18 Мај, 2024
0.0333

ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: СО 30 ПРАТЕНИЦИ ПОМАЛКУ ЌЕ СЕ ЗАШТЕДАТ МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНО - еве ги ставовите на другите политички партии

Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата во македонскиот парламент да има 90 пратеници. Денеска од партијата повторија дека 120 пратеници во Собранието е преголема бројка и затоа е потребно да се намали на 90 за функционална демократија и намалување на финансиските трошоци, пари на граѓаните. Велат дека за „вишокот“ од 30 пратеници државата плаќа еден милион евра годишно.

Ваков пример на Собрание од 90 пратеници има во Република Словенија, велат од партијата на Христијан Мицкоски, откако тој прв ја промовираше оваа идеја.

„За бројот колку што ќе се намали македонското Собрание, 30 пратеници, граѓаните месечно плаќаат по 51.000 евра по основ на плати и придонеси, а 612 илјади евра годишно. Ако се земе предвид дека на народните претставници им се исплаќа и за патни трошоци, државата годишно инкасира скоро еден милион евра. За еден милион евра, заштедени годишно државата може да набави над 15 амбулантни возила и 10 противпожарни возила за граѓаните. За овој предлог, како и за предлогот за една изборна единица ги повикуваме сите политички партии на дебата, како и за консултации за поддршка за овие предлози“, информираат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера, пак, Артан Груби од ДУИ, прв заменик премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, рече дека измените на Изборниот законик и измените на Уставот мора да се направат со консензус и овие предлози да се стават на маса на политичките партии, а не во медиуми - ако сакаме да бидат успешни. Ова Груби го кажа коментирајќи го барањето на опозицијата за намалување на бројот на пратеници и една изборна единица.

„Ме радува фактот што опозицијата или најголемата опозициска партија е подготвена за отворање на Уставот, во тој случај имаме ние и други теми кои треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања“, рече Груби.

На ова од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека треба сериозно да се ја сфати позицијата платена од граѓаните, и да разбере дека овде не се работи за пазарење, ниту пак за надавање како што е навикнат на принципите по кои се раководи коалицијата на СДСМ-ДУИ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да се обидува да прави пазар, Груби нека собере храброст и нека каже дека одбива да има намалување на бројот на пратеници и дека не е за заштедување на парите на граѓаните. Тоа дека е против една изборна единица Груби треба да им го каже и на партиите ДОМ, ЛДП и ДС кои барем декларативно се залагаат за една изборна единица. Секогаш кога треба да се прави гимнастика и да се прави политичко харикири очигледно задолжен е Артан Груби“, наведе партијата во својата реакција.

Лидерите на Демократскиот сојуз и на ЛДП, пак, го поздравуват предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, како и тоа што сега за опозициската партија е прифатливо воведување една изборна единица.

„Демократскиот сојуз оценува дека е добро тоа што покрај СДСМ, сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за демократизација на изборниот процес, за една изборна единица,како и за намалување на бројот на пратеници. Полека се гради консензус околу реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии. Бараме за измените на Изборниот законик најитно да се закаже расправа во Парламентот и да се донесат промените“, изјавија од ДС.

И претседателот на ЛДП, Горан Милевски, потсетува дека неговата партија уште во 2010 ја промовирала идејата за намалување на бројот на пратеници на 90. Сепак, вели тој, добро е што и другите партии конечно се свесни дека ни се потребни мали и ефикасни институции.

„Предлогот на Мицкоски копија на предлогот на ЛДП кој е даден уште пред 12 години. Ние знаеме дека идеите на ЛДП во моментот на предлагање се неразбирливи и неприфатливи, но добро е да се знае дека сме пред времето со нашите ставови. Се радуваме што и другите политички чинители конечно разбираат дека на македонската држава и требаат мали и ефикасни институции“, рече Милевски.

Можеби ќе ве интересира

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Таравари најави дека до петок ќе има конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Таравари најави дека до петок ќе има конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада

РАМА: Зошто ја блокирате Северна Македонија?

РАМА: Зошто ја блокирате Северна Македонија?