Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина
Објавено во: Колумни 16 Декември, 2024
Последниве денови се’ почесто се слушаат изјави дека не чекаат опасни денови во војната во Украина. Доаѓаат и од Западот и од Истокот. До инаугурацијата на Доналд Трамп, останува малку повеќе од еден месец. Џо Бајден ја товари Украина со оружје во досега невидени размери. Речиси три години го даваше според она:„ Русија да не победи, а Украина да не биде поразена“. Епилогот е пред нас. Се почесто се зборува за мир во земјата, но со отстапки на територии за Русија.
Во меѓувреме, Западот му ласка на новиот американски претседател. Му се поклонуваат и му се приклонуваат политичари и бизнисмени. Велат дека може да биде новиот Черчил, дека може да ја добие Нобеловата награда за мир, дека тој е единствениот кој може донесе мир во Украина. Колку брзо на Западот заборавија дека го клеветеа Трамп, дека навиваа за Бајден. И сега, членови на можната идна „светска влада“, даваат милиони долари во разни фондови блиски до Трамп, судови носат пресуди за клевета врз него и казни за медиуми и поедници од 15 милиони долари и извинувања од страна на видни новинари. Сите треперат што ќе каже или што ќе преземе Трамп. Особено за Украина. А тој засега упорно молчи. Останувана ветеното за „мир за 24 часа“, но и официјалното, „мерки по стапување на должност“. Во меѓувреме го подготви тимот за реализација на неговите предизборни заложби.
Никој не верува дека некој е способен да донесе мир во Украина за 24 часа. Но факт е дека Трамп со формираниот тим ќе сакаат да ги исполнат ветувањата. Прекин на воените дејства и евентуален мировен договор. Во тоа помагаат и промените во ставовите на членки на НАТО. Не сите, се разбира, но влијателни. Па ќе се чуе дека ќе има мировни преговори наредната година, дека треба што побрзо да дојде до прекин на воените дејства и слично. Секако има и изјави со кои се бара повеќе оружје за Украина, или нејзин прием во НАТО.
Дека нешто се менува кај Западот и посебно во Европа, во поглед на некаков мир во Украина, зборува и фактот дека на големо се разгледува можноста за распоредување на воени сили на НАТО на линијата на прекин на воените дејства. Лидер овде е Франција. Не е факт дека сите членки на НАТО ќе се согласат да испратат свои трупи во Украина, но факт е дека има подготвеност за тоа кај некои земји. Се разбира дека овде треба да се слушне и Русија. Која засега вели дека е против разместување на воени сили на НАТО на украинска територија. Но не вели и дека е против разместување на некакви трупи на линијата на прекин на огнот.
ОРБАН ГЛАВЕН ВО ЕВРОПА ЗА УКРАИНА
Кога некои членки на ЕУ и на НАТО сега зборуваат за мир, забораваат дека токму тие беа најголемите критичари на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој прв проговори за потребата од прекин на воените дејства. Мајка му расплакаа во Европа за неговите средби и разговори со рускиот претседател, Владимир Путин. Со кинескиот претседател Шји Џинпинг. А беше и во Киев кај Зеленски. Дури, министри за надворешни работи од ЕУ не дојдоа на министерската средба во Будимпешта. А кога Орбан одлета во САД, по победата на Трамп, и по приемот што му беше укажан таму, по изјавите дека во САД сериозно се однесуваат кон потезите на Орбан, во Будимпешта се собра кремот на ЕУ. Тимот на Трамп е подготвен да го разгледа предлогот за Божиќен прекин на огнот во Украина што го предложи унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави за Си-Би-Ес Њуз идниот американски советник за национална безбедност во администрацијата на Доналд Трамп, Мајкл Волц Излегува дека сега Орбан е главниот во Европа за мир во Украина. Секако дека не е токму така, дека се’ уште има кисели погледи кон него, но реалноста не може да се игнорира. Зеленски го одби предлогот на Орбан за прекин на огнот.
Својот однос кон иднината на војната во Украина, по изборот на Трамп, го промени и Владимир Зеленски, претседателот на Украина. И тој проговори за мировни преговори, за можна отстапка на територии, за потребата од гаранции од НАТО или членство во Алијансата. Во Киев почнаа да му се додворуваат на Трамп. Формирани се групи кои работата на преубедување на американскиот претседател во поглед на неговиот однос кон Русија и воопшто кон мирот во Украина. Зеленски отпатува во Њујорк во ОН на Генералното собрание, а всушност на средба со Трамп. Втората средба беше неодамна, во Париз. Велат средбата траеле 20 . Но, во присуство на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој претходно имал средба со Трамп. Патем и поканата до Трамп од Макрон е уште едно сведоштво за ласкањето кон Трамп. Кој пак очигледно сака да е дел од вакви светски настани, како што беше отворањето на обновената црква Нотр Дам. Зеленски барал од Макрон да му се организира средба со Трамп. Таа била неизвесна се’ до последниот момент. Барем така пишуваат западни медиуми. Како и да е, Трамп побарал од Зеленски да се согласи на преговори со Русија.
За историјата на односите меѓу Трамп и Зеленски сме пишувале не еднаш. Уште во првиот мандат на Трамп, тој притискаше врз Зеленски да му даде докази за компромитирање на синот на Џо Бајден, Хантер Бајден, во предвечерието на изборите во 2020 година. Зеленски не излезе во пресрет на барањата на Трамп. Но затоа сега вели дека сака да „склучи зделка со Русија“. Па дека Трамп има повеќе шанси за решавање на конфликтот, отколку сегашниот претседател, Џо Бајден. Украинскиот претседател до инаугурацијата на Трамп го одложи потпишувањето на договорот за соработка со САД во областа на добивање и преработка на ретки метали. Овој договор требаше да биде потпишан со администрацијата на Бајден. Според „Њујорк Тајмс“, на овој начин украинските чиновници се обидуваат да го вовлечат Трамп, знаејќи го неговиот бизнис приод, и зборувајќи му дека Украина е богата со природни ресурси. Има оценки дека тие се со вредност од 11,5 трилиони долари. Во меѓувреме Зеленски уште еднаш му се додвори на Трамп, изјавувајќи дека на средбата во Париз му рекол на Трамп дека Путин „ се плаши само од него и, можеби од Кина“. Како и да е Украинците сега по секоја цена сакаат да го убедат Трамп, дека Путин е то,ј кој што не сака преговори, а не Зеленски.
ТРАМП НОБЕЛОВЕЦ
Ако Украинците го убедуваат Трамп дека тој е главниот во потрагата на решение за конфликтот, од Естонија дојде абер дека Трамп може да биде „Черчил на нашето време“. Се разбира ако најде трајно решение за Украина. Во интервју за The Telegraph, Маргус Цахкна, министерот за надворешни работи на Естонија истакна дека покрај Украина „новиот Черчил“ треба да го реши и прашањето какви ќе бидат меѓународните правила. И да не се дозволи Путин да ги менува границите со сила, без одговорност, со што би се наштетило на Европа, а би се ослабиле и позициите на САД. Да не заборавиме дека и Зеленски некои го нарекуваа „новиот Черчил“.
Еден украински депутат му предрече на Трамп, Нобелова награда за мир. Александар Мережко во ноември го предложил Трамп за кандидат за Нобелова награда. Поводот бил спонтан, а се темелел на ветувањата на Трамп дека ќе донесе мир во Украина и како благодарност за решението да и продаде на Украина противтенковски ракети Javelin, во неговиот прв претседателски мандат. А зошто да не го предложи, кога поранешниот претседател, Барак Обама ја доби истата награда уште на почетокот на својот мандат за мировни резултати, кои никој не ги виде за време на неговите мандати. Како добитник на Нобеловата награда за мир, Трамп го гледа и поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Макфол. Ако Трамп успее да дојде до решение, план, за Украина, кој што го предлага Макфол, тогаш, „тој може да стане кандидат за Нобелова награда, чест, која тој ја посакува“, вели Макфол во текст за Foreign Affairs, алудирајќи на суетата на Трамп . Но, тој предупредува. Шансите може да бидат неблагопријатни за таков план. Ниту Путин, ниту Зеленски нема лесно да се убедат да седнат на преговарачка маса, а Трамп може да биде огорчен од неопходноста да ја сочува, па дури и да ја прошири поддршката за Украина, како средство за принудување(на Путин) на преговори. Но, бескрајната војна или капитулацијата пред Путин би била многу полоша.
Донлад Трамп „растргнат“ меѓу ласкањето и сериозната работа што го очекува околу Украина ќе бара некој среден пат. Тој состави тим со кој ќе работи. Таму веќе има некои предлози за решавање на конфликтот. Прашање е дали Трамп ќе ја притиска Украина да се откаже од својата територија. Дали ќе и’ ја прекине помошта, знаејќи дека Европа е неспособна да ја надомести. Колку ќе притисне врз Русија. Политиката за прекинување на конфликтот треба да биде „сила за мир“. Кому ќе се покажува сила? Дали неодамнешната разврска во Сирија ќе влијае врз намерите на Трамп? Сето ова зборува дека траен мир ќе нема подолго време. Па дури и прекин на воените дејства не ќе може да се постигне многу брзо.
ГЛОБАЛЕН ЈУГ
Од истокот, од Кина доаѓаат предупредувања дека сегашната фаза од војната во Украина е најопасна. Професорот од универзитетот Цинхуа, У Дахуеј, вели дека со обновената руска доктрина за нуклеарно оружје е пратена порака до целиот свет дека „уште еден чекор напред може да доведе до примена на нуклеарно оружје, не само против Украина, туку и против воените бази на САД и НАТО“. Од друга страна, САД и Русија имаат битно различни погледи за тоа како треба да заврши конфликтот. Според сегашната ситуација, У Дахуеј вели дека е малку веројатно да дојде до примирје меѓу Украина и Русија во првата половина од 2025 година, па дури и до крајот на годината. Оттука и неговата поента, дека што посложена станува ситуацијата, толку поважно е земјите од Глобалниот Југ, во тие рамки Кина и Бразил, да преземат поактивна улога.
Лекциите од изминативе, речиси три години од војната, многу зборуваат сами по себе. Згора на тоа и лекцијата од Сирија. Според турски дипломати тие постојано го убедувале Башар ал Асад да седне да бара решение за земјата низ преговори со опозицијата. Но вој наводно одбивал. Не знаеме кои биле условите за тоа, ако се знае дека имаше разни средби во потрага по мир во земјата. Но едно е јасно. Ал Асад сигурно немаше да бега од земјата ако се постигнеше некаков договор на преговарачка маса. Така и сега со Украина и Русија. Ако навистина сакаат мир ќе мора да седнат да преговараат. Трамп тука ќе настапува како посредник. Украина има искуство, кога, гледајќи по гулабот на гранка, го испушти врапчето од рака. Минските договори беа отфрлени, а со нив Украина ќе беше суверена на целата територија, а Донбас ќе се реинтегрираше со посебен статус во нејзини рамки. Исто така и со договорите од преговорите од Истанбул, кога Русија беше подготвена да ги врати зазмените територии, под услов, Украина да биде неутрална држава. И тука „победија“ противниците на мирот. Сега треба да се бара нов компромис. Од тоа каков ќе биде тој ќе зависи многу иднината на војната. Се разбира компромисот е важен и за Русија. Иако, на прв поглед, се чини дека таа е во некаква предност пред седнувањето на преговарачката маса. Идеи за компромис има мноштво. Но многу работи ќе зависат од тоа како ќе се однесува „нобеловецот“ Трамп.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.