04 Март, 2021
0.0220

Вметнување на етникум во личните карти води кон апартхејд

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2021

Предлогот за внесување на етникумот во личните карти е најблаго кажано невкусен и вознемирувачки за сите ние кои се залагаме за развој на граѓанскиот карактер на македонското општество. Запишувањето на етничката припадност во личните карти, предлог кој доаѓа од партијата БЕСА и е веќе влезен во собраниска процедура, е надвор од меѓународните стандарди и правила и треба да биде отфрлен.

Политичките партии во Македонија треба да знаат дека во ниту една држава во светот не се запишува етничката припадност на граѓанинот во личната карта, туку исклучиво државјанството.Земете за пример било која мултиетничка држава во светот, вклучително и лабави федерации или конфедерации како Канада, Швајцарија, Белгија и БиХ и ќе забележите дека етникумот како графа воопшто не фигурира во личните карти.

Ова не значи дека тамошните граѓани немаат право да ја искажат својата етничка припадност – баш напротив, гореспоменатите држави се едни од водечките во светот кога станува збор за изразување на индивидуални и групни права (пр. етнички, верски, родови, сексуални итн.).

Причината е тоа што нагласувањето на етникумот во документите за идентификација може да доведе до сегрегација и уште поголема поделба на општеството по етничка/расна основа налик на апартхејд. Дополнително, прифаќањето на овој предлог може да доведе до повици за вметнување и на религиска определба или сексуална ориентација во личните карти – карактеристики што длабоко задираат во приватноста на секој поединец и не треба да се предмет на интерес за државата.

За крај, морам да признаам дека овој предлог или поточно кажано авантура за јавно истакнување на етничката група преку личните карти ме потсетува на мерките воведени од Националсоцијалистичката германска работничка партија во периодот од 1939 до 1945 година кога Евреите биле задолжени да носат жолта трака на раката истакнувајќи ја Давидовата ѕвезда како би се разликувале од останатите. Зарем ова е насоката кон која треба да се движи Македонија во 21-от век?

М-р Филип Ивановски


Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Раст на БДП во 2022 (поголем од 2019), само со стабилен банкарски систем – како што е овој денес

Раст на БДП во 2022 (поголем од 2019), само со стабилен банкарски систем – како што е овој денес