Во Аеродром ќе се гради рајски парк со езера каде што слободно ќе шетаат разновидни животни
Објавено во: Мои пари 13 Август, 2013
До Нова година треба да биде изберено идејното решение за рајскиот парк, за кој пред неколку месеци локалните власти најавија дека ќе се гради во Аеродром, на површина од 15 хектари. За споредба, површината на Градскиот парк изнесува 48 хектари. Почетокот на изградбата ќе зависи од понатамошната постапка за избор на изведувач.
„Рајскиот парк ќе се гради на кејот на Вардар, после Куќата на фудбалот. Бидејќи станува збор за скап проект ќе се изведува во фази“, појаснија локалните власти од Аеродром, објави „ Дневник“.
Паркот е замислен како место каде што слободно ќе шетаат разновидни животни. За релаксација и за одмор на посетителите се планирани многу содржини и разни реквизити.
Општинарите го оценија проектот како уникатен. Намерата им е да биде туристичка атракција, поточно да се вброи меѓу петте најубави паркови во светот.
Во пакот ќе има верверички, пони-коњи, фазани, пауни, 1500 елени и срни, голем број птици, а мајмуните ќе бидат затворени во голем кафез, кој ќе биде поставен на видно место. За ониe што џогираат, пешачат, трчаат ќе се изградат патеки, исто како и за возење со електрични колички.
Ќе бидат изградени терени за рекреирање, а паркот ќе може да се разгледува и со пајтон. За најмалите во функција ќе бидат ставени детски катчиња, а за одмор и за ручек се планирани неколку ресторани. Амбиентот ќе го надополнат неколку вештачки езера, фонтани и канали со проточна вода.