21 Декември, 2024
0.0299

Во инвестирањето сме сами против себе: Мојот свет водич!

Објавено во: Колумни 10 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Да се инвестира не е едноставно. Да беше лесно, тогаш сите ќе бевме добри во тоа. Инвестирањето е вештина како секоја друга работа, а за која е потребно пред се дисциплина. Потребно е да се надминат личните емоции, потребна е конзистентност и секако ментална цврстина.

Кога станува збор за инвестирање на финансиските пазари, најпрво што треба да научиме е дека не се работи за политиката на Народна банка против нас, ниту пак за новата варијанта на вирусот “омикрон” против нас, ниту пак некаква чудна конспирација против нас... Овде сме сами против себе!

Како инвеститори треба да се фокусираме на себе. Инвестирањето и без тоа е тешко, па затоа нема потреба да се грижиме за тоа што прават другите луѓе околу нас. Зошто би се грижеле дали некој инвестира во крипто и купува меме токени? Или зошто би се грижеле ако некој целата своја заштеда ја ризикува и става во лоша зделка? Многу веројатно дека нема да ги спречиме во нивните одлуки. Исто како што не можеме некого да натераме да не пие кока-кола или да не јаде хамбургер само затоа што има прекумерна тежина. Секој е одговорен за своето здравје, социјален живот и секако за своите финансии. Ако некој сака да изгуби огромен износ на пари на пазарот, веројатно тоа и ќе го направи и ние не можеме да го спречиме , но тоа што можеме и треба да направиме е да се грижиме за сопствените пари.

Треба да се погрижиме да заработиме пари, но најважно е да ги научиме да ги задржиме парите што веќе ги имаме. Тоа е наша одговорност.

Дали можеме да ги надминете пречките што не спречуваат да профитираме на пазарите?

Како инвеститори, нашиот фокус треба да биде на она што го правиме, на одлуките што ги донесуваме и на политиката за управувањето со ризик која ја применуваме за себе. Секој од нас има различна толеранција за ризик, различен временски хоризонт за инвестирање на пазарот и различни очекувања за принос. Моите инвестициски цели, параметри и временски хоризонт ќе бидат поразлични од вашите, поразлични од мојот колега или од водоводџијата. Затоа треба да изградите свои цели кои ќе одговараат согласно вашите потреби и можности. Сами треба да одредите кој е ВАШИОТ временски хоризонт, која е ВАШАТА цел како инвеститор и кои се ВАШИТЕ ризични параметри.

После затворањето на берзите во негативна територија од минатата недела, добивам позиви и мејлови во кои ги добивам истите прашања.  Дали берзите ќе продолжат уште да паѓаат, дали да продаваат, што да прават?  Проблемот кај сите нив е во тоа што синемаат дадено одговор на трите основни прашања.

Пред да почнете да инвестирате на финансиските пазари, сметам дека е неопходно да одговорите наовие 3 прашања кои треба да бидат вашиот свет водич во инвестирањето:

1. Кои се вашите цели како инвеститор? Што се обидувате да постигнете?

2. Кој е вашиот временски хоризонт? Колку долго планирате да ја држите вашата инвестиција?

3. Која е вашата толеранција на ризик? Колку сте спреемни да изгубите ако вашата проценка  за инвестирање се покаже како неточна?

Доколку го направите ова, само тогаш ќе можете да го користите пазарот како алатка за постигнување на вашите цели, а не да бидете искористени од некој друг на пазарот.

Ако не можете да си дадете одговор на овие три прашања, сметам дека не треба да почнете да инвестирате и уште поважно ако не останете доследни на вашите одговори, тогаш мислам дека шансите да изгубите се многу големи.

Многу е лесно да се обвинат финансиските аналитичари кои даваат свои видувања и анализи за пазарот, или пак за загубата да се обвини некој кој ни препорачал да инвестираме во конкретна акција само затоа што на него му се допаѓала таа компанија.  Едниствениот виновник сме самите Ние, бидејќи одлуката за купување и/или продавање ја носиме ние.  Ние сме виновни ако не можеме правилно да управуваме со ризикот.

Ако изгубиме пари, тогаш тоа е наша вина, не никој друг. А кога заработуваме и тоа е повторно поради нас и никој друг.

Автор: Снежана Поповска

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина