Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина
![](/media/main/2024/12/20241209065200.jpg)
Објавено во: Колумни 09 Декември, 2024
За десетина дена падна династијата на Асадовци во Сирија која траеше 53 години. Барак ал Асад со семејството избега во Москва. Не ја дочека судбината на Садам Хусеин во Ирак и на Моамер ел Гадафи во Либија. Дали Сирија сега ќе ја има судбината на Ирак и на Либија? Вооружената сириска опозиција предводена од Абу Мохамед ал Голани, лидер на организацијата „Хајат Тахрир ал Шам“, објавена во САД и во Русија за терористичка, ја презема во свои раце судбината на Сирија.
Крајот на владеењето на Асад, дојден за толку кратко време, за многумина е последица на ослабената поддршка на Сирија од страна на Русија, Иран и Хезболах. Сите тие длабоко се навлезени во војни или воени дејства. Па се ослабени и не можат да водат војни на два фронта. Има тврдења дека крахот на асадовска Сирија е последица на воените дејства на Израел, поддржан од САД и други западни сојузници на Блискиот Исток. Иран и Хезболах беа директно вклучени во нив. Со тие дејства беше нарушена кревката рамнотежа во тој дел од светот. Домино ефектот ја зафати и Сирија, но таму се појавија внатрешни сили. Некои сметаат дека Вашингтон и’ ги пуштил исламистите на Сирија.
Од ум не треба да се сметне ниту можноста дека зад сето ова стои и договор меѓу Русија и Турција. Според јавните реакции на Москва ова не може да се потврди. Таа до последен ден зборуваше за итен прекин на воените дејства, ја повикуваше Турција да влијае врз вооружената опозиција. Рускиот претседател Владимир Путин му ѕвонеше за тоа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Сергеј Лавров му ѕвонеше на својот колега, Хакан Фидан. Но кога се’ стана јасно, опозицијата веќе беше пред вратите на Дамаск, Сергеј Лавров замина во Доха на средба со своите колеги од Иран и Турција. Во соопштението од средбата катарското министерство за надворешни работи соопшти дека:„ Учесниците на средбата (меѓу нив и претставници од пет арапски земји) во заедничка изјава околу последните настани во Сирија, нагласија дека продолжувањето на сириската криза само по себе претставува опасен развој на настаните за мирот во земјата, за регионалната и меѓународната безбедност, сите страни треба да се стремат кон изработка на политичко решение, кое ќе помогне да се прекинат воените дејства и да се заштитат граѓаните од последиците на таа криза“.
Нема ни терористички организации, ниту исламисти, ниту режим... Има повик во Сирија да почне политички процес врз основа на Резолуцијата на СБ на ОН 2254. Сите учесници се искажаа за поддршка на „единството, независноста, територијалната целосност на Сирија. Нагласена е неопходноста „земјата да се заштити од влегување во анархија, тероризам, а исто така да се гарантира доброволното враќање на бегалците и внатрешно преселените лица“. Може да се претпостави дека на средбата арапските министри за надворешни работи, заедно со нивниот турски колега го имаат „посоветувано“ Лавров да го убеди Асад да ја напушти земјата. Според WSJ , Египет и Јордан му препорачале на Асад да ја напушти земјата, а заедно со ОАЕ и Ирак одбиле да му дадат оружје. Му препорачале да си замине за да ја нема судбината на Хусеин и Гадафи, бидејќи опозициските сили напредуваа без прекин. Што се’ е договорено, освен официјалното соопштение, исто така може да се претпоставува. На пример, да не се чепкаат руските дипломати и војници, ниту руските воени бази во Сирија. Русија во свои соопштенија истакнуваше дека има контакти со сириската опозиција, дека базите нема да бидат напаѓани.
ЕРДОГАН-ФАКТОР ВО РЕГИОНОТ
Претставници на сириската опозиција веќе имаат изјавено дека имаат намера за добри односи со Русија. Нивниот водач, Ал Голани веќе има дадено изјава дека ќе бара повлекување на странски бази од Сирија. Но покрај Русија, бази имаат и САД. А, Американците веќе изјавија дека ќе ги сочуваат своите бази. Па така Ал Голани ќе треба да бира, кога и како да постапи. Иако му е полесно да се справи со Русија, бидејќи таа сега нема воена поддршка во земјата. За разлика од Американците зад кои стои добро обучена и опремена курдска армија. Русија има договор за базите со Сирија во траење од 49 години. Па може да се зборува дека може да останат во рамките на некаков договор постигнат во Доха.
Турција сега може да биде задоволна од развојот на настаните. Ердоган, поаѓајќи од интересите на државата или негови, полека станува фактор во регионот. И не само на Блискиот Исток. Веќе се етаблира како главен на туркојазичните држави во Средна Азија. Му помогна на Азербејџан воено, да ја освои ерменската автономија Нагорно Карабах. Русија, попрецизно, Путин, не е во состојба како пред четири години, да наметнува решенија за Сирија. Тогаш, во минатото, сириската армија, потпомогната од ирански сили имаше голема офанзива, поддржана од Русите и постоеше можност исламистите да бидат во целост протерани од целата територија на земјата. Тогаш Ердоган итно дојде во Москва и потпиша договор за прекин на огнот. И вети дека ќе го ограничи влијанието на исламистите. Но, тоа е минато.
Официјално, за турското МНР, причините за паѓањето на Асад се кај него. Тој не сакаше да го реши конфликтот во земјата. Додуша сакаше, ама по негов терк. Се одржуваа конференции со разни опозициони групи за да се спроведе Резолуцијата 2254, но без резултат. Секако имаше и саботажи на тој процес однадвор, но сепак доколку навистина сакаше, Асад можеше да направи нешто повеќе. А не сега да бега во Русија. Инаку, во Резолуцијата 2254 се нагласува приврзаноста кон „суверенитетот, независноста, единството и територијалната целосност“ на Сирија и се вели дека единствено решение на конфликтот што се влече со години е можно преку „инклузивен, политички процес контролиран од Сирија“. Веројатно се’ падна во вода поради (не)инклузивноста. Еве, новото сириско раководство сега ќе има шанса за подобар резултат. Ал Голани тврди дека „еволуирал“ и дека не е закоравен исламист, дека ќе води смета за сите во земјата. Според него „различностите се сила“.
„ПОЛИТИЧКИ ИСЛАМ“
Од погорното јасно е значењето за Турција на бегството на Асад од Сирија. Таа сега, преку Сирија, ќе има свое влијание и врз Израел. Со кого односите им се напнати. Израел досега беше мирен во поглед на Сирија. Бомбардираше каде ќе стигне, и кога ќе сакаше. Секако, ирански цели, но понекогаш и сириски. А Сирија молчеше. Власта во Сирија се’ уште не е сменета, а Израел деновиве „превентивно“ имаше повеќе напади врз разни цели. Било да се институти, воени складишта, фабрики за оружје и сл. Како да се плаши новите „домаќини“ во Сирија да не ги користат за конфликт Тел Авив. Сеедно што сега зад Сирија нема да стојат шиитите, тука се сунитите. Турција, Катар и други држави. Кои секако ќе го поддржуваат т.н. „политички ислам“.
Интересна ќе биде разврската со „курдската држава“ во Сирија. Дали таа ќе опстои без амерканска поддршка. И каков ќе биде односот на новата власт кон неа. Таа има голема територија. А токму тоа ќе биде предизвикот за новата власт. Дотолку повеќе што под контрола на Курдите се и наоѓалишта на нафта. Згора на ова и Турција нема расчистено со Курдите од Сирија. И тука може да се јави одреден конфликт, воен, а во кој би можеле да учествуваат и новите сириски власти. Асад досега се обидуваше да не се меша во судирите меѓу Турците и Курдите. Ал Голани сигурно е под голема контрола на Турција, па ќе мора да одговори на досегашната поддршка.
Во Сирија има најмалку десетина меѓусебно нетрпеливи вооружени групации. Не е само „Хајат Тахрир ал Шам“. Ги спомнавме Курдите, има делови од земјата каде што „владеат“ воени групи од Исламската држава, има шиитски формации. Сигурно нема да бидат спокојни ни христијаните и Алавитите, верска група на која и припаѓаше Асад. Никој не може да каже какви ќе бидат нивните меѓусебни односи. А и тие се под разни надворешни влијанија. Било западни, било арапски. Можеби останало нешто и од руското влијание. Дали може да дојде до поделба или распад на земјата? Како да се обединат сите овие групи? Москва и Анкара тоа не можеа да го направат за времето на Асад. Или, пак, Ал Голани ќе почне да работи како Асад. Цврста рака.
ЗАМРЗНАТИ КОНФЛИКТИ
Неминовно она што се случи и што ќе се случува во Сирија ќе влијае и врз војната во Украина. Највоинствените европски држави, најмалите, велат дека ако можеше да се протера Асад, може да се протера и Путин. Доналд Трамп изјави дека Русија е ослабена, па сега членки на НАТО велат, ако падна Асад, нека падне и Путин. Трамп е и против мешање на САД во Сирија. Сигурно не е убеден дека брзо ќе падне и Путин. Па споменува и заминување од НАТО, па дека ќе нема пари за Украина, како досега.
Настаните во Сирија нема многу да влијаат врз војната во Украина. Русија во Сирија и немаше голем број војници. Но настаните можат да поттикнат некој во Украина да помисли на нова офанзива против Русија, секако притискајќи го Западот за повеќе оружје. Како што прави сега претседателот Џо Бајден. Секоја недела стотици милиони долари за оружје. Во една реченица, има сили во Украина и на Западот кои сакаат да продолжи војната со Русија. Тука малку ги збунува Трамп. Ама не може да се исклучи до 20 јануари тој да биде бомбардиран од НАТО и од европски политичари да го смени својот став за прекин на војната.
Русија со бегството на Асад доби удар врз нејзината репутација, но и мала шлаканица од Турција. Таа сега, барем ќе ги намали трошоците што ги имаше во Сирија. Не само за своите бази. Туку повеќе за Сирија, финансиска, воена и друга помош. Сигурно таа ќе биде добар домаќин на Асад и семејството. Пред некој ден неговиот син стана докторски кандидат по математички науки. На еден факултет во Москва. На одбраната на тезата присуствувале неговата мајка и баба. Некои руски медиуми објавија и фотографии од настанот.
Она што се случи во Сирија е добар показател дека замрзнатите конфликти секогаш можат да пламнат. Го спомнав погоре Нагорно Карабах. Конфликт замрзнат небаре три децении. Така и овој во Сирија. Од 2016 година наваму, пропуштените осум години да се решат работите по мирен пат, доведоа до експлозија. Независно кој е нејзин поттикнувач. Таков ќе се најде секогаш. Сирија не е единстве,ниот пример дека секаде каде што има такви конфликти, треба да се работи за нивно побрзо решавање. Во спротивно епилогот е нова војна. А последиците непредвидливи и несогледиви. Ќе видиме колку време ќе и треба на Сирија да стане држава со сите нишани. Единствена и суверена. Резолуцијата 2254 е еден од патиштата. Но за нејзино спроведување малку се само Сирија и нејзиниот нов патрон - Турција.
Мирче Адамчевски