во оваа тековна година). Тоа, е нивниот став за 2022 година. Во таа насока, ако се погледне во извештаите на меѓународните релевантни извори, како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, ќе се види многу слична карактеристика за македонската економија во прогнозите за 2022 година. Додека, за тековната 2021 година, моите размисли се дека треба да се биде внимателен во оценките за македонската економија, ако се има во предид дека се планирани локални избори на почетокот на четвртиот квартал, што подразбира состојбана мало забавување на економската активност, но од друга страна пак, таквата состојба може да подразбира и позитивни ризици за раздвижување во секторот градежништво.

Монетарна стимулација

За ваквата анализа на економијата и охрабрувачките размисли, особено во 2022 година, се наметнува коментар за политиката на монетрана стимулација.

Дали има, и што значи тоа?

Како држава, кога сме во услови на ризици за неликвидност на стопанството и економијата воопшто, а како резултат на негативните ефекти од пандемијата, на монетраните власти во резвиените држави, па и кај нас, не им останува ништо друго освен брзо да реагираат преку политиката на каматни стапки, поточно истите да ги задржат на тековни ниски нивоа. Од страна на НБРСМ, тоа и беше направено. Практично, беа намалени каматните стапки на благајничките записи во три наврати од почетокот на 2020 година, и се задржаа на ниско ниво од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековно ниво, исто така, придонесе за зголемување на ликвидноста на банките, за да на почетокот од 2021 година, имаме добра кредитна активност и задржување на солидни стапки на раст во наредните три години. Паралелно со тоа, мораа да се стимулираат и мерките за активност на економијата. Тоа значи, имплементација на мерки насочени за олеснување на финансискиот товар за големите фирми и стимулирање на кредитирањето на правните и физички лица. Секако, и тоа беше направено од страна на НБРСМ. Резултат: во јануари, 2021 година, вкупните депозити се зголемени на годишна основа за 6,3%, при речиси еднаков раст на депозитите на домаќинствата и на корпоративниот сектор, а претходно во 2020 година, вкупните кредити пораснаа за 4,6%.

Дополнително, на ова, како важен фактор за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија, во изминатата година беше поддршката на Европската Централна Банка (преку НБРСМ), а во насока на обезбедување дополнителнадевизна ликвидност за комецијалните банки, со одобрување на репо-линијата во вредност од 400 милиони евра. Тука, не смее да се заборави и одложување на банкарските обврски за граѓаните и правните лица на краток рок (шест, плус, шест месеци). Приоритет, во целата оваа операција се даде на граѓаните, во фунција на нивна заштита од губење на работните места, а со тоа, и заштита на ликвидноста кај стопанските субјекти (фирмите). Би додал, ако не го направевме тоа, од оваа криза ќе излезевме со трајно пониско ниво на капацитет за вработување во стопанството и неможност да направиме резултатот на минимална рецесија на крајот од 2020 година. Ваквата монетрана стимулација беше еден вид на подлога (заштитен слој) за државата, за таа да биде во поповолна положба во поглед на економските стимулации (мерки), при што, на крајот, резултатот беше на ниво од просекот на земјите од еврозоната.

Идната монетарна поставеност   

Во овој период, охрабрувачки, за економијата е перформансот кој го испорачуваат македонските банки. Имено, кондицијата на сите банки, ако се погледнат нивните годишни сметки, за 2020 година покажува високо ниво. За таа цел, би посочил на неколку силни факти, и тоа:  

Факт 1: Македонските банки покажаа висока стапка на солвентност во изминатата 2020 година, или би рекол таа беше на исто или слично ниво со претходната година, од пред кризата (2019). Оттука, ако се погледнат статистиките во извештаите на НБРСМ, ќе се види дека адекватноста на капиталот е на исто ниво во споредба со претходната. Во релативни бројки изразена, стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем изнесува 16.9% за 2020 година. Во контекст на ова, би подвлекол дека не е најважно тоа што банките се далеку над минимумот од 8% како стапка на адекватност на капиталот, туку најважно е да се даде одговор на следново прашање: Што се крие зад тие високи 16,9% адекватност на капиталот? Тука, немам намера да навлегувам во анализа на Базелските стандарди за адекватноста на капиталот, но само ќе истакнам дека основата на високата солвентност изразена преку стапката на адекватност на капиталот, во континуитет во изминава декада (за сите банки), се должи на учеството на сопствените средства кои се над 90% од редовниот основен капитал на банките. Да бидам појасен, би рекол дека во тој податок се состои изворот на квалитетот и сигурноста на македонските банки. На ова, ако се придодаде дека повеќе од 50% од сопствените средства на банките се „слободни“ над потребното минимално ниво, тогаш справувањето со негативните ризици и кризните епизоди во оваа 2021 година ќе биде со многу поголема кондиција за македонските банки, а со тоа ќе се даде дополнителен импулс кон заздравувањето на македонската економија. 

Факт 2: Во монетарниот систем, Народната банкае целосно независна во работењето и носењето на одлуките. Исто така, постои добра синхронизираност во носењето и имплементација на банкарските прописи со комерцијалните банки;

Факт 3: Во анализата на солвентноста за банките во 2020 година, ако се набљудува од стојалиште на големината на банките, преку пресметките на стапката на адекватност на капиталот, се констатира следново: најсилна стапка кај малите банки (со нешто повеќе од 18%), па следуваат средните (со нешто под 18%) и големите банки (со нешто под 17%). Ова, значи дека, треба да се има доверба во банките, без разлика на варијаблата - големина на ентитетот.

Факт 4: Ако ги земам само официјалните извештаи, од страна на банките, доставени до берзанскиот портал (seinet.com.mk) се гледа дека тие покажуваат добивка за првите три квартали од 2020 година, и тоа, повисока во споредба со истиот период лани од пред кризата. Имено, добивката за тековната година изнесува 96,14 милиони евра, додека лани за истиот период таа изнесувала нешто помалку или 94,16 милиони евра. Тоа, значи дека, за 2,11% нашиот банкарски систем е подобар во текот на кризната 2020 година, ако се спореди со изминатата 2019 година во истиот период.

Факт 5: За 2021 година, кредитниот пазар упатува на добра кредитна активност и задржување на солидни стапки на раст во вкупните депозити (во јануари, 2021 година се зголемени за 6,3%).

Факт 6: Во 2021 година, согласно со најавите на Народната банка, ќе продолжи соолабавена монетарна политика како поддршка во процесот на закрепнување на македонската економија и одржување на кредитниот циклус, кој претходно во 2020 година, порасна за 4,6% во споредба со 2019 година, а сето тоа во услови на стабилно ниво на девизните резерви.  

Според ова, како што напишав и претходно, копнежот кај македонскиот народ за ослободување од состојбите на кризата со пандемијата ќе опстојува, и понатаму, во целата оваа година, но нема причина за страв од негативни ризици во банкарскиот систем. Тој е стабилен и ликвиден. Со последните мерки на НБРСМ, дополнително се зајакнува поволната ликвидносна и капитална позиција на банкарскиот систем, или со други зборови кажано, се прави уште еден бафер (заштитен слој) за сите банки во нивната  пасива во Билансот на состојбата. 

На крајот, уште еднаш, упатувам замолница, до сите граѓани (особено до оние кои имаат позиција на поголемо влијание во општеството) за поголема внимателност при давањето на јавни коментари во контекст на кондицијата на банкарскиот сектор.   

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок