ВНИМАВАЈТЕ СО ПЕТАРДИТЕ: Какви штети предизвикуваат за воздухот, здравјето на луѓето и на животните?
Објавено во: Македонија 23 Декември, 2024
Македонија и онака се гуши во загаден воздух, а петардите само додаваат „масло на огнот“. Тие се штетни за квалитетот на воздухот, за здравјето на луѓето и за животните и можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
„Петардите при експлозија ослободуваат голема количина на загадувачки материи како што се: Фини честички (PM2.5 и PM10): Овие микроскопски честички влегуваат во атмосферата и остануваат во воздухот подолг временски период. Тие можат да продрат длабоко во белите дробови, предизвикувајќи респираторни проблеми. Токсични гасови: Петардите ослободуваат јаглерод диоксид (CO2), јаглерод моноксид (CO), азотни оксиди (NOx), сулфур диоксид (SO2), и токсични метали како олово, кадмиум и бариум. Овие соединенија го загадуваат воздухот, придонесувајќи за локално загадување и зајакнување на ефектите од климатските промени. Краткотрајни „пикови“ на загаденост: Во деновите кога се користат петарди (особено за време на празници), концентрациите на фини честички и токсични гасови драматично растат, што се забележува во многу градови ширум светот. Според студии во Индија за време на фестивалот Дијавали, нивото на PM2.5 честички се зголемува за 150 отсто во рок од неколку часа. Слични трендови се забележуваат и во Македонија за време на новогодишните празници“, објаснува Ива Трпески од Go Green од Скопје.
Петардите имаат сериозни последици врз физичкото и менталното здравје.
„Респираторни проблеми: Фини честички и токсични гасови го иритираат дишниот систем, особено кај луѓе со астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), и деца. Кардиоваскуларни болести: Честичките PM2.5 можат да предизвикаат воспаление во крвните садови, што го зголемува ризикот од срцев удар или мозочен удар. Ментален стрес: Гласниот звук од петардите предизвикува анксиозност, особено кај постарите лица, деца и лица со посттрауматски стрес (PTSD). Повреди: Неконтролираното користење на петарди предизвикува сериозни повреди на раце, очи и уши, а во некои случаи и трајни оштетувања или смрт“, додава таа.
Петардите имаат деструктивен ефект и врз животните. Гласниот звук од петардите предизвикува паника кај кучиња и мачки. Тоа може да резултира со напади, бегство или повреди. Кај чувствителни животни може да предизвика дури и срцев удар.
„Диви животни: Во природата, гласните експлозии ги плашат птиците, при што често се случува тие да ги напуштат гнездата или да се повредат додека бегаат. Животни на фарми: Гласните звуци предизвикуваат стрес кај кравите, овците и другите животни, што може да влијае на нивната продуктивност и здравје. Користењето на петарди носи сериозни негативни последици врз воздухот, здравјето на луѓето и животните. Загадувањето од петардите дополнително ги влошува веќе високите нивоа на загаденост во урбаните средини, а нивните звучни и хемиски ефекти предизвикуваат значителна штета врз заедницата. Препорака: Наместо петарди, препорачуваме употреба на еколошки и тивки алтернативи за прослави, како што се светлосни шоуа, што ќе ја заштитат животната средина и ќе обезбедат мир за сите“, додава Трпески.
Полицијата и годинава заплени илјадници парчиња петарди во повеќе македонски градови. Meсецов дете во Загреб го изгуби видот на едното око и се здоби со изгореници поради петарди. Секоја година, надлежните апелираат, да се слави, ама без пиротехника. Скопје и оваа зима има алармантно аерозагадување, и е меѓу најзагадените градови во светот.
Сања Атанасовска