ВМРО-ДПМНЕ започнува со кампањата „Обновата пред вашиот дом“
Објавено во: Македонија 19 Јануари, 2020
Од денеска ВМРО-ДПМНЕ, како што најави, ја започнува кампањата „Обновата ПРЕД ВАШИОТ ДОМ“. Тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетуваат домовите на потенцијалните гласачи и симпатизери, а најголемата опозициска партија вели дека ќе бидат посетени сите населени места, села и градови.
„Ќе разговараме со секој еден од Вас. Ние сме едни од вас и заедно со вас ќе ја поразиме оваа штетна власт. Доаѓаме сега, но ќе дојдеме и по 12 април да дадеме отчет за сработеното, за мерките кои сме ги направиле и ќе ги направиме. Вие граѓаните сте причината за која работиме, и заедно ќе создадеме иднина.
Заедно да ставиме крај на поразите, измамите и криминалите.
Заедно да се избориме за подобро утре и шанса која и треба на Македонија.
Обновата пред Вашиот дом, за вас и за Македонија!“, соопштија од ВМРО- ДПМНЕ.
Кампањата е во рамките на неофицијалниот предизборен период, а предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 12 април.