18 Април, 2024
0.0262

Во „Мал одмор“ за Нова Година

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Кафеаната Мал Одмор кај Симпо, на улицата Партизанска, одамна не постои. Но, за волја на вистината, сега непостоечката кафеана беше само римејк на стариот Мал Одмор.Тој беше скриен меѓу обичните куќи на улицата 29-Ноември, веднаш зад Универзална. Со оваа синдикално-акчиска меана во далечните 60-ти години го врзувам еден од првите, ако не и прв пречек на Новата Година.

Не се сеќавам ни на времето, ни на околностите кога се случи тој, за мене и неколкуте помали или поголеми учесници во тој епохален настан да се биде заедно со родителите на пречек на највеселата ноќ. Колку за појаснување, моите припаѓаа на едно широко, многубројно друштво, кое имаше и свое име-Мау Мау. Долго си мислев дека тоа е нешто поврзано со мачешко маукање или некаква си кратенка што само за нив имаше разумно значење.

По десетлетја одгатнав, Мау Мау беше ратоборно племе од Кенија што се спомнувало во тие години на вестите на Радиото, до ослободувањето од колонијално ропство на земјата на Џомо Кенијата, подоцнежниот осведочен неврзан пријател на покојниот Маршал. Одредницата племе беше, претпоставувам, најблиската до поврзаноста на мијачките роднини и пријатели кои заедно го поминуваа секој пријатен и непријатен момент од престојот и животот далеку од некогашните пребивалишта и родни места од под Бистра.

Со чесни исклучоци, меѓу кои и мојот татко, сите беа малтерџии и мајсторинки, а имаше и келнери, заминати уште како деца на гурбет во Белград. Од ред имаа кафеански београдски шлиф, полни со сочен хумор, одредени беа пејачи, но и со добар цуг, како што велеа. А и што да не? Беа млади, среќни, сите со убави и едри невести до нив и чопори џагуриња од најмали до веќе стасани девојки и момчиња, во зависност од тоа кога и колку престојувале дома, толкаво им било и потомството.

Во Мал Одмор како келнер работеше еден член од друштвото и затоа не било тешко да се донесе одлуката за местото на пречекот. Ниту менито не претставувало пречка, ќе се јаде и пие она што ќе се донесе од дома. Вечерта на 31-ви секој дом, има толку многу лапачка и пијачка, како да претстои крај на светот или не дај боже атомска војна. Имаше за неколку прослави или за неколку друштва. Но кога му влегоа, братче, на мезето, пијачката, па на сармите, прасечкото и другите ѓаконии, ракијата и виното се виде правилното димензионирање.

Салата беше пристојно голема, со висок таван, неколку лустери, округли и не баш свежо исчистени. Насред кафеаната печка на дрва добро разбаботена со ќунци црни и долги што го водеа чадот низ еден од прозорците, на кој окното беше заменето со плех. На челниот sид, ај погодете чии, големи фотографии на Тито и Лазо, се разбира, над чии рамки имаше синџири од растеглива хартија во црвено-бело-сина боја, а која друга? Вакви синџири се протегаа од агол до агол, а карши елка. Природна, со два-три лампиона, неколку свеќички на постолја со штипки што се закачуваа на гранките, кукла маскирана во Дедо Мраз и врз гранките парчиња вата, за доловување на снегот. Кога се запалија свеќичките од невнимание пламна и елката, на општа смеа, а нам ни беше искрено криво, го снема снежецот!

Ние бевме пикнати во еден агол под постојана присмотра на некој од веселата тајфа кој постојано не прекоруваше „само ако сте заспале”. Немаше спиење во вистинската слaва од високи и длабоки доброукомпонирани гласови, песни од секаде, но и подвриснувања од мајките и тетките (тогаш бевме мали за да ја знаеме причината). На полноќ некој ги угасна сијалиците, паднаа честитки и неколкумина запалија прскалки жижици како што ги викавме. Потоа се изигра партија-две мунти 31 за да се проба среќата и фајронт.

Среќна Нова  1950 и некоја Година!!!! 

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок